Достапни линкови

Кампања за зголемување на етничкиот јаз


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Никола Груевски и Али Ахмети со нивните изјави тргнаа во кампања со која создаваат етнички јаз, велат експертите, кои се се сомневаат дека тоа го прават во договор за да го одвлечат вниманието од вистинските социјални проблеми. Таквата кампања на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ остава траги врз обичните луѓе, без разлика што партиите на крај ќе си се договорат.

Ако се имаат предвид изјавите на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во претстојниот период на изборната кампања не е за очекување дека ќе се намали со таа наводно спротивставена реторика помеѓу двете партии, сметаат аналитичарите. Пораката на Али Ахмети дека ДУИ ќе го оспори легитимитетот на идниот претседател и изјавата на Груевски дека ДУИ претерале со барањето за консензуален претседател оставаат впечаток дека коалициските партнери се во лоши односи, но тоа само упатува на реалноста дека целта е подигање на рејтингот со опција да постигнат договор во одреден момент, вели Здравко Савески.
Очигледно е дека двете партии играат на националната карта и цело време постои сомнеж дека тоа го прават во договор за истовремено да им се зголеми рејтингот и да го одвлечат вниманието на граѓаните од социјалните проблеми.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Очигледно е дека двете партии играат на националната карта и цело време постои сомнеж дека тоа го прават во договор за истовремено да им се зголеми рејтингот и да го одвлечат вниманието на граѓаните од социјалните проблеми преку инсистирање на националната агенда“, вели Савески.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.
Според него, она што е најважно е како ќе гласаат граѓаните приврзаници на ДУИ во вториот круг на претседателските избори кои се совпаѓаат со предвремените парламентарни избори.

„Многу често во ова владино партнерство се случувало ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да стојат цврсто на своите националистички позиции, за после некако магично да успеат да се договорат“, вели Савески.
За обичниот граѓанин тоа значи песимизам, тоа значи дека никогаш нема да биде подобро, тоа значи дека меѓуетничките односи ќе бидат уште полоши.
Исмет Рамадани, политички аналитичар.

Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани коментира дека полека, но сигурно, се создава меѓуетнички јаз со таквата спротивставена кампања помеѓу владините партнери. Нивните ставови секогаш се ставаат под наводници, но сето тоа има влијание врз меѓуетничките односи и целиот политички амбиент станува тензичен, вели Рамадани.

„Мислам дека и двајцата лидери, односно двете партии, претеруваат со тоа што секогаш се мисли во јавноста дека наводно прават“, вели тој.

Според него, острата реторика меѓу двете партии ќе се зголеми во наредниот период. Лидерите може да бидат поумерени во изјавите, но тоа ќе го надополнуваат другите кандидати и на овој начин ќе имаме крајно неприфатлива кампања со лоши настапи, оценува Рамадани.

„Колку и да се преправаат дека тие се вистински односи, не е тоа начинот на кој треба да се обраќаат до нивните електорати, затоа што за обичниот граѓанин тоа значи песимизам, тоа значи дека никогаш нема да биде подобро, тоа значи дека меѓуетничките односи ќе бидат уште полоши“, вели Рамадани.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG