Достапни линкови

„Во хармонија“ на Даутовски - патешествие до суштината на музиката


„Во хармонија“ е насловен проектот на мултиинструменталистот и голем народен уметник Драган Даутовски чија изведба ќе се случи вечерва во манастирскиот комплекс „Света Богородица“ во Трескавец.

„Во хармонија“ како постојано отворен музички перформанс на уметник со богат творечки опус и долгогодишно професионално и животно искуство, не многу по премиерното претставување во камерната атмосфера на Драмски театар, го одведе Драган Даутовски во пазувите на манастирскиот комплекс „Света Богородица“ во Трескавец. На тој начин,чествувајќи го големиот христијански празник, тој се реши на љубителите на духовниот мир да им дари дел од сопственото тихување и да ги поведе на патешествие до суштината на музиката.
Тоа е моја филозофска и уметничка определба музиката да се врати онаму каде што и припаѓа – во хармонијата на просторот, да се почувствува нејзината боженствена функција. Музичкиот материјал се базира врз моќните звуци на топчестата флејта, на кавалот, на стариот инструмент цитра ...значи се работи за личен перформанс кој јас милувам да го нарекувам тихување.
Драган Даутовски, уметник.

„Тоа е моја филозофска и уметничка определба музиката да се врати онаму каде што и припаѓа – во хармонијата на просторот, да се почувствува нејзината боженствена функција. Музичкиот материјал се базира врз моќните звуци на топчестата флејта, на кавалот, на стариот инструмент цитра ...значи се работи за личен перформанс кој јас милувам да го нарекувам тихување.“

Даутовски забележува дека „Во хармонија“ како проект е следбеник на „Кључ“ со кој тој симболично успеал да ги отвори портите до себеспознавањето. Притоа вели дека тој чин бил условен од откривањето на окарината и дека таа го натерала да размислува и истражува што е врпочем музиката и колкава била нејзината функција во еволутивниот процес на човештвото.

„Сознанието дека музиката ја има моќта и функцијата да ги менува, да прави некакви генетски мутации и на идните генерации ми е мотивација повеќе да ја користам мојата уметничка и човечка зрелост и како поборник по вистината да ја промовирам нејзината суштинска вредност а тоа е божествената, односно космичката хармонија. Впрочем тоа е она што мене ме задоволува како уметник, истражувач и човек кој оноку колку што можеше помогна националната македонска музика да дојде до своите корени, меѓутоа сега ме интересираат некои други корени а тоа се длабоките гени на човештвото и функцијата на музиката која имала влијание врз еволуцијата.“

Инаку, професорот Драган Даутовски летово настапуваше и држеше предавања во Полска токму на тема „Македонска традиционална музика и Влијанието на музиката врз еволуцијата на човештвото“, неодамна беше гостин и на Тамбурашкиот фестивал во Куманово, а како артист на УНЕСКО есенва патува во Кина каде во близината на Шангај треба да свири придружуван од тамошен филхармониски оркестар.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG