Достапни линкови

Водни игри без граници во Куманово


Протест поради снабдувањето со вода во Куманово.
Протест поради снабдувањето со вода во Куманово.

Централната и локалната власт во Куманово треба да ги остават на страна партиските несогласувања и да им обезбедат на Кумановци нормално водоснабдување.

По разговорите со надлежните во локалната и централната власт и одговорните од двете водоснабдителни претпријатија во Куманово времено е нормализирано водоснабдување на над десет илјади жители кои безмалку цел месец немаа вода. Во текот на оваа седмица треба да се најде трајно решение, ЈП „Водовод“ под локална и ЈП „Водостопанство“ под централна власт да ги остават на страна партиските бои и препукувања, водата да си ја врати безбојноста, а водокорисниците кои редовно ги плаќаат сметките да имаат нормално водоснабдување.

Да седнеме и да потпишеме договор со цена која ќе биде одредена преку Министерството за земјоделие. Проблемот не е во бај-пасот – технички, туку проблемот е висината на цената.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

Граѓаните се надеваат и очекуваат дека ќе престанат водните игри без граници на двете политички опции преку нивниот грб, во спротивно тие ќе преземат порадикални мерки. Тие сакаат вода, но дали проблемот ќе се надмине се чини останува неизвесно.

Градоначалникот Зоран Дамјановски очекува дека деновиве во помирна атмосфера ќе се изнајде решението, во спротивно јавно и масовно изразување револт на граѓаните кои немаат нормално водоснабдување ќе биде оправдано.

„Да седнеме и да потпишеме договор со цена која ќе биде одредена преку Министерството за земјоделие. Проблемот не е во бај-пасот – технички, туку проблемот е висината на цената“, вели Дамјановски.

Се снаоѓаме со шишиња. Смрди и купатило и кујна. Цела ноќ чекаме за капка вода.
Анкетиран граѓанин.

Водовод и локалната власт договорот за водоснабдување со Водостопанство досега не го потпишале поради високата цена одредена од Водостопанство, која, пак, им се наметнува на водокорисниците. Цената на водата е највисока од сите цени на вода во државава. Водовод во изминатиот период постапно ги подмирува долговите кон Водостопанство, што водокорисниците не ги интересира. Тие сметките ги плаќаат редовно.

„Сметките ги добиваме редовно и ги плаќаме и кога немаме вода. Ги имаме платено и последните сметки иако цел месец немаме вода.“

„Се снаоѓаме со шишиња. Смрди и купатило и кујна. Цела ноќ чекаме за капка вода.“

„Нас не нè интересира ни бај-пас. Ние сакаме вода, кога ги гласаме добри сме.“

„Нас граѓаните од населбата Карпош најмалку не интересираат проблемите помеѓу Водовод и Водостопанство. Ние имаме потпишано договор со Водовод за редовно снабдување со вода и сакаме тој договор да се испочитува“, велат револтираните граѓани од населбата Карпош и додаваат дека водата преку водоводната мрежа ја добиваат од алтернативните извори кои се во надлежност на ЈП „Водовод“ и локалната самоуправа.

Токму затоа и бескомпромисно бараат нормално водоснабдување, оти како што велат преку глава им е поради политичките конфронтирања тие да бидат во улога на пинг-понг топчиња.

Доколку двете инволвирани страни трајно не го надминат овој круцијален проблем од витално значење за секое живо суштество незадоволните граѓани ќе бараат од другите градови водата да им се дистрибуира со цистерни, но ќе преземат и други непопуларни мерки.

Незадоволни се и граѓаните од високите зони во градското подрачје, па и тие очекуваат трајно решение за водоснабдувањето.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG