Достапни линкови

Дневен печат - Избори и постизборна криза


Изборите, оценките на ОБСЕ/ОДИХР, непризнавањето на резултатите од страна на СДСМ и најавеното враќање на пратеничките мандати се во фокусот на дневниот печат.

Главната вест дека Централниот одбор на СДСМ ја поддржал одлуката да се вратат освоените пратенички мандати и дека Заев ги издржал критиките и барањата за оставка од страна на некои пратеници од досегашниот состав на Собранието ја читаме на сите интернет портали, за печатените медиуми 1 Мај е неработен ден.
Герт Аренс се изјасни - изборниот ден во добар ред, предизборието не ги исполни стандардите на ОБСЕ!
Слободен печат.

Инаку, оценките на посматрачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и на домашната МОСТ за двојните избори во неделата ги пренесуваат сите весници, со наслови и текстови секој според уредувачката политика. Дневник насловува: „МОСТ - гласањето ефикасно и без инциденти“, а во текстот речиси ниту збор за многубројните забелешки на посматрачите на оваа невладина организација за гласањето во неделата. Вечер во наднаслов информира за оценката на странските посматрачи дека „Изборите се ефикасно спроведени, има забелешки за кампањата“, но во главниот наслов ја вади само оценката на ОДИХР дека: „Бојкотот не е демократско решение“. Слободен печат пишува: „Герт Аренс се изјасни - изборниот ден во добар ред, предизборието не ги исполни стандардите на ОБСЕ!“. Истиот весник ја пренесува и изјавата на Стево Пендаровски: „Меѓународниот фактор да се позанимава со Илинденска бб, а не со нас... таму е генераторот на овие ретроградни политички процеси“.
Во преговорите за Владата влегуваат и името, и НАТО, и ЕУ?
Нова Македонија.

Утрински ја пренесува изјавата на еврокомесарот Филе дека: „Ситуацијата во Македонија е комплицирана“ и дека европратеникот Шацимаркакис бара да ни биде повлечен кандидатскиот статус во ЕУ.

Сите весници во своите електронски изданија во средата објавија дека Груевски веќе се сретнал со Али Ахмети, при што се договориле да се формираат работни групи за преговарање околу новиот владин состав. Нова Македонија оди со наслов: „Во преговорите за Владата влегуваат и името, и НАТО, и ЕУ?“. Груевски се сретнал и со Мендух Тачи кој, според Дневник, на Груевски му рекол дека ДПА е готова да ја поддржи Владата без оглед дали неговата партија ќе биде дел од извршната власт. Објавувајќи дека „Македонија ќе добие нова влада до јуни“, Вечер во наслов го вади мислењето на професорот по уставно право, Климовски, дека „Техничка влада се формира во случај на политичка криза, таква криза нема“.

Како за крај - Утрински објавува дека за првите три месеци од годинава државата потрошила 180 милиони евра, што е 60 отсто од буџетскиот дефицит предвиден за цела 2014 година.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG