Достапни линкови

Споменик на паднатата демократија


Опозицијата одбележа две години откако беше исфрлена од парламентот. Што се сменило во општеството од тој 24 декември?

Со поставување на картонски споменик на кој пишува „Парлемантарна демократија 8 јануари 1991-24 декември 2012“ во тревникот пред Собранието, опозицијата денеска го одбележа денот кога пред две години беше исфрлена од парламентот при расправата за носењето на буџетот.

Ќе и ставиме точка на намерата на власта да продолжи до конечната пресметка со слободата на говорот, со демократијата, со слободата на избор на граѓаните.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

„Две години по смртта на парламентарната демократија во Македонија, пред овој споменик на „црниот понеделник“ порачуваме – Ќе и ставиме точка на намерата на власта да продолжи до конечната пресметка со слободата на говорот, со демократијата, со слободата на избор на граѓаните“, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев на прес конференцијата пред Собранието, која ја следеа и поддржувачи на партијата.

Што всушност се смени по тој 24 декември во општеството? Од тогаш досега имаше неколку обиди за надминување на проблемите но неуспешни. Имено мартовскиот договор со кој опозицијата по бојкотот во 2012 година се врати во парламентот беше потпишан со силно посредство на меѓународната заедница и само привремено ги реши проблемите па блокот тогаш предводен од Бранко Црвенковски одлучи да учествува на локалните избори.

Опозицијата постави споменик пред Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:33 0:00

Дојде и до смена на партискиот лидер, но и сегашниот Заев се одлучи на ист чекор, бојкот откако годинешните избори ги прогласија за нерегуларни. Со својот политички опонент Груевски се сретна два пати, но само еднаш на средба и тоа неуспешна, а втор пат на суд.

Срушена е парламентарната демократија и воспоставен е дефакто нов либерален систем во Македонија. Втората поука е недовербата и ривалството која се префрли и во опозицискиот блок со разни криења, недоверби и нереализирање на некои ветувања кои беа давани на голема врата.
Арсим Зеколи, политички аналитичар.

И овој пат меѓународната заедница се обиде да посредува за надминување на кризата, но засега неуспешно па в петок е закажана и седницата за одземање на мандатите по која сите очекуваат кризата уште повеќе да се продлабочи. Според аналитичарот Арсим Зеколи две години потоа може да се заклучи дека неколку клучни работи се смениле во земјава.

„Срушена е парламентарната демократија и воспоставен е дефакто нов либерален систем во Македонија. Втората поука е недовербата и ривалството која се префрли и во опозицискиот блок со разни криења, недоверби и нереализирање на некои ветувања кои беа давани на голема врата. Трето, во јавноста се промовираше една нова култура на неказливост и тоа промовирана од нависока инстанци во која низ насилство може да се примени се, со поткрепа на правни, легалистички формулации изгласани од мнозинството“, вели Зеколи.

Тој додава дека сепак по случувањата од 24 декември произлегло и нешто добро.

„Граѓаните спонтано разбраа дека институциите само по себе се само згради и тие не се ништо посебно, доколку низ нив не се ефектуира волјата на гласачите и духот на претставителноста на граѓаните, затоа парламентаризмот наместо во згради, почна постепено да се гради во општеството преку самоорганизирање, како што ги гледаме сега студентите, а тука беше револтот поради хонорарите и мислам дека тоа ќе продолжи и понатаму“, вели Зеколи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG