Достапни линкови

Темелковски - Кина не може да биде наш партнер


Зоре Темелковски, претседател на македонско - бугарската стопанска комора
Зоре Темелковски, претседател на македонско - бугарската стопанска комора

Кина не може да биде наш партнер или потрошувач. Таму има хиперпродукција во производство. Не навлегувам во политичките делови, но Кина не може да биде наш партнер во вложување, вели Зоре Темелковски, претседател на македонско - бугарската стопанска комора.

Господине Темелковски, во поглед на односите со соседите, каков е концептот на Македонско - бугарската стопанска Комора за развој на економските добрососедски односи со Бугарија?

Изминатата година наша основна цел беше односите меѓу Македонија и Бугарија да ги гледаме низ целовитоста на развојните компоненти и приближувањето на односите како две добрососедски држави кои создадат заедничка клима и ќе овозможат побрз проток на капиталот. Во тој правец, ние преземаме повеќе активности кои главно го подобруваат целиот амбиент за бизнисот. Наша основна цел беше Македонија да не биде еден од факторите кои ќе застане на патот и ќе се закочи коридорот осум од Тирана, преку Скопје, Софија, до Истанбул. Косово веќе е комплетно поврзано со Албанија и тоа ни беше еден излез кон едно алтернативно пристаниште за намалување на трошоците на бизнис заедницата.

Тој проект веќе долго време се планира меѓу стопанствениците.

Да, но тој веќе се движи, а кај нас постојано е во некоја позадина и не може да добие приоритет. Фактички најблизок излез за македонскиот бизнис е Софија. Тоа е нашата прва европска дестинација покрај железничкиот коридор број осум кој треба да биде една главна артерија за стопанството, бидејќи конкуренцијата веќе во светски рамки и појавата на кинеската роба на европските и светските пазари притиска за намалувања. Ние не можеме да ја намалиме „инпутната“ цена на производот туку мораме да ги намалиме останатите трошоци. Во наредниот период ќе мораме постојано да сметаме дека не може работната сила да биде главниот репрезент во претставувањето на Македонија како место за инвестирање. Не може на штета на стандардот на работниците да темелиме некоја развојна политика. Мора да одиме во правец на нови капитални инвестиции кои ќе ги намалат трошоците. Другата компонента која ја согледавме во македонско-бугарската Комора е приближување во регионални рамки кон европските пари. Податоците од кризата покажуваат дека главни работодавачи биле политичарите, поточно градоначалниците кои ги користеле тие пари од европските фондови. Затоа комората и тука се фокусира во изминатата година, бидејќи бизнисмените се пофлексибилни и успеавме да ги приближиме регионално градоначалниците во Благоевград, Штип, Струмица и Гевгелија и да воспоставиме добрососедски односи.

Македонија и Бугарија се пред неизвесноста од изградбата на Јужниот тек. Што значи тоа за вас стопанствениците?

Ние сме сведоци дека Унијата сака да го стопира понатамошниот развој на Јужен тек. Со тоа, врз основа на веќе предвидените бизнис планови нема да можеме да ги оствариме долгорочните бизнис цели бидејќи главниот фактор во тие планови беше поевтината енергија со употреба на гас како ресурс кој требаше да пристигне и во Македонија.

Тоа требаше да донесе многу олеснувања во сите сегменти.

Да, во сите сегменти, без разлика дали е тоа во јавната потрошувачка каде граѓанинот ќе има помали издатоци од семејниот буџет или за нас бизнисмените во производството. Поради моменталната ситуација доаѓа до едно успорување, а можно е и во целост да се стопира, но јас лично не верувам. Такви мега-капитални проекти не би требало (да се кочат) бидејќи се од интерес на цела Европа, а не само за нас како една мала единка бизнисмени од Македонија. Ние сме најзагрозени бидејќи ништо во тој правец немаме алтернативно.

Власта веќе спомнува некои алтернативи како гасоводот кој го финансира Европа ...

Добро, тука се споменуваат повеќе гасоводи и ние можеби треба да влеземе во азербејџанскиот гасовод кој сега на големо се најавува - да се приклучиме на системот кој би ги вклучил Грција, Македонија и Бугарија. Македонско - бугарската комора со своите бизнис партнери од сферата на дистрибуција на гас веќе иницира разговори, кои би требало да ги отвориме на следните средби на едно повисоко ниво со авторитети од двете влади - со вицепремиерите на двете влади. Како добрососедски држави ќе мораме регионално да го гледаме проблемот. Ние веќе стануваме зависни едни од други. Веќе регионално сме поврзани.

Зошто Бугарија е резервирана во поглед на инвестиции во слободните зони и во освојувањето на пазарот на Цефта? Таков впечаток се создава меѓу бизнис заедницата.

Од она што претходно го дискутирав, сите оние компоненти кои ги забележавме со активностите во 2013 година, точно произлегуваат од констатациите дека нема создадено една заедничка клима, заеднички амбиент. Мислам дека сите политички гарнитури кои го создаваат тој политички амбиент беа воздржани и имаа стереотипни предрасуди кон бугарскиот капитал. Тоа во последнава година драстично се подобри, како амбиентот така и комуникациите меѓу самите владини институции. Значи се зголеми довербата. Во соседството имаме ние моќ на голем финансиски капитал и гледајќи дека во државава е застапен преку своите банки. Не разбирам зошто не успеавме да го задржиме тој капитал. Дури кога ќе ги погледнете активностите на владата и владините „роуд шоуа“, никогаш ги немаме во преден план блискососедските држави.

Одиме кон Кина ...

Да разбереме дека Кина е промашена дестинација.

Зошто?

Кина не може да биде наш партнер или потрошувач. Таму има хиперпродукција во производство. Таа (земја) се темели на освојување на светскиот пазар. Зар не гледате дека Европската унија разбра дека треба да стане партнер на начин на кој производството ќе го дислоцира во Кина. Сите производи во Европа се произведени во Кина. Тука јас не ги гледам бенефитите. Не навлегувам во политичките делови, но Кина не може да биде наш партнер во вложување. Може да биде стапка од каде ќе дистрибуираме, но зошто би дошла во Македонија кога веќе има инвестиции во солунското пристаниште, а има и во Атина свои акции и удели. Земјата може да ни биде партнер во инфраструктурните проекти и да ангажира свој потенцијал, да направи извоз на работна сила бидејки тоа и во Кина останува еден од главните проблеми.

А со соседите не соработуваме доволно?

Јас мислам дека не се посветивме доволно на добрососедството и тука да го сконцентрираме заедничкиот финансиски капитал бидејќи ние имаме заеднички менталитет, имаме блискост. Знаеме што е најпродуктивно за инвестирање во овој момент. Полесно е ако привлечеме капитал од бугарските корпоративни компании побрзо истиот да се контролира. Европските инвеститори кои ги донесовме пристигаат за два часа. Кина им е далеку. Тука имаат поголема контрола. Мислам дека треба да се надминат тие стереотипи, да се ослободиме од тие рамки и да се глобализираме во еден заеднички пазар.
XS
SM
MD
LG