Достапни линкови

Ивон - Лидерите да извлечат поука од 24 декември


Интервју со Кристофер Ивон
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:14 0:00

Интервју со Кристофер Ивон

Мислам дека клучните работи од извештајот на комисијата се препораките, а целта која јас ја гледам со донесувањето на извештајот е да се осигураме дека настаните кои ги видовме на 24 декември на нашите телевизиски екрани, нема да се повторат. И дека постои напор од политичките лидери на сите партии да направат сè што можат за да ја научат лекцијата од 24 декември, вели британскиот амбасадор Кристофер Ивон во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Какви се вашите очекувања од октомврискиот извештај на Европската унија за напредокот на нашата земја?

На почетокот, ви благодарам многу што сум дел од вашата програма. Обединетото Кралство не е автор на годишниот извештај за напредок. Тоа е задача за која Европската комисија има мандат и треба да ја спроведе. Затоа за мене е многу тешко да шпекулирам за детали од извештајот. Мислам дека како и во претходните години и годинава ќе биде точен, фер и балансиран и во однос на областите каде бил постигнат напредок во изминатите години, но и во однос на оние области каде се бара натомошен напредок со цел да се докаже посветеноста кон европските стандарди.

Извештајот ќе го почекаме, но сепак може ли да претпоставите кои би биле областите кои ќе бидат критикувани?

Мислам дека во изминатите години извештајот за напредокот беше балансиран. Мислам дека би било невообичаено за ваков извештај да не посочува области на кои им треба натамошен развој. На нив не треба да се гледа како на критика или неуспех, туку како на области на кои треба повеќе да се работи. На пример политичкиот дијалог беше споменуван во претходните извештаи, го споменавте 24 декември, на некој начин мислам дека месеците веднаш потоа покажаа дека политичкиот дијалог не беше цврст како што може, како и да е, комисијата за истрага донесе извештај, а напредокот што заврши со формирање на работна група покажува дека постојат области во кои политичкиот дијалог може да функционира успешно. И тоа се тие балансирани проценки кои очекувам да ги видам во извештајот за напредокот.

Една од препораките на Комисијата беше целосно спроведување на мартовскиот договор, што, пак, подразбираше и извештај на комисијата за истрага на настаните од 24 декември. Дали според вас ад-хок комисијата успешно ја заврши својата работа со оглед на тоа што за владејачката партија, иако потпишан, извештајот не е валиден?

Мислам дека клучните работи од извештајот на комисијата се препораките, а целта која јас ја гледам со донесувањето на извештајот е да се осигураме дека настаните кои ги видовме на 24 декември на нашите телевизиски екрани, нема да се повторат. И дека постои напор од политичките лидери на сите партии да направат сè што можат за да ја научат лекцијата од 24 декември. Мислам дека тоа е вистинската цел на извештајот, особено во делот на препораките. Мислам дека она на што треба да се внимава е како тој се спроведува. Извештајот секако го поседуваат политичките партии во Македонија и тој е во интерес на граѓаните на Македонија, но секако таму каде што Британија има право на глас во дискусиите на Европската унија, ќе бидеме многу внимателни како напредува спроведувањето на извештајот. Тоа ќе биде показател за идните извештаи за напредок и нивната содржина, се разбира доколку сè уште ги има.

Реална ли е опасноста за Македонија да ја изгуби препораката за почеток на преговорите со Европската унија?

Се надевам дека тоа нема да се случи. Теоретски е возможно да не се повтори препораката за некоја земја, но не знам за таков случај со некоја земја која минува низ процесот на пристапување. Тоа би било голема работа, досега невидена и се надевам дека Македонија нема да ја видиме во таа категорија. Британија би сакала да види отпочнување на преговорите, го поддржуваме Советот да донесе таква одлука базирана на препораките од 2009 година, така што навистина се надевам дека тоа нема да биде случај со вас.

Како гледате на најавата за можни предвремени избори во земјава, иако опозицијата барем засега категорички ги отфрли?

Не е Британија таа што треба да се меша и да им кажува на другите земји кога треба или не треба да имаат избори. Тоа е работа на политичарите и Парламентот во Македонија. Всушност она што ние го направивме во Британија по изборите во 2010 е тоа што донесовме закон кој го фиксира мандатот на нашиот Парламент, значи ние всушност бегаме од можноста да се има предвремени избори во системот на Обединетото Кралство. Луѓето тука треба да решат колку често треба да се случуваат избори тука, но ако на пример јас бев инвеститор или бизнисмен ќе морав да ги разгледам опциите за стабилност и можни ризици. Знак за стабилност може да биде кога еднаш избрана влада ќе го истера целиот мандат. Мислам дека тоа се прашања за политичарите, но секако дека можам да ги видам придобивките од обидот да се избегнат повторени и чести избори.

Законот за медиуми предизвика многу реакции од домашните медиумски асоцијации, но и од меѓународните организации. Сметате ли дека на земјава ѝ е неопходен таков закон?

Не сум експерт за македонскиот правен систем, така што за мене е многу тешко да кажам дали треба да имате таков закон или не. Мислам дека треба да ги оставиме луѓето тука да одлучат. Една позитивна работа според мене е тоа што ми се чини дека за ова има широка дебата и многу од неа се одвива на отворен начин, како што сум сигурен дека се одвиваат и другите дискусии меѓу претставниците на предлог законот. Позитивно е тоа што тие разговори се отворени за јавноста, но не мислам дека можам да проценам дали законот е неопходен или не. Тоа треба Парламентот да го одлучи. Мислам дека она што е клучно околу овој закон е содржината и како таа ќе биде спроведена. Знам дека многумина не се согласуваат околу тоа како законот ќе биде интерпретиран, но секако тоа не можеме да го знаеме додека тој не биде спроведен. Фокусот на имплементацијата е клучна фаза за кој било закон.

Во тој контекст, каков е вашиот впечаток за слободата на медиумите во Македонија?

Мислам дека таа расте и созрева со текот на времето. Но можам да видам дека исто како и во Велика Британија има времиња или периоди кога луѓето ќе сметаат дека нема слобода на медиумите. Не верувам дека нема слобода на медиумите воопшто, бидејќи во медиумите тука можам да видам различни ставови и простор за многу од нив. Но она што ме загрижува е кога луѓето доаѓаат кај мене, зборуваат за слободата на медиумите. Има постојан критицизам и тоа ми кажува дека кога на една страна ќе го ставите законот, постои потреба од зголемување на јавната доверба во состојбата со медиумите во Македонија.

Кои се вашите очекувања од натамошниот развој на грчко-македонскиот дијалог по последната посета на Нимиц во регионот? Нимиц кажа дека конечно ја разбрал грчката позиција, во Скопје рече дека за Грција не е прифатлив предлогот од април, решение нема, а преговорите продолжуваат...

Прво би сакал да му оддадам признание на Метју Нимиц. Тој е вклучен толку многу години во обидот да им помогне на Грција и на Македонија да најдат решение, тој беше неуморен работејќи го тоа со голем интерес, последната посета добро ги одразува неговите интерес и енергија, па затоа би сакал да му оддадам признание на неговата посветеност да се најде решение. Неговата посета само што се случи и не знам со какви впечатоци тој замина, последниот новинарски извештај што го видов по посетата сугерираше дека решение нема и дека сè уште постои јаз меѓу позициите на Македонија и Грција. Кажав многу одамна, уште од денот кога стигнав тука, дека многу би сакал да видам решение што побрзо, и тоа да биде заеднички прифатливо и под покровителство на Обединетите Нации. Но мора да признаам дека тоа е навистина тешка задача и дека со голема решителност на властите и флексибилност решение може да се најде. И навистина верувам дека решение е можно, но веројатно ќе треба уште многу зборување пред да дојдеме до тоа.

Дали имате впечаток дека недостасува вистинска политичка волја кај двете страни за решавање на овој долгогодишен спор?

Тоа не е нешто што јас со сигурност би го препознал. Гледано зад затворени врати, никогаш нема да знаете колку секоја од страните навистина сака да најде решение. Тоа е тешко да се процени, но во моите разговори и во Атина и Северна Грција и разговорите за време на мојот престој тука, видов вистинска одлучност да се најде решение и верувам во тоа.

Што мислите за предлогот на претседателот Ѓорге Иванов да се одвиваат паралелно двата процеса и преговори за членство во Унијата и преговори за спорот за името?

