Достапни линкови

ЛГБТИ заедницата ќе протестира, на ред се Обвинителството и МВР


Активистите на ЛГБТИ заедницата го блокираа Јавното обвинителство
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

Активистите на ЛГБТИ заедницата го блокираа Јавното обвинителство

Поддржувачите на ЛГБТИ заедницата денеска го блокираа влезот на Јавното Обвинителство, бараат инситуциите да ги расветлат нападите врз заедницата. Јавниот обвинител на Македонија, Марко Зврлевски рече дека е преоптимистично да се верува дека сторителите можат да бидат откриени за еден месец.

Луѓето од Националната мрежа против хомофобијата и трансфобијата денес одржаа протест пред Основното Јавно обвинителство, барајќи од надлежните да ги пронајдат напаѓачите на кафулето „Дамар“ во Старата скопската чаршија, кои минатиот месец повредија неколку луѓе за време на одбележувањето на двегодишнината од отворањето на центарот за поддршка на ЛГБТИ заедницата.

Ниедна од институциите не се одважи досега да даде одговор, да го испочитува минималното достоинство на оние кои го побараа. Ние повеќе немаме намера да бидеме безгласна буква и да им читаме барања не оние кои ги нулираат.
Учесник на протестот.

Учесниците во протестот истакнаа дека нема да даваат изјави за медиумите во врска со нападот, бидејќи сега институциите се оние кои треба да дадат одговори и да ги пронајдат напаѓачите. Најавија и дека секоја недела ќе протестираат пред институциите.

„Ние веќе немаме што да кажеме, сега треба да зборува Јавното обвинителство и МВР.“

„Од следната недела ќе лежиме мртви пред нивните институции! Ниедна од институциите не се одважи досега да даде одговор, да го испочитува минималното достоинство на оние кои го побараа. Ние повеќе немаме намера да бидеме безгласна буква и да им читаме барања не оние кои ги нулираат“, рекоа учесниците во протестот.

Колку што знам јас, се работи за настан кој што се случил пред еден месец. И верувам дека за еден месец да се откријат сторителите е преоптимистично и да се каже дека службите не работат. Сигурно дека работат и штом добиеме сознание ние ќе постапиме.
Марко Зврлевски, јавен обвинител на Македонија.

Тие го блокираа влезот на зградата на Јавното обвинителство и не дозволуваа да влезат ниту службениците, ниту граѓаните кои имаа приватни обврски, објаснувајќи им да почекаат протестот да заврши, бидејќи тоа е нивно уставно право.

„Го користиме правото на протест и во моментов не пуштаме никој да влезе. Луѓето можат само да излегуваат од зградата, бидејќи не ја ограничуваме слободата на движење. Ова е јавно место и го избравме за протест.“

„Ова е протест господине! Ние имаме уставно право да протестираме, ова е државна институција, а не приватен посед, а ние протестираме. А, за обвинителот имаме и фотографии, може да дојде и да ги види ако не му е јасно како да си ја спроведе истрагата“, рекоа учесниците во протестот.

И додека учесниците си заминуваа по завршувањето на протестот, пред зградата пристигна Јавниот обвинител на Македонија, Марко Зврлевски кој не можеше да ги избегне прашањата на новинарите. Тој рече дека е преоптимистично да се верува дека сторителите можат да бидат откриени за еден месец.

„За протестот не сум запознаен. По однос на тоа дали се преземаат дејствија, секако дека се преземаат во рамките на оперативните задачи што ги добиле надлежните служби од Јавното обвинителство и по добивањето на спроведените и завршените постапки Јавното обвинителство ќе одлучи во рамките на роковите кои ги има согласно законот. Колку што знам јас, се работи за настан кој што се случил пред еден месец. И верувам дека за еден месец да се откријат сторителите е преоптимистично и да се каже дека службите не работат. Сигурно дека работат и штом добиеме сознание ние ќе постапиме.“

На прашањата зошто долго време не се расветлени повеќе напади врз лицата на ЛГБТИ заедницата, Јавниот обвинител рече дека не е известен за таквите настани.

„Јас не сум известен за тоа колку и какви напади имале. Во јавното обвинителство можеме да провериме дали имаат пријавено настани, какви настани и што по тоа е постапувано.“

Нападот на кафулето Дамар во Старата скопска чаршија се случи на 23 октомври кога група од дваесетина лица го демолираа кафулето и повредија неколку лица за време на одбележување на годишнина од основањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG