Достапни линкови

Кризата во Украина, нов поттик за односите меѓу САД и ЕУ


.
.

Американскиот претседател Барак Обама денеска престојува во прва посета на институциите на Европската унија во Брисел. Тој ќе учествува на самитот меѓу Соединетите држави и Унијата на кој се очекува да биде потенцирана потребата од зацврстување на трансатлантските врски во услови на украинската криза.

Руското анектирање на украинскиот полустров Крим, според домаќинот на денешниот самит претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј, е момент кога принципите на меѓународното право и на дипломатскиот ангажман се нарушени во Европа и во светот.
Обама во Брисел, 25.03.2014.
Обама во Брисел, 25.03.2014.


Затоа, како што оценува, соработката меѓу Вашингтон и Брисел е од клучно значење. За американскиот претседател Барак Обама руските акции во Украина се знак на слабост.
Русија е регионална моќ која им се заканува на некои непосредни соседи и тоа не е израз на сила, туку на слабост. И ние имаме значајно влијание врз нашите соседи. Но, не ги напаѓаме за да имаме подобри односи со нив.
Барак Обама, претседател на САД.

„Русија е регионална моќ која им се заканува на некои непосредни соседи и тоа не е израз на сила, туку на слабост. Украина е земја врз која Русија има големо влијание по распадот на Советскиот сојуз. И ние имаме значајно влијание врз нашите соседи. Но, не ги напаѓаме за да имаме подобри односи со нив.“

Обама во Хаг, каде што учествуваше на Самитот за нуклеарна безбедност, предупреди дека Соединетите држави и сојузниците нема да се повлечат од воведување натамошни санкции против Москва.

Тој изрази загриженост за големиот број руски војници на границата со Украина, но призна дека Русија има право да разместува сили на сопствена територија. Загриженост изрази и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.

„Можам да ве уверам дека ние сме многу загрижени за руското воено позиционирање на границата со Украина. Но, исто така можам да ве уверам дека Алијансата е решена да обезбеди ефективна одбрана“, рече Расмусен.

Тој на маргините на Самитот во Брисел ќе има одвоена средба со претседателот Обама.

Евролидерите се очекува, исто така, да извршат притисок врз Обама да помогне во намалувањето на европската зависност од руска енергија преку увоз на американски приорден гас.

Русија обезбедува една третина од европските потреби за гас, а 40 насто од испораката оди преку Украина.
Овој самит дојде во време кога се во застој преговорите за предложената спогодба за слободна трговија меѓу Европската унија и Соединетите држави. Станува збор за Трансатлантското трговско и инвестициско партнерство кое ќе биде најголемото во светот.

Но, и по осуммесечни разговори, двете страни остануваат одалечени за многу прашања во врска со оваа спогодба.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG