Достапни линкови

САД со помош за Украина и санкции против Русија


Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои закон кој вклучува помош за Украина и санкции против Русија поради нејзината анексија на Крим. Овој закон минатата недела беше усвоен од Сенатот, а стапува во сила откако ќе го потпише претседателот Барак Обама.

Белата куќа соопшти дека претседателот Барак Обама го поздравил усвојувањето на законскиот пакет со кој, меѓу другото, се предвидува заем за Украина од милијарда долари. Украинскиот премиер Арсениј Јацењук деновиве предупреди дека неговата земја е на работ на економска и финансиска катастрофа.

Украинското министерство за финансии соопшти дека за да се избегне банкротот во наредните две години на земјата ќе и бидат неопходни 35 милијарди долари.
Елиот Енџел
Елиот Енџел


„Со руски војници на границата со Украина, тензиите и стравувањата се шират низ регионот и нашиот закон испраќа јасен сигнал дека Конгресот нема да прифаќа натамошни нарушувања“ изјави членот на Комитетот за надворешни односи, Елиот Енџел, демократ од Њујорк.
Со руски војници на границата со Украина, тензиите и стравувањата се шират низ регионот и нашиот закон испраќа јасен сигнал дека Конгресот нема да прифаќа натамошни нарушувања.
Елиот Енџел, демократ од Њујорк.


Со законот се одобрува и помош од 150 милиони долари за Украина и соседните земји и се бара од американското министерство за правда да и помогне на украинската влада да се справи со корупцијата во земјата.

Законот ги надополнува санкциите што администрацијата на претседателот Барак Обама веќе ги воведе за најблиските соработници на рускиот претседател Владимир Путин и за Банката на Русија.

Рускиот упад во Крим предизвика длабоки поделби меѓу Москва и Вашингтон.

Со огромно мнозинство Претставничкиот дом усвои и закон со кој се предвидуваат дополнителни финансиски средства за зголемено емитување на Радио Слободна Европа и Гласот на Америка во источна Украина, вклучувајќи го Крим како одговор на ширењето на проруските медиуми во тој регион.

Членот на Комитетот за надворешни односи, републиканецот од Калифорнија Ед Ројс ја обвини Москва дека со пропаганда се обидува да внесе конфузија и страв во Украина.

„Руската пропагандна машина е претерана и внесува конфузија, страв и немир во Украина. Овој закон е токму спротивното на тоа, бидејќи овозможува точни вести и информации од Радио Слободна Европа и Гласот на Америка. Со децении ваквиот вид на радио емисии беа клучни во помагањето на младите и кревки демократии“, оценува конгресменот Ед Ројс.


Според него, руските сили ја презеле контролата врз десетина телевизиски и радио станици на Крим кои сега ги користеле за лажни извештаи, како например дека имало напади врз лица од руско говорно подрачје во Украина.

Во меѓувреме, од извори на Пентагон се дознава дека Соединетите држави најверојатно ќе испратат еден воен брод на Црно море и мал тим војници во Европа во рамките на мерките на НАТО за поддршка на сојузниците во Источна Европа кои се загрижени поради руската анексија на Крим.

Претходно, шефовите на дипломатиите на НАТО во Брисел донесоа одлука за прекин на цивилната и воената соработка со Русија. Прецизирано е дека контактите на ниво на амбасадори меѓу двете страни ќе останат отворени со цел да се овозможи извесен канал на комуникација.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG