Достапни линкови

Краткорочни социјални мерки наместо решавање на сиромаштијата


Наместо да работи на решавање на проблемот со сиромаштијата, владата краткорочно отпишува долгови и ги прави сиромашните зависни од владата.

Се гледа дека владата не може да го реши трајно проблемот со кој се судираат примателите на социјална помош, кој има јасно егзистенцијален карактер, коментираат експертите. Наместо да им ги зголеми социјалните примања, владата краткорочно отпишува долгови, подарува репарирани компјутери, изработува бесплатни елаборати за легализација на дивоградби, со еден збор ги прави сиромашните луѓе зависни од владата која не им нуди излез од статусот на социјалци, туку ги одржува во живот.

Луѓето со 2.000, со 3.000 денари не можат да решат никаков проблем, а Владата ја пере совеста дека помага, дека донира одредени средства, дека решила некаков проблем.
Христо Карталов, универзитетски професор.

Ако има реален буџет и влада која навистина сака да ги реши проблемите и да ги издигне на повисоко ниво, тогаш ќе обезбеди повисока помош, коментираат економистите.

„Постојаната социјална помош е толку мала, што едноставно не служи за својата цел за својата намена. Луѓето со 2.000, со 3.000 денари не можат да решат никаков проблем, а Владата ја пере совеста дека помага, дека донира одредени средства, дека решила некаков проблем“, вели професор Христо Карталов.

Секоја политика, секоја влада, бара чаре да си го задржи рејтингот или да го зголемува. Ова мислам дека е очигледно дека има некоја таква намера зад сето ова, што е сепак составен дел на политиката.
Ѓорѓи Тоновски, универзитетски професор.

Познато е дека во економски развиените земји луѓето може солидно да живеат од социјална помош. Вака владата преку проектите им дава мала инфузија колку да ги одржи во живот и ги прави постојано зависни од неа, но на тој начин владата постојано си обезбедува континуирано гласачко тело, коментира социологот Ѓорги Тоновски.

„Секоја политика, секоја влада, бара чаре да си го задржи рејтингот или да го зголемува. Ова мислам дека е очигледно дека има некоја таква намера зад сето ова, што е сепак составен дел на политиката“, вели Тоновски.

Слично е и со пензионерите кои бесплатно се возат во јавниот превоз, одат во театри и бањи, се промовира и туризам за пензионери, минимално им се зголемуваат пензиите. Меѓутоа овие зголемувања на пензиите поголем дел од луѓето не ги ни забележуваат, па ако не се дополнителните проекти многу од пензионерите нема да може да платат за услугите што ги нуди фондот - како одење на бања.

Професор Карталов прави паралела како проблемот на државата во социјалната политика бил согледан во Британија. Лабуристите согледале дека голем дел од гласачкото тело им се приматели на социјална помош. Со своето делување, лабуристите тројно понатаму ја зголемиле социјалната помош со цел да држат една социјална категорија зависна од владата, вели Карталов.

„Да се држи една социјална категорија зависна од активностите и делувањата на Владата. Јас не можам да тврдам, но со овие активности што кај нас Владата ги прави, на некој начин обезбедува пат за благонаклоност на тоа гласачко тело“, вели Карталов.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG