Достапни линкови

Желбите на студентите во временска капсула


Студенти од Битолскиот Универзитет своите желби за тоа во каков свет сакаат да живеат во 2030 година ги напишаа на разгледници и ги затворија во временска капсула.

Свет во кој Македонија ќе биде дел од Европската унија, држава со квалитетно образование и поголеми можности за вработување. Вакви желби испишаа студентите од Битолскиот Универзитет за тоа во каков свет сакаат да живеат во 2030 година. Желбите испишани на разгледници се затворени во временска капсула која во следните 15 години ќе се чува затворена.

Да имаме поголема улога со своите активности и да добиеме значајна улога во ова општество.
Анкетиран студент.

„Иднината ја гледаме во квалитетно образование со кое би можеле да се вработиме на некое повисоко работно место.“

„Во иднина сакам во светот да нема повеќе дискриминација меѓу луѓето на богати и сиромашни или по националност и вера. А јас во иднина би сакал да бидам успешен ветеринарен доктор.“

„Нашиот пат кон Европската унија, во големото семејство на Европа.“

„Да имаме поголема улога со своите активности и да добиеме значајна улога во ова општество“, велат студентите.

Капсулата ќе се чува во ректоратот. Над неа е посадено и маслиново дрвце, па сигурни сме дека тие пораки ќе бидат во правец на подобрување на светот како место за живеење.

Капсулата е направена по идеја на студенти од Битолскиот универзитет, иако беше изработена на Архитектонскиот факултет во Скопје. Таа беше наполнета со пораки деновиве по повод одбележувањето на денот на Обединетите нации.

„Оваа симболика која почна како оригинална идеја на универизтетот се надевам дека ќе има поширока афирмација. Капсулата ќе се чува во ректоратот. Над неа е посадено и маслиново дрвце, па сигурни сме дека тие пораки ќе бидат во правец на подобрување на светот како место за живеење“, изјави Јованка Тутевска, проректор на Битолскиот универизтет.

Временската капсула ќе се отвори во 2030 година, исто така од студенти и ќе се направи согледување кои од желбите во меѓувреме се оствариле.

„Временската капсула има големо значење бидејќи во неа се содржани многу пораки и лични гледишта на студенти како се гледаат во 2030 година. По отворањето на оваа капсула би се прочитале интересни моменти кои веројатно до тоа време ќе бидат исполнети“, изјави Христина Петровска, претседател на Студентскиот парламент.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG