Достапни линкови

Драган Даутовски – За мене музиката е енергија!


Драган Даутовски квартет.
Драган Даутовски квартет.

Со нов албум на својот квартет - „Жар“ и со одбранета докторска дисертација, Драган Даутовски влегува во 2014 година не само како човек кој го достигнал врвот од својот професионален развој, туку и растоварен од обврската да биде музички археолог. Затоа несомнено и треба да му се верува кога вели дека лично чувствува силна потреба за нови, со ништо неусловени, звуковно-филозофски авантури.

Драган Даутовски е голем уметник. Еден од малкуте што ги изнедрило ова парче небо, а што можете да ги сретнете на некоја од големите сцени по светот. Од Скопје преку Берлин, Париз и Њујорк, па сè до Сиднеј и Пекинг и така редум. Со својот квартет или со други големи планетарни солисти, колеги артисти на УНЕСКО. Нему од Бога му е дарбата да подучува и да ја споделува музиката со сите добронамерни и убави луѓе. Со незгаслив жар во мислата да ја раскажува својата, нашата автентична звучна приказна и да ја издига на засебен пиедестал во океанот од ритми и вишнеења.
Александра и Ратко долги години не беа тука, меѓутоа за целото тоа време постоеше една мисла која мене лично ми беше многу важна.
Драган Даутовски, музичар.

„Жар“ мораше да се случи по една веројатно малку подолга пауза од ред оправдани причини. Ние сите имавме одредени индивидуални обврски кон ова општество и кон семејствата. Александра и Ратко долги години не беа тука, меѓутоа за целото тоа време постоеше една мисла која мене лично ми беше многу важна, а тоа е квартетот звучно и практично да биде интересен на сцена. Затоа се случуваше во Москва од сите страни авионски да се сретнеме на два дена пред концертот, или во Трст на денот на настапот. Всушност квартетот имаше една ментална стратегија да биде спремен свирачки во секое време и под секакви фактори на ризик“, вели Даутовски.
За мене музиката е енергија. Значи ме интересира оној сегмент што значи енергија и затоа сакам да излезам на сцена без концепт.
Драган Даутовски, музичар.

Во таква една поставеност на нештата, тој вели дека нему како на највозрасен и водач на квартетот му останувало да го одбере репертоарот. Да состави програма селектирана од вкупниот број од 70-тината композиции со кои во секој момент можат да и се претстават на публиката. И, затоа, како што дополнува, новиот албум едноставно си го чекал својот момент.

Ги носиш учениците енергетски, стилски, композиторски, динамички, секако, но тие сега веќе се во состојба да носат свои авторски дела.
Драган Даутовски, музичар.
„Тоа се случува кај формации кои што се сигурни во својот перформанс и во секое време можат да влезат во студиото и да го дадат својот максимум. И, да не е така, дури 50 отсто да понудат од својот концертен потенцијал тоа сепак ќе значи успешен албум. Меѓутоа „Flame“ исто така начека момент, начека потреба од енергија, начека малку бес, огромна желба за свирење, начека силна желба да се влезе во студио и затоа едноставно се наметна и самиот наслов. „Жар“ значи да изгориш во студио. Да изгориш свирејќи во една атмосфера која што сме ја заборавиле пред десеттина години и повеќе. Првиот албум „Патот до сонцето“ беше во 2000“, вели Даутовски.

Говорејќи за новата објава. тој знае да забележи дека сакал да внесе нешто ново на неа, дека сакал да го внесе контрабасот како инструмент – нешто што како фундамент го носел долго во себе и притоа на ум го имал Мартин Ѓаконовски како соработник (еден од најпознатите македонски џез музичари во светот и посебно во Европа). Сепак, конечно се одлучил за младиот Мартин Јовановски за кој вели дека мошне умешно влегол во оваа нова нивна звучна приказна.

Од друга страна, професорот е комплетно согласен дека неговите ученици Александра Поповска, синот Ратко и Бајса Арифовска веќе израснаа во инструменталисти и моќни автори пред кои е убава и творечки плодна иднина.

„Досега учителот беше тој кој што ја изнесуваше дефиницијата односно лекцијата. Ги носиш учениците енергетски, стилски, композиторски, динамички, секако, но тие сега веќе се во состојба да носат свои авторски дела. Александра има во Холандија свои проекти, Бајса подолго време работи и ја истражува чалгиската музика, Ратко подготвува свој засебен албум само со ударни инструменти. Тие едноставно креативно веќе си имаат свои концепти и јас чекам веќе утре да ги стават на маса и да кажат еве ова е мојата идеја и ајде што можеме да направиме нешто од неа“, вели Даутовски.

Со ваквите сознанија пред себе, тој нагласува дека „Жар“ како албум прави едно сериозно заокружување во неговата професионална кариера и конечно му отвора фаза во која би сакал да се изнасвири.

„Јас, во принцип, не сум се изнасвирел досега. Се сум бил некако во функција – елемент кој што обединува, кој што едуцира, кој што бара, кој што мотивира на креација и т.н. Сега сакам да свирам. Замисли во случајов четворица силни зрели артисти на сцена кои што ќе донесат нова, свежа, музичка, творечка креативна крв и не само на овие простори. Квартетот одамна го надмина македонскиот, па и балканскиот простор, секое нивно индивидуално креативно излегување ќе биде на високо естетско ниво. Мајсторско! Тие со овој албум имаат верификација дека се спремни да си прават свои проекти, како што и ги прават надвор од нашата дружина. А, она што ќе се случува во квартетот, тоа е и за мене предизвик. И за мене интересно. Има, се случуваат некакви процеси и убеден сум дека тоа новото ќе биде подобро од ова што го сторивме досега“, вели Даутовски.

Згора на ова, тој себе си пожелува и период на засилени експерименти. Вели дека тоа многупати го практикувал и досега, но во случајов нагласува дека дошло времето „кога од музички археолог треба да стане филозоф“:

„Сè она што ми се случуваше годиниве наназад, сите тие проекти во кои што има трага од моиве дланки биле дел од некои мои експерименти – зреење, размислување. Меѓутоа јас сум сега во една фаза и годините ми го дозволуваат тоа и моето педагошко искуство, која што милувам да ја наречам филозофска. Досега бев археолог, значи докторатот е основата, бенолошката база е музиколошката археологија при што квартетот е дел од таквиот проект – истражуваш традиционална музика, светска, синтетизирање и т.н., меѓутоа сега се бавам со филозофија на звук, филозофија на енергија, што е тоа звук. Топчестата флејта и кавалот ме научија сам кога свирам дека музиката е нешто сосема друго од она што ние го нарекуваме музика, што светот во последниве 2000 години му става етикета на музика. За мене музиката е енергија. Значи ме интересира оној сегмент што значи енергија и затоа сакам да излезам на сцена без концепт. Едноставно излегувам на сцена со мојот арсенал од инструменти (мајсторски свири некаде 20-на инструменти н.з), со моето искуство и знаење и креирам музика која што е некаде длабоко во мене“, вели Даутовски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG