Достапни линкови

Фото изложба „Две татковини“ на Гордан Ристовски Гого


„Две татковини“ е насловена изложбата на уметничка фотографија на Гордан Ристовски Гого што утревечер ќе биде отворена во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Ќе бидат изложени педесетина дела со мотиви од Швајцарија и од Македонија, а ова му е прва постановка на авторот во родната земја.

Педесетина фотографии селектирани од над 150 снимени во последниве шест години ќе бидат претставени на изложбата на уметничка фотографија на Гордан Ристовски Гого, што од 21 мај до 5 јуни ќе се одржи во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Постановката е насловена „Две татковини“ и нуди мотиви од Швајцарија и од Македонија, а ова му е прва самостојна изложба на авторот во родната земја.

Ако ви кажам дека јас сум најголемиот љубител на моторите можеби нема да ми верувате. Мојата прва љубов е мотоциклизмот. Фотографијата ми е на некое второ место[...], фотографиите се направени во предели што сум ги возел или искачувал на две тркала.
Гордан Ристовски Гого, фотограф.
„Комплетната колекција е голема, некаде над 150 фотографии, но во овој случај се избрани подобрите или поверодостојните и едноставно, сакам на гледачот да му ги претставам моите видувања на двете земји кои што ги носам во срцето.“
Гордан Ристовски Гого, фотограф.
Гордан Ристовски Гого, фотограф.

Ристовски е роден и израснат во Кавадарци. Првите контакти со фотографијата ги имал како дете преку играта со опремата на својот татко, а првите сериозни чекори во осознавањето на тајните на медиумот ги прави во кавадаречката „Народна техника“. Последните десетина години започнува интензивно да се бави со уметничка фотографија спојувајќи го со интересот за возењето моторцикл, така наедно документирајќи ги своите две татковини - Македонија и Швајцарија.
Фотографијата мене ми е хоби и релаксација. Едноставно тоа е моето бегство од секојдневието. Затоа и не сакам да премине во професија и јас да бидам оптоварен од тоа дали сум успеал или не.
Гордан Ристовски Гого, фотограф.

„Ако ви кажам дека јас сум најголемиот љубител на моторите можеби нема да ми верувате. Мојата прва љубов е мотоциклизмот. Фотографијата ми е на некое второ место, а интернет и веб страниците му доаѓаат како некаква моја нужна потреба. Кај мене сето тоа заедно оди. Инаку, вљубеник сум во туристичкиот мотоциклизам, трките никогаш не ме интересирале, а фотографиите се направени во предели што сум ги возел или искачувал на две тркала.“

Иако аматер, тој зад себе има пет самостојни изложби во Швајцарија, во Берн, Цирих, Штанц и Базел, а учествувал и на групни постановки во Ужице, Крагуевац, Бачка Паланка и Нови Сад во соседна Србија. Сепак, Гордан Ристовски потенцира дека нема никаква намера професионално да се бави со овој медиум.

„Фотографијата мене ми е хоби и релаксација. Едноставно тоа е моето бегство од секојдневието. Затоа и не сакам да премине во професија и јас да бидам оптоварен од тоа дали сум успеал или не. Независно од тоа колку пофалби има за она што го работам, јас многу полагодно се чувствувам кога знам дека во овие дела ја вложувам единствено љубовта и потребата да забележам, документирам еден миг од реалноста и од пределот што ме опива со својата убавина.“

Кон ова само уште информациите дека Гого е автор и на воопшто првата интернет страница посветена на градот Кавадарци, а во Швајцарија каде што во последнава декада и половина живее и работи има уште дузина негови сајтови. Сепак, најважно од сè е тоа што Ристовски, по своето дебитантско претставување како уметник во родниот град, е убеден оти во периодот што следува ќе има можност своите дела безусловно да ги сподели со љубителите на фотографијата во земјава.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG