Во Куманово се зголемува бројот на заболените од жолтица, инфективна болест, наречена и болест на нечисти раце. Во однос на 2013-та, кога биле регистрирани 15-16 лица, 2014-та година кога е прогласена епидемија, бројот на заболените е стотина. Во Центарот за јавно здравје епидемиолозите појаснуваат дека тоа се циклични периоди на појавување на оваа болест, од која главно се инфицираат децата. Заболени од жолтицата тип А се од Ученичкиот дом во селото Драгоманце, Општина Старо Нагоричане, но и од централното градско подрачје на Куманово, меѓу кои има и возрасни.
Од почетокот на 2014 бројот на заболените е сто и четири лица. Се очекува бројот да се зголемува, бидејќи епидемијата е контактна.Јадранка Стојмановска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Куманово.
„Од почетокот на 2014 бројот на заболените е сто и четири лица. Се очекува бројот да се зголемува, бидејќи епидемијата е контактна. Центарот за јавно здравје ги презема сите мерки во однос на едукација, на превентивна дезинфекција, како во домовите, епидемиолошки го извидува теренот. Но имајќи предвид дека и останатите градови се во епидемија, за време на зимскиот распуст можеби бројот ќе се намали“, вели доктор Јадранка Стојмановска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Куманово и додава дека инкубацијата е три недели.
Што се однесува до превентивата за спречување на појава на оваа контактна инфективна болест, епидемилогот објаснува дека најважно е одржување на лична и општа хигиена, особено правилно миење на рацете.
„Пред оброците тоа е задолжително. Онаа дезинфекција на работните површини, во училиштата, во тоалетите и во самите домови би ни овозможила како превентивна мерка за спречување на ширењето на ова заболување.“
И покрај тоа што граѓаните сметаат дека во 21-от век одржувањето на хигиената е на повисоко ниво, анкетите на стручњаците покажуваат нешто друго.
РСЕ: Какви се вашите сознанија во однос на одржувањето на општа и лична хигиената?
„Службата за здравствено воспитување при Центарот за јавно здравје врши континуирана едукација преку предавања во училиштата, како превенција. Меѓутоа, голем процент на заболените покажува дека се од ниско социјалните слоеви, со лоши санинтарно-хигиенски услови докажува дека оваа мерка во нашите анкети покажува дека не се практикува. Хигиенското миење раце не се практикува. Тоа е резултат на нискиот стандард на населението.“
Според епидемиологот Стојмановска застапени се сите возрасни групи, но најзастапени се лицата на училишна возраст. Заболените се хоспитализираат на Инфективното одделение, на две до три недели, а потоа во домашни услови продолжува изолацијата. Инфективното одделение во Општата болница во Куманово е опремено и може да ги прими заболените, вели доктор Стојмановска.