Охриѓани се меѓу првите во државата по користење на антибиотици, додека Охрид е еден од водечките градови по купени лекови во аптеките. Стручњаците укажуваат на негативните последници од прекумерната употреба на антибиотиците. Според нив во Македонија се употребуваат за два до три пати повеќе антибитици од скандинавските земји, или двојно повеќе отколку во Словенија.
„Таков е менталитетот овде, да се користат антибиотици. Но можам да кажам дека во оваа деценија се користат двојно помалку антибиотици, отколку што се користеле во 90-тите години. Тогаш неконтролирано се користеа многу повеќе. Последиците и кај нас се резистентни бактерии како што има кај јужниот сосед, Бугарија, Србија“, вели доктор Никола Пановски, професор на Медицинскиот факултет во Скопје.
Пациентот кога ќе оди на лекар очекува да излезе со антибиотик. Ако не добие, може да оди кај друг лекар. Лекарот често пати нема време да му објасни на пациентот зошто не смее да прима лекови и под негов притисок препишува антибиотик.Доктор Никола Пановски.
Традиција кај нашиот народ е да користи многу лекови, вели Пановски.
„Антибиотици се користат и за болести кои сами ќе исчезнат, како што се вирусните инфекции. Пациентот кога ќе оди на лекар очекува да излезе со антибиотик. Ако не добие, може да оди кај друг лекар. Лекарот често пати нема време да му објасни на пациентот зошто не смее да прима лекови и под негов притисок препишува антибиотик, иако знае дека тој антибиотик, лекот е непотребен. Антибиотиците генерално гледано се релативно безбедни лекови и не предизвикуваат некои несакани дејствија и така да лекарот вели - ајде и да не му делува нема штета да му направи“, вели Пановски.
Што повеќе се употребуваат антибиотиците, бактериите стануваат поотпорни кон нив и затоа тие треба да се користат само кога тоа е неоходно предупредуваат докторите.
Треба да се остави проценката на докторот дали е потребен антибиотик или не. Настинката со или без антибиотик трае една недела до недела и пол. Максималното скратување на симптомите на грип е само до 16 часа.Доктор Голубинка Бошевска, Институтот за јавно здравје.
Доктор Голубинка Бошевска, од Институтот за јавно здравје и национален координатор за антимикробна резистенција вели дека станува збор за алармантна ситуација на глобално ниво од која Македонија не е изолирана.
„Знаеме дека микроорганизмите и бактериите не познаваат граници, политички, општествени уредувања и националности. Сите сме зафатени и сме на некој начин во опасност од инфекции кои се отпорни на повеќе антибиотици. Треба да се потрудиме сите заедно, вклучувајќи ги и граѓаните и здравствените работници што помалку да ги употребуваме антибиотиците кај оние вирусните заболувања, бидејќи антибиотиците не делуваат на вирусните причинители на заболувања. Исто така потребно е повеќе внимание да се посвети на личната хигиена. Треба да се остави проценката на докторот дали е потребен антибиотик или не. Настинката со или без антибиотик трае една недела до недела и пол. Максималното скратување на симптомите на грип е само до 16 часа“, вели Бошевска.
На овој проблем во државата се работи веќе пет години. Со помош на Светската здравствена организација, белгиската влада преку невладината организација Студиорм ќе се одржат серија предавања во повеќе градови низ државата на оваа тема пред докторите за рационално препишување на антибиотици.