Достапни линкови

Дивоградбите ќе се легализираат до декември 2015


Со измените во законот за легализација на бесправни градби рокот за поднесување на документите повторно се пролонгира, овој пат до декември 2015 година. Образложението на Министерството за транспорт и врски за ваквите измени е да им се излезе вo пресрет на граѓаните. До пред повеќе од една година Министерството тврдеше дека нема да дозволи пролонгирање на роковите и дека граѓаните кои нема да ги легализирааат дивоградбите ќе бидат казнети.

Собранието во последен момент пред распуштање по скратена постапка ги донесе измените во законот за легализација на бесправни градби со што рокот за поднесување на документите повторно се пролонгира, овој пат до декември 2015 година. Образложението на Министерството за транспорт и врски за ваквите измени е да им се излезе в пресрет на граѓаните.
Измените се прават имајќи предвид дека добар број граѓани кои имаат поднесено барање за легализирање дивоградби не можеле да поднесат геодетски елаборати согласно Законот до јуни оваа година.
Џелал Бајрами, заменик-министерот за транспорт и врски.

„Измените се прават имајќи предвид дека добар број граѓани кои имаат поднесено барање за легализирање дивоградби не можеле да поднесат геодетски елаборати согласно Законот до јуни оваа година. Предвидено е до јуни да бидат поднесени околу 400 илјади барања за легализирање, а досега се поднесени околу 100 илјади геодетски елаборати“, рече заменик-министерот за транспорт и врски Џелал Бајрами.

Втората измена, односно пролонгирање на рокот, се однесува на легализирање на терасите кои граѓаните во станбени објекти ги претвориле во простории за домување, а немаат поднесено барање за нивно легализирање, тоа да можат да го направат до крајот на 2015 година.
Мислам дека граѓаните сепак си поднеле документи, тоа што треба. Е сега понатаму системот, едно повлекува друго, други документи плус, парите не се онака како што кажуваат, 1 евро, тоа повлекува нови даноци и други трошоци.
Анкетиран граѓанин.

До пред повеќе од една година Министерството тврдеше дека нема да дозволи пролонгирање на роковите и дека граѓаните кои нема да ги легализирааат дивоградбите ќе бидат казнети. Министерот Миле Јанакиески тогаш ги повика градоначалниците да ги вклучат сите капацитети на општинските администрации за успешно спроведување на проектот за легализација на дивоградбите и примање што поголем број барања од граѓаните

Тогаш со претходното законско решение кое стигна до Уставен суд, се предвидуваше и уривање или конфискување на бесправно изградениот објект.

Во јавноста се добива впечаток дека изборниот процес како олеснителна околност им овозможува на граѓаните продолжување на законските рокови за да си ги средат документите околу имотот.

Граѓаните признаваат дека дел од вината за одолговлекувањето на постапката е во нив, но додаваат дека проблеми има и во работата на општинските служби.

„Некаде помеѓу, и граѓаните и општината.“

„Повеќе е на граѓаните вината, чекаат до последниот рок да поднесат само барање, а камо ли другите документи да ги прибават.“

„Мислам дека граѓаните сепак си поднеле документи, тоа што треба. Е сега понатаму системот, едно повлекува друго, други документи плус, парите не се онака како што кажуваат, 1 евро, тоа повлекува нови даноци и други трошоци, така што мислам дека сепак застојот е во администрација“, велат анкетираните граѓани.

Градоначалниците, пак, велат дека општинските служби си ја вршат својата работа според она што како документи им ги доставуваат граѓаните, но објаснуваат дека во одредени ситуации проблемот е во сосема трета работа.

„Комисијата колку можеше ги обработи, тоа е огромен број, досега едно 2,5 до 3 илјади барања се неупотребливи од многу причини. Најчесто се таму каде што не може да бидат изменети, тоа се сообраќајници, главни артерии итн., тоа е нешто што не може да се адаптира по ниеден основ, ни со промена на генерални планови, ни со промена на детални планови, така што таа легализација не ја земаме предвид, бидејќи тука не е можно да се интервенира од стратешки причини“, изјави неодамна градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски.

Според последните владини податоци, до почетокот на годинава во општините се отворени 350 илјади предмети за легализација на дивоградби. Според Агенцијата за катастар на недвижности, до крајот на јануари процесот за легализација е целосно завршен за околу 90 илјади дивоградби.

Во однос на измените во законот за легализација на терасите, граѓаните имаат дополнителен рок до 30 јуни 2015 година за поднесување барање за утврдување правен статус на овие површини од објектите, со тоа што тие треба да бидат изградени во периодот до 3 март 2011 година.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG