Достапни линкови

Јаболка на претек, а преработени производи само неколку


Со години наназад јаболката се продаваат по пазарите и има само неколку капацитети за добивање на сок и концентрат од нив, иако преспанскиот регион изобилува со јаболка.

Иако Преспа е позната по јаболкото, сепак овошките не се максимално искористени во прехранбената индустрија. Со години наназад јаболката се продаваат по пазарите и има само неколку капацитети за добивање на сок и концентрат од нив. Ова е мала палета на јаболкови производи доколку се знае дека преспанскиот регион располага со приближно 4 илјади хектари јаболкови насади со просечно годишно производство на јаболка од 100 илјади тони.

Во смисла на поголемо ангажирање, преземање мерки и активности за отворање на мали и средни бизниси, потенцирање на бизнисите.
Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Ресен.

Значењето на јаболкото во Преспа е големо, 85 проценти од жителите директно живеат или егзистираат од производството и пласманот на јаболката. Но, се чувствува некаква недоволна искористеност на јаболкото како продукт во прехранбената индустрија и другите гранки на стопанството, вели Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Ресен.

Тој потенцира дека е неопходно подигнување на свеста кај преспанските јаболкопроизводители.

Во детали се разгледуваат производите како јаболкова киселина, ракија од јаболко, чипс од јаболко, масло од семе од јаболко.
Емилија Ѓеровска, директорка на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

„Во смисла на поголемо ангажирање, преземање мерки и активности за отворање на мали и средни бизниси, потенцирање на бизнисите и максимално искористување на јаболкото, посебно во прехранбената индустрија каде се чувствува застој во изминатите години“, вели Стрезовски.

Додека кај нас производите од јаболко се бројат на прстите од едната рака, во странство се измислени дури 75. За унапредување на јаболко-производството и прехранбената индустрија во Преспа, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион изработи физибилити студија за добивање дополнителни производи од јаболко.

„Во детали се разгледуваат производите како јаболкова киселина, ракија од јаболко, чипс од јаболко, масло од семе од јаболко. Се разгледуваат модели кои предвидуваат производство на јаболков сок и концентрат, а сите претходно споменати производи би се добивале од остатокот на технолошкиот процес“, вели Емилија Ѓеровска, директор на Центарот.

Изработен е бизнис модел за производство на матен сок од свежо цедени јаболка, инвестиција вредна 75 илјади евра. Бизнис модел за производство на јаболково вино кое во некои земји се користи како земена на пивото. Понатаму, јаболкова ракија и се предвидува дека потрошувачката ќе биде голема ако се има предвид дека во Македонија се трошат околу 1 литар лозова ракија на жител годишно.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG