Кон владата како главен виновник за ширењето на говорот на омраза и злосторствата од омраза, го вперија прстот организаторите на денешниот, шести по ред, Марш на толеранцијата во Скопје.
Сведоци сме на тоа како се шири омразата преку социјалните медиуми и како е фокусирана кон сите оние групи коишто не се по ќеф на владејачката структура.Уранија Пировска, Хелсиншки комитет за човекови права на Македонија.
„Сведоци сме дека изминативе години е зголемен бројот на кривичните дела од омраза. Сведоци сме дека е зголемена омразата кон сите оние кои по своите карактеристики се различни од мнозинството на населението во Република Македонија. Сведоци сме на тоа како се шири омразата преку социјалните медиуми и како е фокусирана кон сите оние групи коишто не се по ќеф на владејачката структура. Денешниот ден го посветуваме на сите жртви кои што поради својата различност биле жртви на дела сторени од омраза“, изјави Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.
Говорот на омразата е промовиран токму од највисоките институции на оваа земја.Џабир Дерала, невладина организација Цивил.
„Владата на Република Македонија во последните години практикува нетолеранција, промовира омраза против различните и ги остава неказнети сите што прават кривични дела, односно дела сторени од омраза. Говорот на омразата е промовиран токму од највисоките институции на оваа земја“, изјави Џабир Дерала од невладината организација Цивил.
Хелсиншкиот комитет и невладината „Цивил“ го организираа Маршот на толеранција, симболично, со почеток во пет минути до 12 часот пред Музејот на Град Скопје. Стотината учесници потоа го продолжија маршот кон владата и завршија во Старата скопска чаршија. Маршот го поддржаа десетина невладини организации.
Преку маршот тие уште еднаш го повикаа јавниот обвинител Марко Зврлевски конечно да се запознае со делата сторени од омраза, како нападот врз ЛГБТ-заедницата во кафулето „Дамар“ и, како што велат, конечно да почне да си ја врши работата.
Според Комисијата за заштита од дискриминација, пак, Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември, претставува можност за секој граѓанин да се декларира за толерантно општество без насилство, во кое се почитуваат човековите права.
Комисијата повикува на почитување на различностите и ги охрабрува граѓаните да поднесуваат претставки за дискриминација со цел нејзино намалување и подигање на свеста за почитување на човековите права, толеранцијата и дигнитетот на човекот кои му гарантираат сигурен и безбеден живот без насилство, омраза, непочитување и понижување.