Објавување на резултати од анкети според кои расте рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, а паѓа на СДСМ, промоција на социјални мерки, видео обраќања на премиерот за да потсети на успесите на владата, растрчани министри, огласи за вработување во администрација.
Оваа власт, ова ВМРО-ДПМНЕ, има единствена цел да го врати едноумието и да го инсталира еднопартискиот систем, затоа што не поднесува ништо спротивно, ништо друго, односно она што политички се вели опозиција.Алајдин Демири, универзитетски професор.
Сето ова за миг одава впечаток дека сме во ек на предизборна кампања и дека утре ќе има избори. Само што започна со работа старо – новиот владин состав веднаш продолжи со добро познатата мерка, на голема врата да ги најавува сите свои поголеми и малку помалку големи проекти, да се пофалат за сè и сешто, да се сликаат и да потсетат дека оствариле сè што ветиле и сето тоа под будното око на новинарите.
Владејачката партија осум години е во постојана кампања, таа речиси и не завршува, но проблем е што за сето тоа се трошат народни пари, велат аналитичарите. Друг проблем е што власта се фали за нешто што и така и е работ, додаваат тие.
За сè повеќе да се остваруваат личните и партиските интереси на штета на интересите на народот, на гласачкото тело и на интересите на државата.Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.
Професор Алајдин Демири вели дека постојаната кампања е метод од кој ВМРО-ДПМНЕ многу профитираше досега.
„Оваа власт, ова ВМРО-ДПМНЕ, има единствена цел да го врати едноумието и да го инсталира еднопартискиот систем, затоа што не поднесува ништо спротивно, ништо друго, односно она што политички се вели опозиција. Тоа е една перманентна злоупотреба на она што е власт, на она што е држава, затоа што тоа се прави со средствата на државата, со средствата на граѓаните.“
Политикологот Соња Стојадиновиќ вели дека владата само енормно и непотребно троши пари за да остане повеќе на власт.
„За сè повеќе да се остваруваат личните и партиските интереси на штета на интересите на народот, на гласачкото тело и на интересите на државата, така што и во континуираните кампањи и непотребните енормни трошења, ние имаме само уништување на целиот државен систем и целата економија во Македонија“, вели Стојадиновиќ.
Колку полоши и оди на државата таа толку повеќе троши на реклами и пропаганда, заклучуваат аналитичарите. Според нив политичарите сакаат да покажат една нереална слика за животот во земјава.