Достапни линкови

Индустријата стагнира речиси 15 години


Пред два дена Држаниот завод за статистика објави дека индустриското производство во јануари годинава бележи раст од 6,4 насто во однос на јануари 2013 година. И тоа е така, но ако погледнеме подлабоко, обемот на индустриското производство во 2013 бил на исто ниво како во 2005 година. Индустриското производство во Македонија всушност стагнира веќе скоро 15 години.

Обемот на индустриското производство во Македонија во изминатата 2013 година бил на исто ниво како во 2005 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Според публикацијата „Индустрија 2007-2012“ на државната статистика, обемот на индустриско производство во 2012 година бил за 3,1 отсто помал отколку во 2005 година. Ако на тоа се додаде растот од 3,2 отсто во 2013 во однос на 2012 година, испаѓа дека обемот на индустриско производство минатата година бил на исто ниво со тоа од 2005 година.
Tреба да се развие стратегија за можноста за развивање на индустријата и можноста за менување на стопанската структура во еден долг временски период, да речеме 10-15 години. Само на тој начин може да излеземе од ќор-сокакот што се нарекува невработеност.
Мирољуб Шукаров, универзитетски професор.

Ако се вратиме уште 5 години наназад, може да се забележи дека обемот на индустриското производство бил на слично ниво и во 2000 година. Зошто, и покрај големите најави за инвестиции и нови фабрики, индустриското производство во Македонија стагнира повеќе од една деценија?

Стагнацијата на обемот на индустриско производство е одраз на лошата стопанска структура на економијата во Македонија, вели професор Мирољуб Шукаров.

„Тоа е прашање коешто навистина мора да се постави на најсериозно место и да се најде стратешки одговор којшто не може да се разреши за многу кус временски период, да речеме во еден политички мандат, туку е многу подолгорочно, тоа е стратешко прашање коешто заслужува многу продлабочено внимание, не само научно, туку и практично“, вели Шукаров.
Ние треба да даваме субвенции за компании коишто се стремат кон извоз, а не да креираме економски зони коишто воопшто не се интегрирани со домашната локална економија.
Висар Адеми, економски аналитичар.

Тој вели дека само со решавањето на проблемот со индустриското производство може да се намалува невработеноста.

„Треба да се развие стратегија за можноста за развивање на индустријата и можноста за менување на стопанската структура во еден долг временски период, да речеме 10-15 години. Само на тој начин може да излеземе од ќор-сокакот што се нарекува невработеност и лоша стопанска структура што не нуди добри извозни резултати“, вели Шукаров.

Економскиот аналитичар Висар Адеми, пак, решението на проблемот го гледа во субвенционирање на извозно ориентираните компании.

„Ние треба да даваме субвенции за компании коишто се стремат кон извоз, а не да креираме економски зони коишто воопшто не се интегрирани со домашната локална економија“, вели Адеми.

Тој вели дека само со зголемување на извозот може да се поттикне развој на домашната индустрија.

Статистиката покажува дека извозот од 2005 до 2013 година е двојно зголемен, но во истиот период двојно е зголемен и увозот на стоки и услуги во Македонија. Во 2013 година, извозот од Македонија е во вредност од 4,27 милијарди долари, а увезените стоки се во вредност од 6,6 милијарди долари.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG