Достапни линкови

Виртуелната реалност на македонската хибридна демократија


Фридом хаус ја стави Македонија во групата на транзициски влади или хибридни режими. Се менува ли перцепцијата на меѓународната заедница за случувањата во земјава?

По повеќе од 10 години, во кои Македонија беше оценувана како делумно консолидирана демократија, годинава во извештајот на Фридом Хаус земјава е ставена во групата на транзициски влади или хибридни режими. Од земјите во регионот, во истата група со Македонија се Албанија и Босна и Херцеговина, додека Косово е во групата Делумно консолидирани авторитарни режими и територии под меѓународна власт. Словенија е во групата консолидирани демократии, додека Србија, Хрватска и Црна Гора се во групата делумно консолидирани демократии, во која до минатата година беше и Македонија.
Досега беа парцијални тие елементи на проблем со медиумите, со власта и слично, а сега во моментов дојде до таков вид на кумулирање коешто не претставува само квантитативно менување на ситуацијата, туку може да биде перцепирано како нов, поинаков негативен квалитет.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.


Професор Мирјана Најчевска вели дека се надева оти перцепцијата на меѓународната заедница за случувањата во Македонија конечно се менува.


„Некако меѓународната заедница како да задоцни со промената на перцепцијата и покрај големиот број објективни и субјективни сигнало коишто веќе подолго време доаѓаа од Македонија и од она што се случуваше тука. Досега беа парцијални тие елементи на проблем со медиумите, со власта и слично, а сега во моментов дојде до таков вид на кумулирање коешто не претставува само квантитативно менување на ситуацијата, туку може да биде перцепирано како нов, поинаков негативен квалитет“, вели Најчевска.
Ние имаме една политика на селективно информирање во последниве неколку години, токму со цел да се направи една виртуелна реалност.
Жанета Трајкоска, директорка на Високата школа за новинарство и односи со јавност.


Опозицискиот СДСМ вчера реагираше дека власта е одговорна што за прв пат во извештај на меѓународна организација директно се споменува зборот „режим“. Македонските медиуми блиски до власта, пак, го премолчаа извештајот, а дел од нив констатираа дека „Фридом Хаус ги одработува парите на Сорос“, и покрај тоа што главните забелешки во извештајот се токму во однос на медиумите, односно за затворањето на новинарот Томислав Кежаровски и за исфрлањето на новинарите од Собранието на 24 декември 2012 година.

Директорката на Високата школа за новинарство и односи со јавност, Жанета Трајкоска, вели дека извештајот на Фридом хаус беше „студен туш“ за македонската јавност, иако таму се констатира нешто што веќе сите го знаат.

„За жал, ваквото селективно информирање или, пак, едноставно игнорирање на одредени информации не е денешна или вчерашна ситуација којашто прв пат ни се случува. Ние имаме една политика на селективно информирање во последниве неколку години, токму со цел да се направи една виртуелна реалност во којашто би живееле македонските граѓани“, вели таа.

Трајкоска вели дека ефектот од таквото медиумско известување е краток, односно јавноста може одредено време да биде држена во заблуда, но оти штетата што им ја прави на македонското општество и демократија е долгорочна.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG