Достапни линкови

Македонија се движи кон дезинтеграција


Македонија е заглавена во минатото и секоја нова статус- кво ситуација на кое било поле ја враќа наназад. Аналитичите не гледаат политичка волја за придвижување напред.

Во недостаток на некаков напредок во евроатланските интеграции, политичката култура и ткивото внатре во државата попуштаат, а тоа пак се одразува на секоја сфера во општеството. Вака политичките аналитичари го објаснуваат она што во последниот период и се случува на земјава. Блокирана работата на комисијата за истрага на настаните од 24 декември, статус кво на проблемот со името, „сеништата на СДСМ кој повторно му прават проблеми на премиерот Никола Груевски“, предлог закон за медиуми кој и покрај бројните забелешки од новинарските асоцијации е на дневен ред во македонското собрание...
Република Македонија е држава која доколку нема интеграциски притисок и политичка волја за движење напред, сама по себе е дезинтегрирана. Најилустративно би било да замислиме дека таа е еден автомобил на узгорнина оставен во лер, ако не ја буткате напред, таа сама по себе оди наназад.
Петар Арсовски, политички аналитичар.

„Република Македонија е држава која доколку нема интеграциски притисок и политичка волја за движење напред, сама по себе е дезинтегрирана. Најилустративно би било да замислиме дека таа е еден автомобил на узгорнина оставен во лер, ако не ја буткате напред, таа сама по себе оди наназад“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Комисијата за истрага на настаните од 24 декември, која засега е блокирана.
Комисијата за истрага на настаните од 24 декември, која засега е блокирана.

И политикологот Едмонд Адеми се согласува дека во изминатите неколку месеци се случуваат работи кои негативно се одразуваат на евроатланската иднина на земјава.
Не само што не одиме напред, туку сме заглавени во минатото од кое тешко дека ќе може да се извлечеме, вели Адеми.

„Македонија е заглавена во минатото, заглавена во една жива кал од која што оваа влада ниту има капацитет, ниту пак сака да ја извлече.“
Македонија е заглавена во минатото, заглавена во една жива кал од која што оваа влада ниту има капацитет, ниту пак сака да ја извлече.
Едмонд Адеми, политиколог.

Главниот проблем е недостигот на политичка волја и култура да се придвижи општеството напред. Состојбата на статус кво за нас значи лизгање наназад, предупредува Арсовски според кој Македонија мора да смогне сили и да исчекори напред кон евроатланските интеграции.

„Евро-атланските интеграции за државата не се само добра козметика тие се суштински столб врз основа на кој нашата држава функционира. Тоа е чекорот што мора да го направиме, без тоа нашата држава би продолжила да се лизга наназад. За секоја година кога се лизнала наназад, ние губиме две, една за да се вратиме таму кадешто сме биле, а потоа уште една за да исчекориме напред.“

Дури и влијанието на меѓународниот фактор не игра зналителна улога врз однесувањето на политичките елити во земјава. Она што треба да се прави е да се има храброст и политичка волја да се надминат актуелните проблеми, сугерира Адеми.

„Секакви манипулации, политички игри, пазарења и игри не држат во калта повеќе и повеќе и доколку вака продолжи ние уште долго време ќе останеме заглавени тука.“

Во меѓувреме пак, за утре е најавена посетата на министерот за надворешни работи Никола Попоски и вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими во Брисел, на Десетиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија. На средбата на која е најавено присуство и на еврокомесарот за проширување Штефан Филе и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, треба да стане збор за исполнувањето на политичките и економските критериуми, финансиската соработка и спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG