Минатата недела Владата се задолжи со еврообврзница вредна 500 милиони евра, а вчера беа објавени и измените во старосниот лимит за пензионирање, па работниците ќе може да бираат да одат во пензија една до три години подоцна од законскиот рок. Дополнително и за работно ангажирање со договор за дело или пак авторски договор ќе се плаќа здравствено и пензиско осигурување.
Многу од овие фондови, вклучително и пензискиот и Фондот за здравство се соочуваат со најавите за колапс, така да со секој нов трик за регулирање преку нови закони и регулативи се купува социјалниот мир во оваа држава.Висар Адеми, економски аналитичар.
Со првата мерка директно се полни буџетот, со втората се растоварува фондот за пензиско и инвалидско осигурување од новите пензионери, а со третата тој добива и дополнителни пари, оценуваат некои економисти, според кои, овие потези преземени во краток период се знаци и дека државниот буџет е во лоша кондиција.
Економскиот аналитичар Висар Адеми смета дека состојбата со државната каса е таква веќе подолго време, а постојаните задолжувања од разни извори го покажувале тоа.
„Многу од овие фондови, вклучително и пензискиот и Фондот за здравство се соочуваат со најавите за колапс, така да со секој нов трик за регулирање преку нови закони и регулативи се купува социјалниот мир во оваа држава“, вели Адеми.
Приказната за економскиот раст, големите инвестиции и многуте вработувања, всушност се удави во популизмот кој цело време е наменет за изборниот ден и сега трката за кредити, отсега натаму ќе биде и трка за подлабоко ставање на раката на државата, на власта, во паричникот на граѓаните и на компаниите.Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.
Според поранешниот гувернер, економистот Петар Гошев ова е последница на тоа што цената на неодговорната економска политика пристигнувала за наплата.
„Се грабаа и грабаа кредити, а ги употребуваат и ги употребуваат за проекти кои само ги зголемуваат трошоците на државата без позитивно влијание врз растот на економијата или за моментални краткорочни ефекти. Приказната за економскиот раст, големите инвестиции и многуте вработувања, всушност се удави во популизмот кој цело време е наменет за изборниот ден и сега трката за кредити, отсега натаму ќе биде и трка за подлабоко ставање на раката на државата, на власта, во паричникот на граѓаните и на компаниите“, вели Гошев кој очекува дека периодов што следи ќе се зголемувале директните и индиректните даноци што ги плаќаат граѓаните, набројувајќи ги тука и веќе преземените мерки како растот на цената на патарините и зголемувањето на регистрацијата.
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување дефинитивно е на неодржлива патека, смета тој и затоа се бараат дополните начини како тој да функционира, но тие може да бидат неодржливи на подолг временски период.
„Ако тие продолжат со овие политики коишто досега ги водеа ни едно решение нема да биде доволно, затоа што на крајот балонот ќе експлодира како што се случува во држави коишто исто така воделе неодговорни политики во подолг временски период“, вели Гошев.
Инаку и самиот министер за економија Беким Незири оцени дека новите владини мерки меѓудругото ќе влијаеле краткорочно Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да биде постабилен. За тоа пак дека тој е во лоша кондиција се зборува веќе шест години особено откако почнаа се повеќе пари од буџетот да се префрлуваат во таа државна институција. Во меѓувреме пак дополнително се намалија парите во фондот и поради намалувањето на придонесите за пензиско осигурување и зголемувањето на пензиите.