Достапни линкови

ЕУ без ембарго за оружје за бунтовниците во Сирија


Европската унија го укина нејзиното ембарго за снабдување на оружје за сиријските бунтовници. Во меѓувреме, ни по вчерашниот состанок меѓу шефовите на дипломатиите на САД и на Русија Џон Кери и Сергеј Лавров не е јасно кога би можело да се одржи предложената мировна конференција за Сирија.

Ембаргото за оружје за сиријските бунтовници на Европската унија завршува на крајот од месецов. Од друга страна, Унијата се согласи за една година да ги продолжи финансиските и економските санкции против режимот на претседателот Башар ал Асад.

Ова се одлуките по 12-часовните разговори на евродипломатите што се одржаа во Брисел.

„Европската унија се согласи да го запре ембаргото за оружје за сиријската опозиција и да ги задржи сите други санкции против сиријскиот режим. Ваков исход посакуваше Британија и мислам дека тој е исправен“, изјави шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг кој сепак прецизираше дека се уште не била донесена никаква одлука за снабдување со оружје на бунтовниците.
Европската унија се согласи да го запре ембаргото за оружје за сиријската опозиција и да ги задржи сите други санкции против сиријскиот режим.
Вилијам Хејг, шеф на британската дипломатиј.а

Тој додаде дека тоа треба да биде силен сигнал до претседателот Асад да почне преговори за крај на двегодишниот конфликт.

За укинувањето на ембаргото беше и Франција додека другите членки беа на став дека таквиот чекор ќе води до поголемо крвопролевање и до опасност оружјето да дојде до рацете на екстремистите.

„Ние не сакаме трка со оружје во Сирија. Ја почитувам одлуката, но не гледам како таа може да донесе мир“, рече шефот на австриската дипломатија Михаел Шпинделегер.

Унијата се обврза да изврши ревизија на нејзината одлука до август годинава.

Ние не сакаме трка со оружје во Сирија. Ја почитувам одлуката, но не гледам како таа може да донесе мир.
Михаел Шпинделегер, шеф на австриската дипломатија.
Во Брисел сметаат дека дотогаш бунтовниците нема да бидат снабдувани со оружје.

Според аналитичарите, станува збор за одлука која има за цел да ги подобри позициите на бунтовниците на мировната конференција спонзорирана од Вашингтон и Москва која треба да се одржи во идниот месец во Женева.

За ова прашање вчера во Париз разговараа министрите за надворешни работи на САД и Русија Џон Кери и Сергеј Лавров.

„Тоа не е лесна задача. Тоа е многу висока цел, но се надевам дека кога САД и Русија преземаат некоја инцијатива таа има шанси на успех. Ќе напарвиме се за да се одржи конференцијата.“

Кери кој ги повтори повиците за формирање на транзициска влада во Сирија во која ќе учествуваат и претставници на бунтовниците и на режимот.

Тој исто така изјави дека Вашингтон и Москва се загрижени за можната употреба на хемиско оружје во Сирија.

„Двајцата ја изразивме заедничката загриженост од потенцијалната употреба на хемиско оружје, како и неопходноста да се дојде до вистински докази за евентуален таков случај. Тогаш Русија и Соединетите Држави ќе реагираат многу, многу силно“, изјави американскиот државен секретар Џон Кери во Париз.

Сиријската влада и бунтовниците меѓусебно се обвинуваат дека досега употребиле хемиско оружје.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG