Достапни линкови

Како да се реши судбината на охридскиот хотел Палас?


Хотелот Палас кој не работи од 2001 година, сега пропаѓа, искршени се стаклата на прозорците, уништена е дограмата, а ѕидовите на надворешниот дел од хотелот се руинирани.

Општината бара инвеститори, државата го стави под сопствена заштита како споменик на културата. Некогаш најрепрезентативниот хотел на oхридското крајбрежје, Палас, чека подобри времиња да ги отвори повторно вратите за туристите како што тоа беше случај пред повеќе од пет децении. Хотелскиот објект, кој не работи од 2001 година, сега пропаѓа, искршени стакла на прозорците, уништена дограма, руинирани ѕидови на надворешниот дел од хотелот, опкружен со високи огради е сликата која охриѓани и туристите секојдневно ја гледаат. Дополнителен проблем се и нерешените имотно правни односи што само ја усложнува работата.
Палас има трајна заштита, но тоа не значи дека од Палас ќе правиме музеј. Ние практично ја заштитивме неговата намена. Не дозволуваме да се надградува хотелот, доградува.
Тања Паскали Бунташеска, директорка на Охридскиот музеј.

Директорката на Охридскиот музеј, Тања Паскали Бунташеска, вели дека не значи ако објектот е заштитен дека од него ќе се прави музеј. Секој потенцијален инвеститор кој ќе сака да вложи во Палас и да го рестартира, тоа може да го направи, но под строго утврдени правила.

„Палас има трајна заштита, но тоа не значи дека од Палас ќе правиме музеј. Ние практично ја заштитивме неговата намена. Не дозволуваме да се надградува хотелот, доградува. Дозволуваме само секакви санациони мерки, надворешно полирање на мермерната фасада, промена на столаријата, секакви внатрешни промени кои инвеститорот ќе смета дека ќе треба да ги направи за да Палас стане современ хотел“, вели Бунташеска.
За нас, решавањето на статусот на Палас и изградбата на еден современ туристички локалитет на тоа место ни е од особено значење.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

Таа посочува дека идниот инвеститор, доколку некој се одлучи да инвестира, ќе може да изгради и базен.

„Дозволивме партерно современо уредување на градините на Палас, дури и изградба на базени и сите потребни содржини за да може Палас да стане современ хотел. Единствено новиот ресторан кој е изграден дополнително имаме дадено предлог да се изработи во склоп со останатите фасади на Палас. Тоа се нашите препораки во режимот за заштита. Ние ќе го погледаме проектот и доколку е во склоп со она што сме го издале како режим ќе го одобриме“, вели Бунташеска.

Хотелот Палас се најде и во брошурата Инвестирајте во Охрид. Градоначалникот Никола Бакрачески рече дека за општината е од интерес да се реши судбината на Палас.

„Оваа локална самоуправа во изминатите неколку месеци имаше интензивни контакти со претставници на Акционерското друштво врз основа на кои ги разгледувавме нивните планови за понатамошната судбина на Палас. За нас, решавањето на статусот на Палас и изградбата на еден современ туристички локалитет на тоа место ни е од особено значење. Тоа не е имот кој е во сопственост на општината и на Република Македонија, но правиме напори со тоа АД да излеземе во пресрет на нивните потенцијални планови за изградба на хотелски комплекс на таа локација“, рече Бакрачески.

Охриѓани се сеќаваат на најубавите години на Палас, кога вечерните забави ги поминувале во надалеку прочуената дискотека сместена во хотелот, а која сега е распадната.
XS
SM
MD
LG