Мислам дека тоа е возможно. Британија не би имала ништо против тоа, зошто сакаме да ги видиме пристапните преговори отворени, кои би се засновале на исполнети критериуми, а преговорите за името не би требало да го спречат тој процес. Британија нема проблем со тоа, но за да стигнете до таа фаза на отворање на претпристапните преговори, потребно е Советот во целина да ја донесе и прифати таквата одлука. Не можам да кажам дека Советот имал таква дебата досега, досегашните дискусии се однесуваат главно на содржината на извештајот за напредокот, но јасно е дека досега не успеавме да го постигнеме консензусот кој Британија би сакала да го види.

Економската соработка меѓу двете земји не е спорна, сепак дали во оваа прилика би можеле да ни најавите некое ново име на потенцијален британски инвеститор кој би сакал да го вложи својот капитал на македонскиот пазар?

Има голем интерес по посетата на принцот Мајкл од Кент минатата година. Знаеме компании кои се заинтересирани, но повикот се однесува на инвеститорите да го најават тоа, а не јас во нивно име. Многу пошироко би сакал да зборувам за билатералните односи. Годинава се одбележува 20-годишнина од билатералните односи на дипломатско ниво кои беа воспоставени меѓу Обединетото Кралство и Македонија, а тоа значи еден подлабок однос на многу начини. Ако погледнеме последнава година, беше фантастично тоа што многу луѓе можеа да зборуваат повеќе за Обединетото Кралство, да ѝ честитаат на Македонија за нејзината победа над Велс. Но исто така морам да му честитам и на тимот на Шкотска за нивната победа секако. Исто така за прв пат имавме професионален играч на снукер во Македонија, ги зацврстуваме односите и им даваме повеќе форма и содржина. Задоволство е да се види тоа, особено по Олимписките игри минатата година кога имаше многу културни настани. Навистина се обидуваме да дадеме поинаква димензија на односите меѓу двете земји, не само во смисла на бизнисот, туку и за други работи кои Обединетото Кралство може да ги понуди и покаже.

Амбасадоре, која е вашата оценка за меѓуетничките односи во земјава. Одредени експерти и активисти во невладиниот сектор прогнозираат нивно влошување особено ако продолжат несогласувањата во владината коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Кои се вашите информации од теренот?

Бидејќи ги споменавте двете партии во коалицијата, да кажам дека нашето искуство со коалициска влада е од неодамна. Мислам дека треба да се вратиме повеќе од 60 години наназад за да најдеме претходна коалициона Влада во Обединетото Кралство, така што за мене е тешко да дадам проценки за коалициите на другите земји и ќе морам да им ја оставам политиката на политичарите. Но, мислам дека постои вистинска заедничка обврска да работат заедно од она што јас постојано го гледам тука, а луѓето имаат вистинска волја да ги видат бенефитите од мултиетничкото општество. Нешто што секогаш им го кажувам на луѓето за Британија, тоа е дека е потребно многу сила за да има идеален мултиетнички живот и тоа може да биде привлечно за сите оние кои сакаат да почнат со нешто ново или поразлично. И тоа е тоа што Обединетото Кралство го прави. Македонија дефинитивно го има тој потенцијал. Ако луѓето зборуваат повеќе за тоа, мислам дека тоа ќе направи големи разлики. Има тешки одлуки кои треба да се направат на тој пат, на пример јавната администрација е добар пример за таков предизвик. Има дебата за квантитетот на луѓето од другите етнички заедници наспроти системот врз основа на заслуги кога ги гледате само квалитативните аспекти. Тоа се тешки проценки. Важно е да не се изгуби тој квалитет и да не се грижиме само за квантитетот, но јасно е дека Охридскиот рамковен договор игра посебна улога, или ете, рамка е вистинскиот збор, за да се направат некои од тие тешки одлуки.

Неодамна игравте снукер со еден од најдобрите играчи во светот. Дали е ова ваше хоби и како помина натпреварот?

Да, играм снукер. Се обидувам да го правам тоа еднаш неделно, во лига сум со 15 македонски играчи тука. Беше фантастично тоа што еден од моите херои дојде во Македонија, исто како и шансата да играм со него. Жалам што морам да кажам дека потполно ме растури, тој игра феноменално, сепак кога ќе ставите некој кој е меѓу петте прворангирани против некој кој можеби играл 25 години, но сепак не направил голем напредок, значи имам уште многу што да научам. Мислам дека сепак научив некои финти, а најинтересно од сè беше да се видат реакциите на македонските играчи, изразот на нивните лица, нивниот интерес и ентузијазам, тоа беше фантастично.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG