Достапни линкови

Дранговски – Го поминав прагот кон театарска Европа


Огнен Дранговски, веќе две недели, со своето видување на лихварот Шајлок, еден од највпечатливите ликови во „Венецијанскиот трговец“, ги собира симпатиите и аплаузите во лондонскиот театар „Глоуб“. Со овој проект, тој стана првиот македонски актер што игра на англиски јазик во славниот Шекспиров дом на уметноста и кому ширум му се отвораат портите на интернационалната театарска сцена.

Огнен Дранговски е млад, силен глумец. Веќе глумчиште. Еден од оние кои со секоја следна своја пројава на сцена се надминува себе си. И додека овде дома го воспевавме за улогата во „За домот се работи“ на Милошевски и Кочовски на матичната сцена во Битолскиот театар, тој во лондонскиот „Глоуб“, го „воскресна“ Евреинот, лихварот Шајлок, еден од највпечатливите ликови во „Венецијанскиот трговец“ што го режираше Бил Бакхрст. Ликот за кој своевремено биле величени легендарните Лоренс Оливие, Патрик Стјуарт, го игра на староанглиски или шекспиров англиски, значи, како што самиот потенцира „бил исправен пред сериозен предизвик“.

Со нетрпение чекав да почнам да ја работам оваа претстава. Кога започнаа пробите имав голема поддршка од колегите, но и од тимот во театарот „Глоуб“ кој се грижи за тоа секој актер добро да говори на сцена.
Огнен Дранговски, актер.
„Со нетрпение чекав да почнам да ја работам оваа претстава. Кога започнаа пробите имав голема поддршка од колегите, но и од тимот во театарот „Глоуб“ кој се грижи за тоа секој актер добро да говори на сцена, за што навистина сум им многу благодарен. Потем се случи премиерата, а по неа се разбира секогаш имате едно чувство на исполнетост, но и на празнина дека сте завршиле едно патешествие. Ете тогаш почнуваат претставите и претставите всушност преминуваат во рацете на актерите“, вели Дранговски.
Сега сум во преговори за една нова претстава. Се запознавме со режисерот и тој би сакал да играм во таа нова продукција на „Глоуб“ која би требало да се случи наскоро, но тоа сè уште не е ништо сигурно. Сигурно ми се отвораат нови врати, нови работи.
Огнен Дранговски, актер.

Тој сега признава дека чувството за претставата му е многу чудно затоа што се работи за еден лик кој е намерно дистанциран од останатите, кој е отпадник и не му припаѓа на тоа општество и затоа е омразен од сите. Но, дополнува дека, како актер и како лик, успеал да ја придобие публиката на своја страна што е реткост во еден ваков случај.

„Режисерот кога ги делел ликовите сигурно знаел дека тој сака јас да бидам Шајлок. Во мојот Шајлок е внесен сиот темперамент кој јас го носам од наша јужно-европска страна, тој Медитеран на кој ние му припаѓаме, тој видлив гнев. Шајлок е обично прикажан како стар човек, овде е прилично млад и многу интензивен. Човек кој не се плаши да го каже својот став и кој експлодира на крајот. Човек кој носи некаков вид на бунт, но и свежина во веќе застоената стега, во Венеција или Лондон на пример“, вели актерот.

Режисерот кога ги делел ликовите сигурно знаел дека тој сака јас да бидам Шајлок. Во мојот Шајлок е внесен сиот темперамент кој јас го носам од наша јужно-европска страна, тој Медитеран на кој ние му припаѓаме, тој видлив гнев.
Огнен Дранговски, актер.
Дранговски објаснува дека во „Глоуб“ имаат традиција сите актери што се појавиле во претставата на крајот повторно да се појават на сцена, независно од тоа дали во текот на дејствието „умреле или загинале“. Тие, како што вели, едноставно „оживуваат“ и треба заедно да одиграат една слика која што таму ја нарекуваат „чик“.

„Во нашиот случај кога Џесика, ќерката на Шајлок, ќе остане сама радосна дека се збогатила со парите што му ги украла на татко си, се случува еден вид на сон каде тие двајцата танцуваат на нејзината свадба. Во таа свадба играат македонско оро. Го играат нашето наједноставно оро кое сите го знаат , три напред – едно назад. Претставата завршува со извикот „Опа – иха!“ и тогаш се случува голем аплауз на сцената“, вели Дранговски.

Македонскиот актер истакнува дека со самото тоа што сега е во Лондон, што од театарот „Глоуб“ го поканиле да игра во „ Венецијанскиот трговец“, на еден начин, веќе му ги отвориле вратите од интернационалната театарска сцена. Дополнува дека е во преговори и за некои други, идни проекти.

„Сега сум во преговори за една нова претстава. Се запознавме со режисерот и тој би сакал да играм во таа нова продукција на „Глоуб“ која би требало да се случи наскоро, но тоа сè уште не е ништо сигурно. Сигурно ми се отвораат нови врати, нови работи. Запознавам нови луѓе, нови режисери, нови колеги. Во „Глоуб“ доаѓаат не само од Британија, туку и од целиот свет. Доаѓаат од Германија, Италија и не само режисери туку и секакви луѓе кои се заинтересирани да видат нешто ново, нешто различно од кај нив. Ќе видиме. Никогаш не се знае, но сигурно е дека ми е отворена нова врата кон Европа. И веќе врвам низ неа. Веќе го имам поминато прагот“, вели актерот.

Инаку, чисто како појаснување, патот на Дранговски до актуелната претстава „Венецискиот трговец“ започна во 2012 година кога тој го толкуваше ликот на грофот Едвард во претставата „Хенри Шести“ со која Битолскиот театар настапи на фестивалот „Глоуб ту глоуб“. Играта на македонските актери беше пречекана со многу пофалби од критичарите, а на продуцентите од Шекспировиот театар особено им се бендисало она што го покажал токму Дранговски. Потем тој, во октомври мината година, настапи во компилацијата од шекспирови драми и други дела во кои учествуваат 20 актери од 14 земји од светот, по што бил селектиран за новиот проект кој и припаѓа на програмата „Глоуб образование“. Сега откако ја видоа над 1.600 млади луѓе, од 22 до 29 март, 100-минутната изведба на „Венецијанскиот трговец“ е планирано да се прикажува и за возрасната британска публика.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG