Достапни линкови

Новинарството доживува слободен пад


Денеска се одбележува денот на слободата на медиумите ширум светот. Во какви услови работат македонските новинари. Со кои проблеми се соочуваат. Колку политичкото влијание и зависноста од владините реклами ја поткопуваат независноста на медиумите. Дали проблем претставуваат и казните за клевета и навреда со кои се соочуваат новинарите. Колку состојбите во иднина можат да се подобрат.

Слободата на медиумите денеска се одбележува ширум светот. Но, македонските новинари и немаат што да слават, бидејќи се далеку од слободни. Професијата доживува слободен пад, а тоа го покажуваат и меѓународните извештаи.
Автоцензура. Тој збор најдобро ја резимира целата ситуација во Македонија. Автоцензурата достигна таков степен, што новинарите мораат да ја извршуваат професијата во клима која е сè потешка, дури и задушлива.
Антоан Ери, шеф на канцеларијата на „Репортери без граници“ за ЕУ и Балкан.


Во последниот на Фридом Хаус Македонија се најде на 122 место. Едно место подолу беше рангирана во последниот извештај на „Репортери без граници“ во кој се најде на 123 место. Според индексот за нивото на слободата на информирање во 180 земји во светот Македонија е пониско рангирана за шест места во однос на претходната година. Извештајот го одразува степенот на слобода што новинарите, новинските организации и мрежи ја имаат во секоја земја одделно, како и напорите направени од властите да ја почитуваат и унапредуваат таа слобода.


Шефот на канцеларијата на „Репортери без граници“ за ЕУ и Балканот, Антоан Ери изјави дека според сите параметри Македонија си го заслужила местото. Според него, Македонија за 4 години доживеала вртоглав пад од 87 места поназад и тоа јасно говори за ерозијата на слободата на изразувањето во медиумите.
Ние говориме за правото на новинарите да известуваат, за правото на новинарите да не ги кријат информациите, да не манипулираат, да не лажат.
Тамара Чаусидис, ССНМ.


„Зошто Македонија е толку ниско рангирана? Контекстот во Македонија е во исто време и едноставен и сложен. Едноставен е, зашто се опишува со еден збор: автоцензура. Тој збор најдобро ја резимира целата ситуација во Македонија. Автоцензурата достигна таков степен, што новинарите мораат да ја извршуваат професијата во клима која е сè потешка, дури и задушлива“, рече Ери.


Но не само во меѓународните, туку и во извештајот на Самостојниот синдикат на новинари беа нотирани проблемите со кои се соочуваат новинарите во однос на нивните работнички и професионални права во земјата. Новинарите се соочуваат со цензура, мобинг, несигурна работа, откази и низок економско-социјален статус. Во истражувањето беа опфатени 300 испитаници, од кои 98 проценти се новинари. Претседателката на синдикатот Тамара Чаусидис вели дека цензурата во редакциите според испитаниците изнесува 65 проценти, а на автоцензура 57, што е катастрофално висока, која треба да ги замисли сите.
Очигледно е дека дел од медиумите, особено телевизиите и интернет порталите се поангажирани би рекла и од самите партии во афирмација на партиските политики, особено на партиите од власта и оцрнување на нивните политички противници.
Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми


„Прашањето на слободно и професионално новинарство, не е прашање само на новинарите, тоа е прашање на демократскиот капацитет на едно општество. Она што е страшно е што ние, во 21 век, 20 години од независноста на Македонија, од плурализам, ние говориме за некои елементарни работи. Ние говориме за правото на новинарите да известуваат, за правото на новинарите да не ги кријат информациите, да не манипулираат, да не лажат.“

Според Ери, проблемот е во македонските власти имаат влијание кое е нетолерантно кон редакциите, што е неприфатливо за една земја која сака да стане членка на ЕУ.

„Значи станува збор за еден интервенционизам којшто во последно време е многу изразен и навистина нас ни е многу жал поради тоа. Се чини дека за сега редакциите не се во можност да одговорат на овој интервенционизам и прашањето што се наметнува е да одлучиме зошто е тоа така“, вели Ери.
Тие информации кои се добиваат, особено за време на избори, од страна на поголемите медиуми, односно националните медиуми во Македонија се земаат со огромна доза на резерва и тие на некој начин се занемаруваат од страна на граѓаните, сметајќи дека се во функција на одредена политичка партија.
Артан Садику, Институт за општествени и хуманистички науки.


Директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска, вели дека медиумското известување ниту е непристрасно и избалансирано, ниту има дистанца од политичките субјекти како што стои во кодексот на новинарите.

„Очигледно е дека дел од медиумите, особено телевизиите и интернет порталите се поангажирани би рекла и од самите партии во афирмација на партиските политики, особено на партиите од власта и оцрнување на нивните политички противници“, вели Петковска.


