Достапни линкови

Туристи имат, паркинг немат


Она што му недостасува на Охрид се паркинг места, особено во период кога градот е полн со гости. Овој проблем на виделина излезе за Велигденските празници, велат туристичките работници.

Продолжениот првомајски викенд ќе донесе повеќе гости во Охрид, велат туристичките работници од овој град. Како и вообичаено така и сега најбројни ќе бидат домашните гости, но и оние од соседните држави. Според најавите, најмногу ќе има Црногорци, вели Лупчо Јузмески туристички водич.

Апел до граѓаните на Охрид, дента ако мислат да одат во чаршија нека земат такси за да им остават место на туристите, се додека не се реши прашањето со паркинг просторот во Охрид.
Лупчо Јузмески, туристички водич.

„За Први мај во Охрид најавени се повеќе туристи, како и минатите години нашите Македонци кои ќе го посетат Охрид, како и од Албанија, Косово, Србија, Бугарија и од јужниот сосед. Една агенција од Подгорица традиционално доаѓа за 1 Мај во Охрид, веќе пет години. Ние имаме програма која вклучува посета на Струга, разглед на стариот дел на Охрид, неколку цркви, а потоа Билјанини извор, Музејот на вода и Свети Наум“, вели Јузмески.

Она што му недостасува на Охрид се паркинг места, особено во период кога градот е полн со гости. Овој проблем на виделина излезе за Велигденските празници.

„Гужвата се прави од индивидуалните туристи кои со автомобил доаѓаат и од локалните жители кои до плоштад сакаат да одат со автомобил, ќе нема повторно доволно паркинг како за Велигден. Апел до граѓаните на Охрид, дента ако мислат да одат во чаршија нека земат такси за да им остават место на туристите, се додека не се реши прашањето со паркинг просторот во Охрид.“

И во Вевчани се очекува зголемен број на гости за првомајските празници. Никола Баткоски од ресторанот Виа Игнација вели дека дел од резервациите биле направени уште пред две недели и оти најголем број од гостите ќе бидат домашни, но ќе има и странски туристи.

„Со странците веќе е договорено традиционално вевчанско јадење, како што се вевчански пита, ајвар, месо под сач и други македонски традиционални јадења“, вели Баткоски.

Вевчани има сериозен проблем со сместувачките капацитети и со паркинг места, додава тој.

„Вевчани е помало место и нормално е да има помалку сместувачки капацитет. Но отворени се скоро два нови ресторани, отворен е скоро и хотел. Се надевам и на нови сместувачки капацитети. Во разговор со градоначалникот мислам дека се работи да се направи и паркинг за опслужување на туристите“, вели Баткоски.

XS
SM
MD
LG