Достапни линкови

Спорот за името и слободата на медиуми - пречки кон ЕУ


Архивска фотографија: Прес-конференција на премиерот Никола Груевски и еврокомесарот Штефан Филе.
Архивска фотографија: Прес-конференција на премиерот Никола Груевски и еврокомесарот Штефан Филе.

Прашањето со слободата на медиумите и спорот за името се едни од главните забелешки во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.

Меѓу повеќето забелешки кои се нотирани во годинашниот извештај за напредокот на нашата земја се и прашањето со слободата на медиумите и спорот за името. Во извештајот се изразува загриженост во врска со слободата на медиумите, наведено е дека се намалува медиумската слободна понуда, а оти преостанатите медиуми се драстично поделени по политички линии, што, пак, резултира со многу ниски новинарски стандарди.
Нашите уредници и главни уредници се продадоа на олигарсите, се продадоа на партиите и сега ние ги жнееме тие плодови. Сакаа тие да бидат во друштво на партиите, сакаа да бидат во друштво на олигарсите и кога дојдоа работите до ова дереџе, е сега гледаме дека сме ја заглавиле состојбата.
Мирче Адамчевски, поранешен претседател на Советот за радиодифузија.

Поранешниот претседател на Советот за радиодифузија Мирче Адамчевски вели дека состојбата со медиумите ќе се подобри ако се води дијалог меѓу власта и медиумската заедница. Сепак, признава дека од нивната досегашна комуникација нема никаков ефект, а своја вина, според него, имаат и новинарите.
Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

„Нашите уредници и главни уредници се продадоа на олигарсите, се продадоа на партиите и сега ние ги жнееме тие плодови. Сакаа тие да бидат во друштво на партиите, сакаа да бидат во друштво на олигарсите и кога дојдоа работите до ова дереџе, е сега гледаме дека сме ја заглавиле состојбата“, вели тој.
Важно беше и е да докажеме дека има волја од наша страна тоа да се реши, што засега за жал тоа не е случај.
Рамадан Рамадани, аналитичар.

Иако не е лесно преку ноќ да се подобрат состојбите кои веќе подолго време траат, Адамчевски смета дека има механизми со кои можат да се подигнат новинарските стандарди. Еден од нив е на пример формирање на невладина организација за саморегулација во медиумите.

„Да се преземе одговорноста за етиката и за професионалноста во едно тело и таму да се решаваат сите етички и професионални проблеми“, вели Адамчевски.

Иако и годинава по петти пат Македонија добива препорака за отпочнување на преговорите за членство, сепак таа останува закочена во евроинтегративниот процес поради нерешениот спор за името со Грција. Ова, според политичкиот аналитичар Рамадан Рамадани, не значи дека земјава има помали шанси да отпочне преговори, туку дека е потребна поголема политичка волја да се дојде до решение.

„Мислам дека ставот на ЕК се должи само на некооперативноста од владата. Единствена мерка во насока на решавање на спорот за името беше екскурзијата на Али Ахмети која срамежливо, паушално и необврзувачки ни пред домашната јавност беше изведена во некои центри“, вели Рамадани.

Заклучокот на Комисијата во однос на спорот за името е дека Македонија мора да го реши спорот за името без одлагање. Проблемот е долгогодишен и повеќеслоен, но не и нерешлив, вели Рамадани, кој посочува дека постоеле и потешки проблеми и предизвици со кои одредени земји аспиранти успеале да се соочат во процесот на пристапување во Унијата.

„Важно беше и е да докажеме дека има волја од наша страна тоа да се реши, што засега за жал тоа не е случај“, вели Рамадани.

Покрај овие забелешки, во најновиот извештај на Комисијата, Брисел ја критикува Македонија и за корупцијата и судството. Документот зборува и за настаните на 24 декември. Комисијата очекува целосно спроведување на мартовскиот договор.

Во извештајот за напредокот на Македонија, Комисијата констатира дека веќе 8 години нашата земја е кандидат за членство во ЕУ и дека препораката за почеток на преговори никако не успева да стане реалност, а исто така земјава не успеа да влезе во вториот дел од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG