Достапни линкови

Шесто издание на фестивалот „Ин Виница веритас“


Победничката карикатура на рускиот карикатурист Валентин Здружени.
Победничката карикатура на рускиот карикатурист Валентин Здружени.

Со врачување на наградите на победниците на конкурсот за карикатура, промоција на првото издание на книга со афоризми и со вечерни театарски претстави, од 13 до 17 октомври, во Виница ќе се одржи шестото издание на Меѓународниот фестивал за хумор и сатира „ИН ВИНИЦА ВЕРИТАС“, манифестацијата која през годините традиционално донесува културни случувања кои успеваат да ги анимираат граѓаните од регионот.

Виница во деновите од претстојната недела ќе ги чествува хуморот и сатирата. Во градот, од 13 до 17 октомври, во организација на Домот за култура „Тошо Арсов“, ќе се одржи шестото издание на Меѓународниот фестивал „ИН ВИНИЦА ВЕРИТАС“, манифестацијата која израсна во традиционално случување кое успева да се издигне над обичноста и на граѓаните да им понуди можност за бегство од тмурното секојдневие.

Оваа година темата беше „Арт“ односно „Уметност“ и навистина добивме прекрасни карикатури од врвни светски имиња, меѓутоа најмалку од Македонија.
Славчо Данов, директор на Домот за култура во Виница.

Во центарот на вниманието и овојпат ќе бидат победниците на интернационалниот конкурс на карикатура, тука е и промоцијата на првото издание на Фестивалот – книга со афоризми, а очекувано публиката со нагласена љубопитност ги очекува вечерните театарски претстави.

Годинава е предвидено да бидат прикажани комедиите „Михаил Мишкоед“ на Народно читалиште „Петко Славејков“ од Република Бугарија, „Последна шанса“ на Македонскиот народен театар, „Бетија“ на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес и на затворањето „Маца Махалац“ од Драган Маринковиќ од Република Србија.

Не би знаел на што се должи тоа, но факт е дека постарата генерација која што некогаш твореше изгледа дека е уморна, а младите се чини дека сè помалку се бават со карикатура. Можеби една од можните причини за ваквата состојба е фактот што во Република Македонија не постои сериозна асоцијација на карикатуристи какви што има во Хрватска и во Србија.
Славчо Данов, директор на Домот за култура во Виница.

Сепак, како што забележува Славчо Данов, директор на Домот за култура, основната на Фестивалот е Интернационалниот конкурс за карикатура кој вообичаено се распишува на крајот на август и трае до крајот на септември. Тој појаснува дека во случајов на темата насловена како „Арт“ или „Уметност“ пристигнале над 470 карикатури од 89 автори од 39 држави и дека победници се Валентин Здружени од Русија (прва награда), Алексеј Хустовски од Украина и Лука Назатвор од Црна Гора.

„Оваа година темата беше „Арт“ односно „Уметност“ и навистина добивме прекрасни карикатури од врвни светски имиња, меѓутоа најмалку од Македонија“, вели Данов.

Според него, ова е веројатно вистинската слика за кризата што се чувствува во доменот на карикатурата кај нас.

„Не би знаел на што се должи тоа, но факт е дека постарата генерација која што некогаш твореше изгледа дека е уморна, а младите се чини дека сè помалку се бават со карикатура. Можеби една од можните причини за ваквата состојба е фактот што во Република Македонија не постои сериозна асоцијација на карикатуристи какви што има во Хрватска и во Србија“, вели Данов.

Инаку, еден од значајните новитети на ова издание на Меѓународниот фестивал на хумор и сатира „ИН ВИНИЦА ВЕРИТАС“ е почетокот на едицијата на книги со афоризми. Во овој контекст ќе се случи и промоцијата на првата објава, збирката „Во сатирата е вистината“ што како автори ја потпишуваат Васил Толевски и Миле Георгиевски, а која е илустрирана со карикатури на Миро Георгиевски.

„Фестивалот ќе практикува да има своја едиција затоа што сакаме афоризмот на голема врата да го внесеме на „ИН ВИНИЦА ВЕРИТАС“. Значи, покрај карикатурата, редовно да има и книга со афоризам, кој конечно е и темелот на хуморот и сатирата воопшто“, ќе рече Данов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG