И покрај тоа, двата конфликта имаат заеднички извор, како впрочем и другите поголеми конфликти во светот.
Во секој има несогласување меѓу државните граници и националните идентитети, односно нерамнотежа меѓу државата и нацијата, се наведува во анализата на Форин полиси.
Во неа се додава дека државата е сет на институции кои администрираат одредена територија, а нацијата е создадена од луѓе кои, според нивните погледи, делат заеднички карактеристики, јазик, историја, култура, вера што им дава право за самостојност.
Во некои делови на светот, државите и нациите добро се вклопуваат. Во други не.
Во таков случај барем извесен број граѓани веруваат дека нивните национални аспирации треба да бидат ослободени од странско владеење со создавање одделна држава или пак, приклучување кон некоја соседна држава со која ги делат сличните национални карактеристики.
Тоа е случај со Украина каде што нерамнотежата меѓу државата и нацијата доведе до граѓански па и регионален конфликт. Слично се случува и на Блискиот Исток, каде што Исламската држава ги предизвикува меѓународните граници. Тамошните борби можеби личат на верски конфликт меѓу сунитските и шиитските муслимани.
Многумина во сегашните држави на Блискиот Исток не мислат дека постојниот државен систем, созаден од западните колонијални сили ги задоволува нивните барања за национално осамостојување.
Има многу решенија за ваквата нерамнотежа, но сите се проблематични.
Класичната е делење по етно верските линии. Но, во многу случаи популацијата е мешана и не постојат добри поделби, што води само кон крвави конфликти.
Друго решение е двонационална или мултинационална држава. Ова беше пробано во Ирак, но недовербата, ситничавите политичари и слабите државни институции направија тоа да не успее.
Впрочем слични држави како Кипар, Либан и Југославија беа склони на граѓански војни.
Дури и Белгија тешко балансира меѓу Фламанците и Валонците. Има и такви како Босна, но таму гарант е меѓународното присуство.
Третата солуција е граѓански национализам, или држава за сите граѓани како во Западна Европа или САД, но тие настанале во многу специфични историски услови.
Во Европа процесот одеше преку многу крвави војни, додека во Америка се инволвирани многу имигранти што го маргинализира значењето на нивните корени. Таквиот модел не би успеал во друг дел на светот.
Четвртата солуција, што подолго време гарантираше стабилност во Ирак и Сирија е авторитаризмот. Силен владетел кој може да ги потисне етно националните барања и да креира привидна рамнотежа.
Со други зборови, нема добро решение на делењето на Блискиот исток. Во Ирак и Сирија не постои силен лидер, нема време за градење на граѓански национализам, а Западот нема ни пари ни волја неколку децении да биде вклучен во тамошните решенија, се наведува во анализата на Форин полиси.