Достапни линкови

Ерик Сардинас по 12 години повторно на „Блуз и соул фестивал“


Ерик Сардинас, американскиот блуз-рок гитарист и неговиот придружен бенд „Биг мотор“, по цели 12 години повторно доаѓаат во Македонија. Тие ќе настапат на првиот дел од годинашното издание на „Блуз и соул фестивал“, кое овој пат влезе во рамките на културната манифестација „Скопско лето 2014“. Концертот е предвидено да се одржи утре, на 17 јули, во 21 часот, на сцената на клубот „Рингишпил“ во Градскиот парк.

Со шест експлозивни албумски објави зад себе и нов носач на звук („Sticks & Stones“), кој и пред официјалната промоција го буди вниманието на пребирливата публика, Ерик Сардинас стамено го носи ореолот на големо име на американската блуз-рок сцена. Тој е врвен слајд-гитарист и автор кој през годините трпеливо го изоде патот од „трње до ѕвезди“ свесен дека блузот органски се раѓа и опстојува на сцената.

Една од причините што Ерик Сардинас е повторно тука е тоа што публиката со години го бараше од нас.
Васја Ивановски, први човек на „Блуз и соул фестивал“.

Од таму нималку не треба да чуди тоа што Сардинас е постојано на пат и што својата животна и изведувачка енергија нештедливо ја дели со сите оние на кои им зоврива крвта од секој отсвирен гитарски риф.

Ние во континуитет се трудиме да ги стимулираме домашните музичари кои пливаат во блуз водите. Секоја година на „Блуз и соул фестивал“ имаме по некој учесник од Македонија.
Васја Ивановски, први човек на „Блуз и соул фестивал“.

И, ете, еден таков музичар наново ќе видиме и чуеме во Скопје. Тој, по цели 12 години од високо-октанскиот концерт во клубот „Колосеум“ во Градски парк во 2002 година (во моментите кога талкаше со гитарскиот маг Стив Ваи), доаѓа за да го означи успешниот почеток на годинешното издание на „Блуз и соул фестивал“, манифестацијата која од поодамна се збогува со локалните нишани и израсна во силно регионално случување во времево на економски и вредносни турбуленции.

„Една од причините што Ерик Сардинас е повторно тука е тоа што публиката со години го бараше од нас. Станува збор за исклучително надарен блуз-рок гитарист чија кариера се потпира на неверојатно енергичните сценски настапи. Неговиот блуз, како што самиот вели, е комбинација на корените на блузот од типот на Чарли Пејтон, Биг Бил Брунзи и слични легенди, вкрстен со електричната варијанта на блузот што во своите најдобри денови го изведуваше големиот Џони Винтер“, вели Васја Ивановски, првиот човек на „Блуз и соул фестивал“.

Ивановски појаснува дека Сардинас светската турнеја, во чии рамки влегува и настапот во Македонија, ја започнал со неколку концерти по Канада, по што дошол на Стариот континент свирејќи најнапред во Шпанија, деновиве крстари низ Франција, а по настапот во Скопје, со „Биг мотор“ ќе учествуваат и на актуелниот „Блуз фестивал“ во Мостар, Босна и Херцеговина.

Инаку, концертот на американскиот гитарист во клубот „Рингишпил“, е само вовед во случувањата од претстојното септемвриско издание на „Блуз и соул фестивал“, манифестацијата која пред неколку години ја започна засебната опстојба на културната мапа на Скопје и која и годинава се стреми да ја продолжи својата нагорна програмска линија. Од таму, како што велат организаторите, за 19-то издание наесен во Универзална сала веќе капарисале неколку звучни имиња од САД, Европа и од регионов. Во план е и своевидна концертна промоција на новиот (патем одличен албум) на прилепскиот КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД, а го најавуваат и реинкарнирањето на „Блуз самитот“, случувањето кое пред една деценија се обидуваше да направи пресек на актуелната домашна блуз сцена. Згора на тоа, дотогаш не е исклучено да биде подготвен и некој „специјален блуз проект“ налик на она што во неколку наврати го претставија домашните гитаристи Венко Серафимов, Влатко Стефановски или Игор Атанасовски – Харе.

„Ние во континуитет се трудиме да ги стимулираме домашните музичари кои пливаат во блуз водите. Секоја година на „Блуз и соул фестивал“ имаме по некој учесник од Македонија, притоа обрнувајќи им посебно внимание на младите и талентирани музичари кои пројавуваат посебен интерес за овој вид музика. Сега засега имаме во предвид неколку имиња, но дополнително ќе видиме како сето тоа ќе го организираме. Не е исклучено една комплетна фестивалска вечер да му биде посветена на македонскиот блуз, а не сме далеку од идејата да биде обновен и оној „Блуз самит“ што со години успешно се одржуваше кај нас овде во Скопје“, дополнува Ивановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG