Партиски препукувања меѓу битолските советници од власта и опозицијата настанаа поради камера која ја снимаше работата на Советот. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека се работи за партиска камера на СДСМ, а не за медиумска. Ваквите реакции следуваа откако неодамна на интернет беше презентиран видео клип снимен од истата камера на кого претседателката на Советот, Силвана Ангелевска, се смее додека советникот од НСДП, Благојче Котевски, зборуваше за работата на градоначалникот.
Службите да побараат легитимирање на снимателот и медиумот да достави службено известување дека е официјално овластен.Игор Хаџиевски, ВМРО-ДПМНЕ.
Благоја Шаклевски и Игор Хаџиевски, советници од ВМРО-ДПМНЕ реагираа:
„Ние не се плашиме она што се дискутира овде да допре до јавноста. Но, со оглед на сериозноста на последниот случај каде што дрско, безобразно беше злоупотребена снимка од така нареченото камерче на СДСМ, кое се декларира како камера на медиум, а чии што снимки ги гледаме на партискиот јутуб канал на СДСМ и на пиратски јутуб канали кои се претставуваат како совет на Општина Битола, сметам дека веќе не е толку наивно прашање, туку за сериозно кое заслужува дискусија“, рече Шаклевски.
Не обвинувате за работи кои не држат место. Овде на јавна расправа присутни се камери. За мене, за СДСМ и за коалиционите партнери секоја камера значи допир до граѓаните и транспарентност за нашата работа.Наташа Петровска, СДСМ.
„Секој медиум овластено има право да ги следи седниците на Советот, но овластен медиум, а не овластен од партија. Службите да побараат легитимирање на снимателот и медиумот да достави службено известување дека е официјално овластен. Во спротивно тие што го поддржуваат го туркаат снимателот во кривично дело, неовластено снимање“, рече Хаџиевски.
Советниците од опозицијата возвратија дека камерата не е нивна, седниците се јавни и дозволено е да се снимаат.
„Не обвинувате за работи кои не држат место. Овде на јавна расправа присутни се камери. За мене, за СДСМ и за коалиционите партнери секоја камера значи допир до граѓаните и транспарентност за нашата работа“, рече Наташа Петровска од СДСМ.
„Во статутот пишува дека седниците на Советот се јавни и дека јавноста може да се исклучи по одредени прашања. Но, таа не може да се исклучи кога се дискутира за буџет и за урбанистички планови. Да зборуваме за транспарентност, а да се залагаме да нема камери и ги поврзуваме со политички партии“, рече Валентин Груевски од ЛДП.
Инаку, седниците на Совет редовно ги снимаат битолските телевизии и камермани од национални медиуми во зависност од точките на интерес и до сега немале проблем при вршењето на работата.