Артан Садику од Институтот за општествени и хуманистички науки вели дека никаде во светот не се исклучува можноста медиумските куќи да имаат политичка преференција, но никогаш не се става под прашање професионалноста на известувањето.
Тие мора да обезбедат целосна транспарентност и тоа веќе и нанесува штета на медиумската средина во земјата. Но, проблемот мора сега да се реши и јас натаму ќе го покренувам прашањето со властите од земјата.
Дуња Мијатовиќ, претставничка на ОБСЕ за слобода на медиуми


„Она што кај нас во последните години се случува е тотално занемарување на тој принцип на професионалност и имаме на некој начин отворање на паравани или преземање на медиуми од страна на политичките партии со што, особено за време на избори, тие медиумски машинерии се мобилизираат во услуга на една или друга политичка партија со што целосниот јавен медиумски простор станува недостоен медиум како таков“, вели Садику.


Особено поради интензитетот на препукувања кои се случуваат во медиумите, особено пред избори, самите граѓани сфаќаат дека јавните гласила се ставени во функција на поддржувачи на одредени политички партии, вели Садику.
Јас не можам да кажам дали трошењето е законско или незаконско. Можам само да кажам дека оваа влада троши многу пари кои сигурно се мерат со милиони евра. Тоа е нивна практика и стил на работење и владеење, кој ќе продолжи и понатаму, а почетоците се многу години наназад.
Мирче Адамчевски, поранешен претседател на Советот за радиодифузија.


„Сметам дека тие информации кои се добиваат, особено за време на избори, од страна на поголемите медиуми, односно националните медиуми во Македонија се земаат со огромна доза на резерва и сметам дека тие на некој начин се занемаруваат од страна на граѓаните, сметајќи дека се во функција на одредена политичка партија, односно на нивните предизборни кампањи“, вели Садику.

Репортери без граници ги детектираат причините зошто во медиумите нема отпор за интервенционизам. Според Ери, најголемиот проблем е државното рекламирање.


„Тоа е всушност поради врската меѓу политичките структури и сопствениците на медиумите, поради економска концентрација, медиумска концентрација, но исто така се работи за финансиски проблем, особено на печатените медиуми. Тие доживуваат криза без преседан поради падот на продажбата и се повеќе зависат од рекламирањата, особено од државното рекламирање и од рекламирањето од приватниот сектор. Јас сметам дека главниот проблем е државното рекламирање, вели Ери.
Се додека постои било какво ограничување во нивната работа до тогаш новинарството ќе биде под знак прашалник, бидејќи е подложно и на автоцензура, мобинг и несигрна егзистенција, како и краткотрајните договори за работа кои не ја обезбедуваат слободата.
Јасмина Поповиќ, потпретседателка на Меѓународната федерација на новинари


Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиуми, Дуња Мијатовиќ, при посетата на Скопје побара од Владата целосна транспарентност во рекламирањето, бидејќи, според неа, тоа му нанесува штета на медиумското опкружување во земјата.

„Тие мора да обезбедат целосна транспарентност и тоа веќе и нанесува штета на медиумската средина во земјата. Но, проблемот мора сега да се реши и јас натаму ќе го покренувам прашањето со властите од земјата“, вели Мијатовиќ.
Јасмина Поповиќ.
Јасмина Поповиќ.


Но, Владата години наназад не открива колку пари годишно троши на рекламирање. На медиумите секојдневно можат да се сретнат реклами од владата за се и сешто. Поранешниот претседател на Советот за радиодифузија Мирче Адамчевски вели дека се работи за милионски суми.

„Јас не можам да кажам дали трошењето е законско или незаконско. Можам само да кажам дека оваа влада троши многу пари кои сигурно се мерат со милиони евра. Тоа е нивна практика и стил на работење и владеење, кој ќе продолжи и понатаму, а почетоците се многу години наназад“, вели Адамчевски.

Тој додава дека не очекува владата да биде транспарентна и податоците за трошењето на парите се третираат како државна тајна.

„Тоа значи дека и натаму ќе продолжи со таквиот начин на рекламирање и да купува одредени медиуми. Значи дека тие медиуми ќе мора да одработуваат за владата без разлика дали ќе сакаат или не. Сето тоа наведува до нарушување на пазарот на медиуми во државата. Едни медиуми се наградуваат и добиваат пари. Додека други се доведуваат во незавидна положба“, додава Адамчевски.

Провладините медиуми не само што обработуваат за владата, туку за време на изборите имавме примери кога воопшто не известуваа за скандалите во кои беа вмешани нејзини претставници, како премиерот Никола Груевски и некои од министрите. Според експертите во континуитет години наназад провладините медиуми објавуваат тоа што сакаат или тоа што им е наложено и веќе е познато до кое дереџе е дојдено македонското новинарство. Адамчевски вели дека не е изненаден што комерцијалните телевизии не известуваа за аферата, бидејќи тие имаат свои интереси и се под големо влијание од бизнис фелата и владата. Но, тој е изненаден од односот на јавниот сервис.

„Јавниот сервис мора да ги објави тие работи, тоа му е обврска, бидејќи тој не е државен, не е владин, тој е јавен, општествен сервис. Не ме изненадува што комерцијалните медиуми не го објавија, сметам дека тие работи требаше да се објават, но има некоја позадина, веројатно онаа што сите го знаат, дека тие се диригираат од еден центар, иако професионалниот однос налага тие работи да бидат објавени.“

Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР покажува дека најголем дел од медиумите врз кој бил спроведен мониторинг биле во голема мера пристрасни во полза на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот кандидат Ѓорѓе Иванов, а главно негативни за опозицијата. Друг проблем за новинарите се високите казни за клевета и навреда за новинарите на кои и се осврна и Мијатовиќ, кои според неа се високи и со тоа може да се доведе во опасност медиумскиот плурализам. Македонија за прв пат има и новинар кој е осуден на четири ипол години затвор за напишан текст. Случајот на Томислав Кежаровски наиде на осуда кај меѓународната заедница, а тој во моментов се наоѓа во домашен притвор, каде ја чека правосилноста на пресудата. Адамчевски вели дека веќе има еден куп новинари кои што се тужени на суд, што значи дека и покрај законот тие не се заштитени.
Со специјалци против мирен протест
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:59 0:00
Директен линк

„Зборувам законот за навреда и клевета, којшто се сметаше дека ќе донесе некаков ред, меѓутоа очигледно судиите се под притисок на тужителите, а обично тужителите се секогаш некои моќни луѓе, дали од власта, дали од бизнисот и нормално новинарите ги губат тие процеси“, вели Адамчевски.
Чаусидис смета дека новинарите не се заштитени на повеќе нивоа и се изложени на губење на работно место преку закани за тужби.

„Тоа уште еднаш ја потврдува тезата дека проблемот на тужбите за клевета и навреда не беше и не е проблем на тоа дали законот се наоѓа во граѓанска или кривична постапка, туку е проблем на праксата која продолжува јавните функционери, носителите на моќта да ја злоупотребуваат заканата со тужба за клевета и навреда за да се справат со критичките написи“, вели Чаусидис.
Според Адамчевски, проблемот не е толку во законот, ниту во новинарите кои професионално си ја извршуваат работата, туку во судството.

„Треба да се работи во судството тоа да се отстрани, тие не треба да потклекнуваат, треба да покажат дека се навистина независни, меѓутоа во земја во која што нема демократски капацитет, нормално дека такви работи тешко се спроведуваат“, вели Адамчевски.

Според Чаусидис, дали состојбите во новинарството ќе се променат на подобро зависи од центрите на моќ.

„Она што ние можеме да преземеме го преземаме, меѓутоа доколку не се смени амбиентот, доколку кај центрите на моќ не постои навистина сериозна подготвеност нешто да се промени, а сите индиции се дека таа не постои, ништо друго не ни останува, освен неуморно да повторуваме дека прашањето за слободни и професионални медиуми е прашање на секој граѓанин на оваа земја.“

Потпретседателката на Меѓународната федерација на новинари, Јасмина Поповиќ вели дека новинарите кои ги немаат сите права од егзистенцијални до професионални не може да се наречат слободни.

„Така да се додека постои било какво ограничување во нивната работа до тогаш новинарството ќе биде под знак прашалник, бидејќи е подложно и на автоцензура, мобинг и несигрна егзистенција, како и краткотрајните договори за работа кои не ја обезбедуваат слободата. Исто така тоа е прашање и на сопственичката структура во медиумите кои мора да бидат свесни дека на новинарите мора да им обезбедат нормални услови за работа. Значи без притисоци од политичарите, огласувачите и сопствениците“, вели Поповиќ.

Таа додава дека пред се новинарите мора да се организираат. Тие мора да бидат и професионално и синдикално организирани преку своите здруженија и синдикатите.
Новинарите мора сами да се изборат за своите права
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:13 0:00
Директен линк

„Дури тогаш кога ќе станат организирани тие стануваат и партнери на работодавачите. Она што е неопходно за новинарите во сите земји, а особено во регионот каде состојбата со слободата на новинарите е многу лоша таму мора да бидат уште повеќе одлучни и организирани за да можат да се изборат за добра закон за работни односи не само за себе, туку и за сите други, како и добри колективни договори и да имаат сигурна заштита преку правосудството доколку нивните права бидат прекршени“, порачува Поповиќ.

На почетокот на годината беа донесени и нови закони за медиуми, на кои се противеа сите новинарски здруженија и синдикатот. Според нив, донесувањето на законите е со цел власта да спроведе целосна контрола врз медиумите. Мијатовиќ порача дека се многу добри и го поздрави фактот дека многу од забелешките на ОБСЕ биле прифатени. Сега, како што изјави таа, се влегува во една важна фаза кога треба да се види ефектот од законите и дали тие ќе ја подобрат состојбата со слободата на медиуми во земјата.

„Најважното е законите да бидат имплементирани на начин со кој ќе се промовира независноста на медиумите и да покаже инклузивност и да се слушне гласот на сите засегнати страни. Разговарав за имплементацијата и со претставниците на медиумската заедница.

Според неа, понатаму останува да се спроведат реформите во јавниот сервис и потенцира дека недостасува солидарност меѓу новинарите за прашањата од заеднички интерес. Мијатовиќ порача дека позитивно е тоа што медиумската заедница беше консултирана и зема удел во подготовката на законите. Целосната вклученост е единствениот начин да се подобри средината за медиумите без разлика колку тешко е тоа да се постигне.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG