Достапни линкови

Ховит: Ако остане статус кво, ќе има проблеми во Македонија


Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит.
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит.

Ако Македонија, земјата која има најдолг кандидатски статус, биде повторно отфрлена, тогаш ќе има последици внатре во земјата и тоа мора да го разбере Брисел. Но, исто така ќе кажам дека има планина која треба да се искачи и многу земји членки на ЕУ треба да бидат убедени, вели известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит во разговор за Радио Слободна Европа.

Господине Ховит, рековте дека доста време е загубено за Македонија. Дали сè уште има надеж за напредок до декември?

Секогаш има надеж. Моја работа е не да седам на страна и да сонувам, туку да направам работите да се случат. Тоа што му го кажав на еврокомесарот за проширување Штефан Филе и пред Европскиот парламент е дека тоа е наша заедничка задача да ги заживееме надежите од минатиот декември. Јас сум апсолутно посветен да го оствариме тоа.

Дали има политичка волја за решавање на спорот за името, која рековте дека е потребна за да се реши проблемот што побрзо?

Мојата порака до луѓето во земјата е дека има недостиг на политичка волја. Но, од двете засегнати страни. Во земјата сè уште мора многу да се направи за да се придвижи реформската агенда што побрзо и да се осигураме дека лекциите од минатиот декември се целосно совладани и дека препораките на парламентарната комисија се целосно исполнети. Но, не е демонстрирана политичката волја ни од соседните земји, како ни од Европскиот совет. Секој од нив ако само седи настрана и се обидува да го обвини другиот, нема да го придвижи напред процесот. Мојот повик е да заживее политичката волја од сите засегнати страни и само ако тоа биде постигнато може да се движиме напред.

Гопсодине Ховит, рековте дека ја поддржувате препораката на Филе Македонија да ги почне преговорите со ЕУ и да го реши името во раната фаза. Дали е тоа остварливо?

Апсулутно е можно. Еврокомесарот Штефан Филе го предложи во минатата година и ја имаше и мојата поддршка, при што го истакнав тоа и во ЕП во минатиот декември. Јас очекувам дека повторно ќе можам да го предложам тоа во оваа година. Европскиот совет минатата година го игнорираше предлогот на Филе и се надевам дека тоа нема повторно да се случи. Но, истовремено во мојата вчерашна изјава кажав дека мора да има нов поттик во спорот со името. Тоа е она што недостига и кажав дека претстојното грчко претседателство обезбедува можност, бидејќи тие велат дека сакаат проширувањето на ЕУ да им биде приоритет и тоа за сите земји, а не само за некои.

Што очекувате во декември кога Европскиот совет треба да одлучи дали да ги отвори преговорите со Македонија или не? Кој е ризикот за земјата?

Има ризик ако земјата и натаму биде отфрлена. Во годината кога го славиме зачленувањето на Хрватска и можноста на Албанија да добие кандидатски статус, јас предупредувам дека доколу поранешната југословенска Република Македонија, земјата која има најдолг кандидатски статус, биде повторно отфрлена, тогаш ќе има последици внатре во земјата и тоа мора да го разбере Брисел. Но, исто така ќе кажам дека има планина која треба да се искачи и многу земји членки на ЕУ треба да бидат убедени. Не ми е сè уште јасно дали може да добиеме позитивна одлука во декември и затоа секој напор мора да биде направен во самата земја за да се демонстрира напредок и политичка волја. Актерите во самата земја имаат исто така своја одговорност и ги повикувам да ја покажат.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG