Достапни линкови

Арсовски - Тешка ситуација за малите партии


Арсовски - Без големи промени на силите во парламентот
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:37 0:00

Арсовски - Без големи промени на силите во парламентот

Мислам дека партиите кои можат да се надеваат на некаков успех се евентуално НДП на Руфи Османи и ГРОМ на Стевче Јакимовски. Мислам дека за другите ќе биде многу тешко да најдат свое место во парламентот, а за останатиот дел не очекувам посериозни промени во парламентарниот состав, вели аналитичарот Петар Арсовски во интервју за Радио Слободна Европа.

Господине Арсовски, како гледате на досегашниот тек на кампањата?

Кампањата се одвива редовно, со помал интензитет и помала тензија одошто обично, затоа што претседателските избори кај нас се доживуваат со некаква помала политичка заангажираност, најмногу заради намалената улога на Претседателот во политичкиот живот. Мислам дека треба да почекаме како ќе се одвива кампањата во вториот круг имајќи предвид дека тогаш ќе биде појасно кои два кандидати се претенденти за функцијата, најверојатно од двете најголеми партии. Мислам дека вистинскиот тек на кампањата ќе го доживееме тогаш кога ќе се вклучат и партиските штабови, односно кога ќе почне и парламентарната кампања заедно со претседателската.

Да ги прокоментираме слоганите на кандидатите. Ѓорѓе Иванов вели: Државата пред сè, Пендаровски вели: Македонија заслужува претседател. На кое гласачко му се обраќаат со тие слогани?

Различна е ситуацијата кај ВМРО-ДПМНЕ и кај СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ се обраќа најмногу на сопственото гласачко тело, бидејќи тие веќе имаат добиено неколку избори по ред и претпоставувам дека нивната стратегија е дека доволно би било да ги задржат постојните гласови за тоа да им гарантира победа, додека Стево Пендаровски и СДСМ претендираат повеќе на неопределените гласачи. Слоганите во таа смисла епистемолошки се добри, односно го кажуваат она што во позадина партиските стратегии го кријат, конкретно кај Иванов – Државата пред сè, таа претендира на едно понационално чувство, на едно попатриотско чувство, некаква заштита на државата итн., да се претстави кандидатот како државник. Додека слоганот на Стево Пендаровски -Македонија заслужува претседател, алудира на тоа дека ние досега не сме добиле претседател каков што заслужуваме, што е и нормално за кандидат кој е противник на некој кој е актуелен претседател. Така што, во таа смисла, слоганите се согласни со партиската стратегија.

Колку има фајде од кампања во Македонија? Има ли фајде да се трошат милиони евра на кампања ако се има предвид дека општеството е длабоко поларизирано и, да речеме, мнозинството луѓе се определени за кого ќе гласаат уште пред да почне кампањата?

Академските кругови имаат голема полемика околу тоа дали кампањите вредат или не, но политичките кругови немаат. Кампањата во некаква статистичка бројка определува околу 6 до 7 проценти од гласачите, или помеѓу 5 и 10 проценти. Прашањето е што правиме кога разликата е помала од процентот што се одлучува за време на кампањата. Во основа не е прашање за партиите дали треба или не треба да имаат кампања, туку дали смеат да си дозволат да ја немаат. Одговорот е не и партиите често инвестираат доста средства во кампањата бидејќи и тие 5-6 до 10 проценти понекогаш значат победа или пораз.

Претседателските кандидати ги даваат речиси истите ветувања, евроинтеграции, задржување на идентитетот, економски просперитет, меѓуетнички односи. Кои се тогаш клучните разлики меѓу нив?

Феноменот на конвергенција на идеологии е познат феномен насекаде низ светот, особено на Балканот. Патот на иднината на Македонија кон ЕУ и НАТО е релативно добро трасиран, ние сме поставени на некаков колосек и во принцип се знаат реформите кои треба да се направат без оглед на тоа која партија ќе биде на власт. Така што, луѓето не се поделени по прашање на идеологија, туку по прашање на компетентност и способност. На кого му веруваат дека ќе успее повеќе да донесе ако дојде на власт. Таа конвергенција на идеологии прави ветувањата да бидат слични, но луѓето различно да се определуваат за тоа на кого повеќе му веруваат дека ќе го исполни тоа што ќе го вети.

Како гледате на тоа што зад кампањата на претседателот Иванов стои целата машинерија на ВМРО-ДПМНЕ, додека Стево Пендаровски како да се обидува да излезе пред СДСМ?

Стратегијата на двете партии се разликува. Иванов инсистира на тоа дека ја добива значајната поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, додека Пендаровски инсистира во неговата стратегија дека тој не е член на ниту една партија, дека тој е независен и ќе биде независен, дека дури и кога би бил претседател и би имало некакви политики од СДСМ со кои тој не се согласува, дека тој не би ги поддржал. Се работи за различни партиски стратегии. Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е најмногу насочена кон нивното постојно гласачко тело, додека Стево Пендаровски се обидува да направи некаков пробив кај неопределените.

За ДУИ претседателот Иванов е неприфатлив кандидат, иако ако погледнеме наназад, тој не се карактеризира со албанофобија, дури и во кампањата зборува за добри меѓуетнички и меѓуверски односи. Од друга страна, ако веќе не го поддржува претседателот Иванов, зошто не поддржува некој друг или зошто не излезе со кандидат, туку инсистира на бојкот?

Идејата за консензуален кандидат често кај нас се меша со идејата за коалициски кандидат. Во случајов разговараме за кандидат кој би бил прифатлив и за ДУИ и за ВМРО-ДПМНЕ претпоставувам. Видете, на прва, мене не ми пречи претседателот на има автентични политики кон Албанците, кон албанската етничка заедница, ако сака да смета на нивниот глас. Ако е тоа принципот зад идејата за консензуален претседател, односно претседателот да пледира кон албанското гласачко тело со некаква посериозна политика, тогаш за тој принцип вреди да се разговара, но мислам дека ќе треба да помине уште повеќе време за да можеме сериозно да ги разгледаме идеите зад условно речено консензуален претседател и како тие би можеле во пракса да се остварат, дали тоа значи коалициски кандидат помеѓу една албанска и една македонска партија, дали тоа значи некаков заеднички консензуален кандидат, да видиме што значи тоа во иднина.

Гласачите Албанци се растргнати помеѓу повикот на ДУИ за бојкот и кандидатот на ДПА. Како ќе се однесуваат и колку од нив ќе зависи изборот на претседател?


Јас мислам дека албанските гласачи ќе се однесуваат така како што е нивната поддршка за некоја од партиите. Ако најголемата албанска партија – ДУИ, во моментов инсистира дека ниту еден од кандидатите кои се сега на понуда не исполнуваат услови да бидат реален албански претставник во државата, мислам дека тоа ќе се реперкуира и на терен и мислам дека треба да очекуваме мала излезност на Албанците, вон оние кои автентично би ја дале својата поддршка за Халими.

Мала поддршка во првиот круг?

Да, во првиот.

А во вториот круг?

Мислам дека во вториот круг ќе биде повеќе разговор меѓу партиите, отколку некаква автентична волја на Албанците.

Како ги коментирате пратеничките листи, особено на СДСМ, кои излегоа со релативно непознати луѓе. Имаше сериозни забелешки на тоа. Што сакаат да кажат со таквите кандидатски листи?

Тоа што сакаат да го кажат е секако јасно. Тие сакаат да претстават дека се работи за некаков нов пристап, некакви нови луѓе, некаква нова енергија во политиката. Како и секое ребрендирање и менување имиџ на партијата, така и ова носи со себе некаков ризик, бидејќи де факто вие напуштате некаква стара база на поддржувачи и се обидувате на направите нова. Се разбира, ризикот е дека новата база нема да ја добиете, а старата ќе ја изгубите, а придобиквата е да ја задржите старата база, а притоа да ја проширите со некои нови гласачи, тоа би било двојна добивка. Мислам дека сепак тоа е ризичен потег, бидејќи една од најголемите варијабли кај гласачите е дека тие избегнуваат ризик, тие сакаат сепак некои побезбедни, попроверени лица. Кога овие исти листи, СДСМ би ги промовирал пред шест месеци, малку подобро да ги запознаеме кандидатите, мислам дека би имале поголема добивка.

Велите ризик, но после толку изборни порази на СДСМ, нели е време да преземат ризик?

Време е СДСМ да преземе некаква посуштинска реформа во партијата, да го расчистат својот партиски наратив, да го расчистат својот производ и да направат некаква реформа, нов пристап во имплементациска смисла, но сето тоа е доцна да се прави еден месец пред избори, бидејќи сепак, за да направите вистинско репозиционирање на брендот, потребно е луѓето да се запознаат и со новиот бренд кој пледирате да го претставите. Сепак е потребно да поминат шест месеци или една година за вие да можете да го поставите новиот бренд на политичката сцена. Ако се сеќавате, поминаа две години по „Панорама“ за ВМРО-ДПМНЕ, додека ВМРО-ДПМНЕ не успеа да го смени својот имиџ. Тие ја сменија и бојата и имиџот и партискиот слоган, додека не успеаја да се постават посериозно на политичката сцена.

Какви резултати очекувате на изборите и дали очекувате помалите или нови партии да влезат во Парламентот, имајќи го предвид искуството од претходните избори кога никој освен големите партии не влезе?

Тешка е ситуацијата на политичката сцена за малите партии во моментот. Мислам дека партиите кои можат да се надеваат на некаков успех се евентуално партијата на Руфи Османи и партијата на Стевче Јакимовски. Мислам дека за другите ќе биде многу тешко да најдат свое место во парламентот, а за останатиот дел не очекувам посериозни промени во парламентарниот состав.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG