Достапни линкови

„Не се клади на Енглези“ – драма за обложувањето и пријателството


„Не се клади на Енглези“ е насловена претстава чија премиерна изведба ќе се случи на 4 март, од 20 часот, на малата сцена на Македонскиот народен театар. Пиесата е работена по текст на српскиот автор Владимир Ѓурѓевиќ, во неа играат актерите Сашко Коцев, Оливер Митковски и Александар Микиќ, а режисер е Синиша Ефтимов.

„Не се клади на Енглези“, денес култниот текст на Владимир Ѓурѓевиќ, по Куманово (некаде пред пет години) наново ќе се најде на некоја од македонските театарски сцени. Од овој вторник, пиесата зад која во случајов застанаа актерите Сашко Коцев, Оливер Митковски и Александар Микиќ, а потем и режисерот Синиша Ефтимов, како приватен проект на продукцијата „Ауденција КМ“ во соработка со МНТ, ќе се обиде да ја анимира публиката од малата сцена на нашата национална театарска куќа.
Дејствието се случува во денешно време со препознатливи ликови во препознатливи ситуации и говори за еден многу битен феномен кај нас – обложувањето.
Сашко Коцев, актер.

Коцев (овде е задолжен за ликот на Паун), вели дека проектот го започнале уште во 2010 година, но дека поради обврски на матичната сцена морале на неколкупати да го одложуваат, за да конечно во непроменет состав стигнат до неговата премиерна изведба.

„Си ветивме дека еден ден мора да го сработиме ова затоа што текстот е многу примамлив, хит е во Белград и во Загреб и веќе шест-седум години наназад се игра во театрите. Дејствието се случува во денешно време со препознатливи ликови во препознатливи ситуации и говори за еден многу битен феномен кај нас – обложувањето.“
Темата на претставата е карактеристична за постранзициските држави во регионот каде што игрите на среќа заземаат доминантно место во животите на голем дел од луѓето и претставуваат единствена надеж за некаква заработка и подобар живот.
Оливер Митковски, актер.

Александра Микиќ, кој патем сем што го толкува ликот на Буле е потписник и на преводот, појаснува дека се решиле да користат сленг и дека самиот наслов е изведен од цитат кој се повторува повеќе од 20 пати во претставата.

„Текстот е навистина духовито напишан од авторот и мислам дека успеавме да го доловиме и адаптираме на нашите услови. Значи, не е урнебесна комедија, но е многу смешна со разно-разни пресврти кои ќе ни овозможат одлична гледаност. Стремиме кон тоа да добиеме една вечер во рамките на репертоарот на МНТ, не е исклучено претставата да се игра и паралелно бидејќи ја поставивме на малата сцена, а тука се и другите алтернативни простори и патувањата во други градови. “

Оливер Митковски (или Пикси), пак, дополнува дека тие се бавеле со тема што е карактеристична за посттранзициските држави во регионот.
Претставата е за едно пријателство кое што завршило, а она пријателство кое што завршува најверојатно никогаш и не почнало. Токму за тоа е оваа претстава. За едни тотално пореметени односи воопшто во цивилизацијата, во човештвото.
Синиша Ефтимов, режисер.

„Темата на претставата е карактеристична за постранзициските држави во регионот каде што игрите на среќа заземаат доминантно место во животите на голем дел од луѓето и претставуваат единствена надеж за некаква заработка и подобар живот.“

Режисерот Синиша Ефтимов потенцира дека „Не се клади на Енглези“ е исклучиво актерска претстава бидејќи се работи за еден текст кој што до максимум може да ги доведе нивните можности и за три фантастични ролји работени низ документарна призма. Тој дополнува дека, во суштина, во нивната претстава станува збор за пријателството, за нарушените цивилизациски односи.

„Претставата е за едно пријателство кое што завршило, а она пријателство кое што завршува најверојатно никогаш и не почнало. Токму за тоа е оваа претстава. За едни тотално пореметени односи воопшто во цивилизацијата, во човештвото. Не само во нашава држава, затоа и категорично тврдам дека оваа претстава не може да се вика „Не се клади на Македонци“. Тоа е премногу локално. Ние никогаш не размислуваме локално, особено во театарот. Нашата задача е да го фатиме духот на времето во кое што живееме. Темата е универзална. Така да, ако веќе мораме да бараме подтекст, тогаш подтекстот би бил: Не се клади на луѓе! Многу повеќе отколку на Македонци, Англичани или било која друга нација. “
Кон ова само уште информацијата дека сценографијата во претставата е на Илина Ангеловска, костимограф е Ана Данчевска, а продуцент Виктор Рубен.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG