Достапни линкови

Опасност од нестерилна опрема и дрога со лош квалитет во Битола


Илустрација.
Илустрација.

Проблем сè уште останува употребата на нестерилна опрема за инјектирање на дрога, нејзината размена, како и користењето на дроги со лош квалитет.

Бројот на нарко зависници веќе не расте алармантно во Битола, зашто младите во последно време имаат друга зависност, тоа се компјутерите. Но, проблем сè уште останува употребата на нестерилна опрема за инјектирање на дрога, нејзината размена, како и користењето на дроги со лош квалитет, алармираат експертите.
Доаѓа некое друго време. Имаме друга зависност, компјутерот, Фејсбукот. Така што, не е сега многу интересна дрогата. Дрогата бара пари, а компјутерот е постојано тука.
Стево Бојаџиев, невропсихијатар.

Стево Бојаџиев, невропсихијатар со долгогодишно искуство во работата со нарко зависници, вели:

„Доаѓа некое друго време. Имаме друга зависност, компјутерот, Фејсбукот. Така што, не е сега многу интересна дрогата. Дрогата бара пари, а компјутерот е постојано тука. По цели ноќи седат на компјутер. Тоа на некој начин не ме радува, но ме тера да размислувам дека младите се ориентираат на некој друг колосек. За тој колосек сигурно ќе треба посуптилни психотерапевтски лекувања. Меѓутоа се надевам дека сега младиот човек е информиран за штетите од дрогата“, вели Бојаџиев.
Многу често корисниците на дрога, посебно оние кои ја инјектираат, користат нестерилна опрема и разменуваат меѓу себе игли, шприцеви.
Билјана Василевска, социјален работник.

За дел од оние кои продолжуваат да користат наркотични средства, од невладината организација „Вија Вита - програма за намалување на штетите од дрога“, велат дека сè уште користат нестерилна опрема.

Билјана Василевска, социјален работник, вели:

„Многу често корисниците на дрога, посебно оние кои ја инјектираат, користат нестерилна опрема и разменуваат меѓу себе игли, шприцеви. Тоа е еден многу лесен и едноставен начин лицата меѓу себе да си пренесуваат најразлични инфекции од типот на хепатит Ц, ХИВ–вирусот, кои сами по себе можат дополнително да ја усложнат ситуацијата во која се наоѓаат, да им го нарушат здравјето и да ги доведат до смрт“, вели Василевска.

Досега во Битола имаше неколку смртни случаи предизвикани од предозираност на млади луѓе, а некои од нив користеле нечиста дрога помешана со бои, отрови, лекови, па и гипс.

„Друг тип на намалување на штета е давање на информации како правилно да се употребува дрогата, да внимаваат на составот на дрогата, да внимаваат како ја земаат, дали се сами во тој момент со цел да се избегне предозираност и да не дојде до умирање на тие млади луѓе“, додава Василевска.

Околу стотина битолчани се лекуваат со метадон, 300 се регистрирани нарко зависници, а неофицијалните бројки на лица уживатели на наркотични средства се смета дека е под 2000.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG