Достапни линкови

Живот во тесни чевли – метафора на суровото време


Работена по еден од поновите текстови на мајсторот на црната комедија Душан Ковачевиќ, „Живот во тесни чевли“ е првата годинешна премиера на Драмски театар од Скопје. Режисер на претстава што ќе биде изведена утревечер во 20 часот, е младиот Ненад Витанов.

„Живот во тесни чевли“ е современа, социјална, црна комедија со мелодрамски елементи. Авторот Душан Ковачевиќ на мајсторски начин ги испреплетува комичното и трагичното, рационалното и апсурдното, суровото и хуманото, реалноста и телевизијата, животот и смртта. Во неа петмина несреќни луѓе се надеваат дека ќе се изборат за правда и достоинствен живот, а наместо тоа стануваат учесници во реално шоу, експериментални глувци и предмет на исмевање. Убедени дека со големината на својата идеја ќе го добијат заслуженото, тие го губат елементарното човеково достоинство.
Се работи за една социјална приказна погледната низ призмата на духовитото, на радоста на животот, меѓутоа и на, метафорички, благодетите на смртта.
Ненад Витанов, режисер.

„Се работи за една социјална приказна погледната низ призмата на духовитото, на радоста на животот, меѓутоа и на, метафорички, благодетите на смртта. Дали е таа смрт и тоа заминување од овој свет во некој друг, на некој начин ослободување од овие земски маки“, истакнува Ненад Витанов, кому ова му прва режија во Драмски театар.

Ненад е млад, а многу зрел. Точно знае да ги одмери работите. Да имаш чувство како да работиш со режисер кој веќе има направено 20, 30 или повеќе режии и како глумец си многу сигурен во неговите мислења, во неговите ставови, во неговото видување за претставата.
Зоран Љутков, актери.
Тој појаснува дека „Живот во тесни чевли“ досега е поставена само на сцената на белградскиот театар „Звездара“ каде што сè уште е актуелна и во Истанбулскиот градски театар. За поголемиот дел од драмите на Ковачевиќ вели дека жанровски можат да се наречат црни комедии, секогаш испреплетени со актуелни социјално – политички теми и потенцира дека како жесток критичар на елитите, малограѓанштината, глупоста и пакоста, авторот со право го нарекуваат современ Нушиќ.

Режисерот потсетува на промислата на Ковачевиќ дека токму 21-от век, или времето познато по тесните чевли, е метафора на суровото време во кое храбриот, достоинствениот, праведниот и, пред сè, чесниот човек се чувствува непријатно. Згора на тоа дополнува дека како велешанец и самиот израснал со судбините и модерниот егзодус на овие луѓе кои транзицијата ги оставила на улица.

„Имаше толку многу приказни за свои блиски луѓе, пријатели, познаници. Една реплика од „Животот во тесни чевли“ вели: Горка судбина до горка судбина, не се знае која е потрагична! Сепак епилогот на пиесата ни дава чувство на оптимизам и надеж дека конечно постои правда, ако не на земјата, тогаш на небото“, вели Витанов.

Во претставата настапуваат актерите Драган Спасов – Дац, Марија Кондовска, Ѓокица Лукаревски, Ванчо Петрушевски, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Душица Стојановска и Зоран Љутков, како и студентите Христијан Поп-Симонов, Ненад Анѓелковиќ, Миа Кантарџиева и Благица Димитровска.

Некои од нив и досега толкувале улоги во пиесите на Ковачевиќ (посебно Петрушевски), Спасов минатата година ја потпишал режијата на „Балкански шпион“, но сите заедно сметаа дека успеале да направат ликови и претстава која што ќе ја мами публиката во театарот.

„Ненад е млад, а многу зрел. Точно знае да ги одмери работите. Да имаш чувство како да работиш со режисер кој веќе има направено 20, 30 или повеќе режии и како глумец си многу сигурен во неговите мислења, во неговите ставови, во неговото видување за претставата, а тоа за актерот е една олеснителна околност – да може што полесно да влезе во процесот кога апсолутно му верува на режисерот. Мислам дека оваа претстава е оној проект во Драмски театар што ќе доживее многу изведби“, ќе рече Љутков, кој со Витанов соработуваше и на „Ноќите во бел сатен“, претстава работена по текст на Братислав Димитров која што е хит на сцената на Велешкиот театар.

Сценографијата за „Живот во тесни чевли“ е дело на Валентин Светозарев, а за костимите и за музиката и овој пат беа задолжени постојаните соработници на режисерот – Катерина Чукниева и Сашко Костов.

Инаку, во чест на 27 март – Светскиот ден на театарот, со намера што повеќе да и се доближи на публиката, Драмски театар ќе организира 12–часовен театарски маратон, а во периодот од 15 март до 15 април во оваа наша установа ќе се одвива акцијата „Еден месец театар“ во рамките на која покрај намалените цени на билетите ( 100 денари) ќе бидат нудени бројни поволности, а во институцијата покрај изведбите на пиесите ќе се одвиваат и многу други придружни културни настани како изложби, концерти и перформанси.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG