Достапни линкови

Младите лесно до дрога


Потребно да се направи поголема анализа на состојбите и надлежните да преземат поинтензивни превентивни и репресивни мерки против трговијата со дрога на национално и на меѓународно ниво, советуваат познавачите.

Младите многу лесно и на многу места можат да купат дрога и во последно време освен традиционалните дроги, ги конзумираат хемиските дроги и посовремената дрога кокаинот, за која постојат индиции дека се преработува во импровизирани лаборатории во повеќе балкански земји, вели поранешниот разузнавач, Стефан Буџаковски.

Има индиции дека во балканските земји, значи соседните земји на Македонија, постојат импровизирани лаборатории за доработка на дрогата, а дури може да се напомене дека не само за хероинот, туку и за посовремената дрога која многу се конзумира во последно време – кокаинот.
Стефан Буџаковски, поранешен разузнавач.

„Бидејќи Македонија претставува транзитно подрачје преку таканаречениот „балкански пат“ на дрогата, односно на транзитот на дрогата од „златната полумесечина“ и „златниот триаголник“, која преку Турција и Бугарија доаѓа во Македонија, има индиции дека во балканските земји, значи соседните земји на Македонија, постојат импровизирани лаборатории за доработка на дрогата, а дури може да се напомене дека не само за хероинот, туку и за посовремената дрога која многу се конзумира во последно време – кокаинот. Имаме доста случаи каде што е откриено дека кокаинот се претвора од базна состојба во кокаин производ“, вели Буџаковски.

Тој смета дека поради брзото ширење на трговијата со дрога, во Македонија е потребно да се направи поголема анализа на состојбите и според него надлежните треба да преземат поинтензивни превентивни и репресивни мерки на национално и меѓународно ниво.

Од почетокот на годинава до крајот месец септември, МВР заплени над 515 килограми разни видови на наркотици, а 130 лица беа приведени од страна на полицијата.
Иво Котевски, портпарол на МВР.

„Трговијата со дрога како масовна појава треба да се анализира од два аспекти – на национално ниво и на меѓународно ниво. Карактеристично за трговијата со дрога е тоа што во последно време се шири со огромна брзина, а меѓународната заедница и националните држави остануваат на примена на традиционалните средства и методи. Мојата препорака е дека поради огромното ширење на оваа појава треба да се преземаат поинтензивни мерки и на меѓународно и на национално ниво“, вели тој.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Иво Котевски, вели дека полицијата оваа година најчесто запленува марихуана, па потоа хероин, кокаин и други видови на дроги. Тој додава дека борбата против дрогата е еден од главните приоритети на МВР, кое се обидува да ја намали злоупотребата на наркотични средства меѓу младата популација.

„Токму од тие причини кон почетокот од годинава беше стартувана оперативната обработка „Мрежа“. Основна цел беше сузбивање на нарко мрежи и дилерски мрежи во градовите низ Македонија, преку кои се агитира меѓу младата популација и каде што се мобилизираат нови нарко зависници. Од почетокот на годинава до крајот месец септември, МВР заплени над 515 килограми разни видови на наркотици, а 130 лица беа приведени од страна на полицијата“, вели Котевски.

Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) неодамна објави пет главни рути за трговија со дрога. Низ таканаречената „балканска рута“, од Авганистан преку Иран, Турција, Бугарија и Македонија проаѓаат 105 метрички тони хероин, од кои 37 отсто завршуваат во Европа, а остатокот во земјите на Кавказот и Африка.

Портпаролот на МВР, Иво Котевски вели дека македонската полиција изминативе години се покажува како релевантен меѓународен фактор во борбата против трговијата со дрога, а за тоа според него говорат големиот број учества на македонската полиција во меѓународни акции преку кои се спречени меѓународни канали за крумчарење дрога.

„Една од најголемите заплени, не само во земјава туку и во регионот, беше заплената на околу половина тон кокаин. Министерството за внатрешни работи, партиципираше и во голем број на други меѓународни заплени. Акцијата „Босфор“ имаше десетици продолженија и беа запленети стотици килограми хероин на релација Турција и Македонија“, вели Иво Котевски.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG