Достапни линкови

Политика или технички проблеми ги смрзнуваат струшките основци?


Основното училиште Јосип Броз Тито во Струга.
Основното училиште Јосип Броз Тито во Струга.

Основците од училиштето Јосип Броз Тито од Струга два дена не посетуваа настава поради немање нафта за греење. Директорката обвинува за тенденциозност, во општината, пак, велат дека е технички проблем.

Среде зима, два дена, 800 ученици од Основното училиште Јосип Броз Тито од Струга не одеа на настава поради немање на нафта и студените училници. Со истиот проблем се соочуваа и подрачните училишта во селата Мислешево и Враништа. Наставата се очекува да продолжи бидејки од општината најавија дека на училиштето ќе му испорачаат нови 8 тони нафта. И во текот на неколку денови од минатата недела учениците учеле без греење, но со скратени часови.
Како училиште сме изложени под притисоци и јас и помошникот директор и раководството. Мислиме дека има нешто тенденциозно.
Ана Столеска, директорка на ОУ Јосип Броз Тито во Струга.

Директорката на Јосип Броз Тито, Ана Столеска, вели дека со новите количини на нафта прашање на време е до кога ќе издржат. Училиштето функционира веќе 13 месеци со блокирана жиро сметка.
Ана Столеска, директорка на Основното училиште Јосип Броз Тито од Струга.
Ана Столеска, директорка на Основното училиште Јосип Броз Тито од Струга.

„Во текот на цело прво полугодие добивме само 2,5 тони нафта, но среќа поради времето кое беше топло издржавме. Имавме и некои залихи кои останаа од минатата година. Но, од минатата среда останавме целосно без нафта. Како училиште ни се потребни 46 тони нафта. Не знаме како понатаму ќе се одвиваат работите. До крај сигурно нема да ни издржат. Во сите училишта мислам дека има недостаток на нафта“, вели Столеска.
Проблемот е технички. Што намера имаме ние овде не ми е јасно. Минатата година потрошиле 24 тони нафта, а сега бараат 48 тони.
Лавдрим Елмази, раководител на секторот за образование во Општина Струга.

Таа се сомнева дека зад проблемот со нафтата можеби има и друга позадина.

„Како училиште сме изложени под притисоци и јас и помошникот директор и раководството. Мислиме дека има нешто тенденциозно“, рече Столеска.

Лавдрим Елмази, раководител на секторот за образование од Општина Струга, вели дека проблемот со Јосип Броз Тито веќе е решен. Барањата за нафта повеќе не се прават како порано, вели тој.

„Нарачеле на почеток на пример 40 тони и после знаете што може да се случи кога имаш резерви од 40 тони. Сега го сменивме тоа и се носи за потребите за две недели. Училиштето фактурира колку им треба и ние им носиме. Тие можат да нарачаат колку сакаат, но после излегува дека имаат долг и блокирани сметки. Нарачуваат повеќе од колку што имаат пари да платат. Автоматски влегуваат во долг како што се веќе влезени и не можат да излезат“, вели Елмази.

Тој посочува дека зад проблемот што настана во Јосип Броз Тито не се крие никаква друга намера.

„Проблемот е технички. Што намера имаме ние овде не ми е јасно. Минатата година потрошиле 24 тони нафта, а сега бараат 48 тони. Нека нарачаат сами нафта, но не може да нарачаат затоа што се блокирани и затоа компаниите не им носат нафта. Проблемот не е политички како што тие кажуваат. Кога се зборува за деца тука нема политика“, вели Елмази.

Пред почетокот на зимскиот распуст со истиот проблем се соочувале и во Основното училиште Браќа Миладиновци каде една недела настава се изведувала без греење, но часовите биле скратени.
XS
SM
MD
LG