Достапни линкови

Обама: Русија е изолирана


Вашингтон и Брисел се посветени на одржувањето на безбедноста во Европа, а Русија ќе се соочи со поинтензивни санкции доколку продолжи со навлегувањето на украинска територија, изјави Барак Обама во Брисел.

„Руската акција во Украина не се однесува само на една земја. Таа се однесува и на прашањето во каква Европа или во каков свет сакаме да живееме”.
Ова во Брисел го изјави американскиот претседател Барак Обама. Според него, Вашингтон и Брисел се посветени на зачувувањето на европската сигурност.

На заедничката прес конференција со претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј и претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, Обама додаде дека ова се најголемите заеднички санкции против Русија од крајот на Студената војна и оти доколку Москва продолжи исто да се однесуваа, санкциите ќе се прошируваат, а последиците ќе ги почувствува руската економија.


„САД и ЕУ се единствени за ова прашање, ние сме единствени во поддршката на Украина и за потребата економски да и се помогне, ние сме единствени дека Русија треба да биде изолирана.
Сега се координираме во врска со можните нови санкции доколку Русија се реши на нови навлегувања во Украина”, рече Обама.

Енергијата е во фокусот на разговорите, рече Обама, додавајки дека Европа треба да бара алтернативни извори за снабдување со енергија.
Американскиот претседател истакна и дека НАТО треба да обезбеди постојано присуство во земјите кои се изложени на притисоци од Русија, но додаде дека засега нема планови за брз прием на Украина и на Грузија во НАТО.
Обама, исто така, нагласи дека продолжуваат разговорите меѓу САД и Европската Унија и за Транс-атланскиот трговски договор, кој, според него, ќе биде од корист и за двете страни.


Жозе Мануел Баросо, на прес конференцијата истакна дека со САД работат заеднички не само во врска со Украина, туку и за други прашања, како што се Иран или Блиско-источниот мировен процес. Од своја страна, Херман Ван Ромпуј наведе дека деновиве имало и одредени позитивни сигнали од Русија, како на пример подршката за мисијата на ОБСЕ во Украина, како и првата средба меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји во Хаг. Но, и Ромпуј повтори дека доколку има натамошна ескалација, ќе следуваат поинтензивни санкции. Ромпуј информира дека напредуваат разговорите со Грузија и Молдавија и оти во јуни со нив Европската Унија ќе го потпише Договорот за асоцијација.
Обама во Брисел: САД и ЕУ посветени на европската безбедност
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:10 0:00
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG