Достапни линкови

Буџет за богата власт и сиромашни граѓани?


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Во следните пет дена колку што ќе трае собраниската расправа за буџетот, очекувам жестока дискусија, борба на аргументи и концепти, спротивставување на политиките на Владата и оние кои ние како опозиција сметаме дека треба да се спроведуваат, вели Марјанчо Николов од СДСМ.

За опозицијата предлог буџетот за 2014 година останува лошо конципиран и преобемен. Во следните пет дена колку што ќе трае собраниската расправа за буџетот, очекувам жестока дискусија, борба на аргументи и концепти, спротивставување на политиките на Владата и оние кои ние како опозиција сметаме дека треба да се спроведуваат, вели Марјанчо Николов од СДСМ.
Граѓаните и стопанството ќе треба да дадат многу пари во буџетот, а колку од тоа ќе им се врати имајќи предвид дека владата најмногу троши за себе, е под знак прашалник.
Маријанчо Николов, СДСМ.

„Што значи дека граѓаните и стопанството ќе треба да дадат многу пари во буџетот, а колку од тоа ќе им се врати имајќи предвид дека владата најмногу троши за себе, е под знак прашалник, така што и овој буџет ќе остане буџет за богата власт, а сиромашни граѓани е економија“, вели Николов.

Претставниците на власта не очекуваат изненадувања и се надеваат дека буџетот ќе биде донесен и пред утврдениот рок од пет дена. Незим Рамизи од Демократската унија за интеграции вели дека главната расправа ќе биде првиот ден, а сè друго понатаму би биле повторувања на веќе кажаното.
Од страна на власта и опозицијата беше веќе кажано сè, соочени аргументи за и против, владата остана на своите ставови дека ова што го проектира, смета дека ќе биде реализирано.
Незим Рамизи, ДУИ.

„Од страна на власта и опозицијата беше веќе кажано сè, соочени аргументи за и против, владата остана на своите ставови дека ова што го проектира, смета дека ќе биде реализирано“, вели Рамизи.

Лошиот деловник е виновен за тоа што сите поднесени амандмани не беа разгледани, вели Николов и објаснува дека собраниската расправа е општа и не може да промени ништо.

„Деловникот не превидува на пленарна седница да се разговара за амандманите и тие амандмани остануваат незавршени, а членот 153 од Деловникот предвидува за секој амандман да се расправа и да се гласа поединечно, така што нејасно е што ќе се случува понатаму со тие амандмани“, вели Николов.

Рамизи, пак, вели дека на собраниската расправа може да се дискутираат 390-те амандмани кои останаа неразгледани, но освен јавната дискусија, друг ефект нема да биде постигнат. Сепак, според Рамизи, повеќето од амандманите се неосновани.

„Пратениците поднесуваат амандман за водовод во некои села, води расправа за проектот Скопје 2014 или за некои други проекти коишто ги реализира владата, а всушност бараат со конкретниот амандман некој водовод да се гради, ја шират темата, ги користат максимум оние минути што им се дадени за да зборуваат и за нешто друго“, вели Рамизи.

Од сите 684 амандмани кои беа поднесени, Владата прифатила само пет. Опозицијата се сомнева дека прифаќањето на амандманите ќе значи и нивно реализирање, повикувајќи се на ланското искуство кога власта кажала дека прифаќа 44 амандмани, а во предлогот вратен до Собрание имало само 11. Од нив ниту еден не бил реализиран.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG