Достапни линкови

„Бомбашки“ напад врз владината коалиција


По објавувањето на „бомбата“ можно е партијата на Али Ахмети да одлучи да излезе од владејачката коалиција, вели Тито Петковски од НСДП. Аналитичарите велат дека информации за случајот Монструм би го натерале Ахмети да го напушти Груевски.

Аферите Македонска банка и Актор се обична играчка за она што сега го поседува претседателот на СДСМ Зоран Заев тврди првиот човек на НСДП Тито Петковски, во интервјуто на Радио Слободна Европа што ќе го емитуваме во недела. Тој вели дека најавувана бомба била збир на различни документи, сознанија и релевантни факти за бескрупулозноста на власта во сите сфери од животот. Во врска пак со конкретна содржина на долго најавуваните наводни серија афери Петковски вели дека нема мандат да зборува.

Мислам дека најкраткиот пат за падот на Груевски е Ахмети. Излегувањето на Ахмети од владата ќе значи пад на Груевски, бидејќи неговата политика и политиката на Ахмети по дефиниција се националистички, популистички политики.
Тито Петковски, НСДП.

Во јавноста пак веќе се појавија гласини дека наводно се работело за информации поврзани со аудиоснимки за договарање на некаков криминал, местење тендери, докази за изборни манипулации, прислушување на новинари и неколку други шпекулации. Од СДСМ најавија и дека имаат докази за нешто што задирало во меѓуетничките односи.

Поради тоа се поставува и прашањето дали по објавувањето е можно партијата на Али Ахмети да одлучи да излезе од владејачката коалиција.

„Мислам дека е можно, бидејќи во секој случај, доколку Али Ахмети дојде во сознание за можноста владата да падне, а тој да остане на власт, веројатно дека кај него ќе предизвика чувство на потреба со силите коишто доаѓаат, со силите кои ќе ја преземат одговорноста да ја водат државата“, вели Петковски кој смета и дека владеењето на Груевски и на Ахмети се основало на креирање на националистички набој со цел освојување на гласови.

Битна информација би била случајот Монструм, кадешто ако излезе евентуално вистина во целина, како што претпочитуваат сите други, тие би биле многу трауматични и тука би бил крајот на ова коалицирање.
Алајдин Демири, политички аналитичар.

„Мислам дека најкраткиот пат за падот на Груевски е Ахмети. Излегувањето на Ахмети од владата ќе значи пад на Груевски, бидејќи неговата политика и политиката на Ахмети по дефиниција се националистички, популистички политики“, вели Петковски.

Од ДУИ денеска не беа заинтересирани да зборуваат за реперкусиите што би ги предизвикалата евентуалната таква информација.

Според аналитичарот Алајдин Демири можно е одредени информации да го натераат Ахмети да излезе од владата.

„Според мене битна информација би била некои договарања за да се заташкаат, односно за да не се решат одредени проблеми за да се добие во време. Битна информација би била случајот Монструм, кадешто ако излезе евентуално вистина во целина, како што претпочитуваат сите други, тие би биле многу трауматични и тука би бил крајот на ова коалицирање и тука би бил крајот на рационални меѓуетнички односи и тогаш се ви излегува од контрола “, вели Демири кој оценува дека ДПА во тој случај веројатно би се обидела да ја искористи ситуацијата, но како што додава не очекувал да понуди рационален излез од евентуална можна криза.

Инаку во интервјуто Петковски вели дека како опозицијата од политичкиот блок на Албанците имаат контакти со новата партија Беса и со струшкиот градоначалник Зијадин Села.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG