Достапни линкови

Кумановски Водовод се дави во долгови


ЈП Водовод Куманово не прави долгови, но постојано плаќа камати на стари, а главнината останува неплатена, се жали директорот Горан Стојковски.

Кумановското локално јавно претпријатие за водоснабдување на градот, ЈП „Водовод“, се дави во долгови кои се мултиплицираат. Дел од нив се реални, дел се фиктивни и со политичка заднина, вели директорот Горан Стојковски. Тој потсетува дека во јуни сите надлежни во државава се состанувале и разговарале сировата вода кон ЈП „Водостопанство-Кумановско-Липковско Поле“, „Водовод“ да ја плаќа по цена од 4,8 денари и да се направи договор за надминување на сите пречки. Потоа, според Стојковски, не бил постигнат договор за надминување и на техничките проблеми, за што бил известен и ресорниот министер, од кого сè уште нема одговор.

Ние ги прифативме фактурите, поучени од претходно искуство дека судските обжалувања по основ цена на вода ќе изгубиме.
Горан Стојковски, директор на ЈП Водовод Куманово.

Горан Стојковски, директор на ЈП Водовод Куманово.
Горан Стојковски, директор на ЈП Водовод Куманово.

„Пред 15-ина денови од „Водостопанство“ добивме фактури по цена од 6,4 денари. Договорот што беше постигнат во Министерството за земјоделство за „Водостопанство“ воопшто не е земен предвид. Ние ги прифативме фактурите, поучени од претходно искуство дека судските обжалувања по основ цена на вода ќе изгубиме. Фактурите ги препративме и со пропратно писмо со апел за нивна помош ги испративме до ресорното министерство. За да не се даде политички призвук на проблемот, за да ни кажат дали постигнатиот договор во јули е важечки или е само уште еден трик заради решавање на моментен проблем“, вели тој.

Ние функционираме како претпријатие со блокирана сметка за фиктивен долг. Водостопанство секоја година си ја зголемува цената на водата, а „Водовод“ само еднаш ја зголеми цената, во 2011-та година поради пречистителната станица на отпадни води. Социјалниот и економскиот аспект го ставаме пред што било друго.
Горан Стојковски, директор на ЈП Водовод Куманово.

РСЕ: Политика?

„Дефинитивно“, вели Стојковски и додава дека треба да се решаваат проблемите на народот, а власта треба да е одговорна кон оние што ија дале.

„Водовод“ не прави долгови, но постојано плаќа камати на стари, а главнината останува неплатена. Според Стојковски, она што во овој период исто така е ургентно се неисплатените придонеси на вработените, а тие со нивните семејства имаат проблем со здравственото осигурување. Сите средства од сметката на „Водовод“, која е блокирана, извршителот ги префрла на „Водостопнаство.“

„Луѓето се соочени со незгодна состојба. Преку нив се осигурани и нивните семејства и за каква и да е интервенција, тие се принудени да плаќаат од својот џеб од и онака малите приходи“, вели тој.

Стојковски вели дека сите можни начини биле исцрпени за да се регулира овој проблем, меѓутоа досега нема никакви сигнали.

За состојбата на водоводната и канализационата мрежа, тој вели дека во Куманово вода нема само кога „Водостопанство“ ќе ги затвори вентилите и тогаш кога во некој дел од градот ќе се случи голем дефект.

„Дефектот го решаваме во рамките на нашите можности и верувајте со максимална брзина. Кај нас е проблемот тоа што сме должни“, вели директорот на кумановски Водовод.

Токму затоа, појаснува Стојковски, и добавувачите не се јавуваат на нивните тендери, а и тие што ќе се јават ставаат многу високи цени вклучувајќи го и ризикот од ненавремено плаќање. Времето се одолговлекува, „Водовод“ мора да се снаоѓа, пет до шест дефекти накилометар мрежа да ги отстранува, вели тој.

„Ние функционираме како претпријатие со блокирана сметка за фиктивен долг. Водостопанство секоја година си ја зголемува цената на водата, а „Водовод“ само еднаш ја зголеми цената, во 2011-та година поради пречистителната станица на отпадни води. Социјалниот и економскиот аспект го ставаме пред што било друго“, вели тој.

Според Стојковски, во мрежата 50 отсто од купената вода се губи како и секаде во Македонија. Причина се административни и технички загуби. Првите се поради нередовно читање на водомерите и дефекти, а второто поради дел од застарена мрежа која од тешката финансиска состојба не може да се обнови.

За ублажување на овој проблем на претпријатието, Стојковски вели дека се во очекување „Водовод“ да добие некаква инфузија од грантови и други дотации.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG