Достапни линкови

Во кампањата за локалните избори никој не ги спомена стечајците


Стечајците продолжуваат да живеат тешко, без минимални услови и средства за егзистенција, а по велигденските празници ќе продолжат со своите активности за да ги потсетат надлежните дека тие постојат.

Локалните избори завршија, а стечајците од кои само во Куманово се десетина илјади, како што вели Љиљана Ѓорѓиевска од Здружението „УНИТ“, биле споменати само во програмата на градоначалникот Зоран Дамјановски. Оваа најранлива категорија граѓани во државава продолжува да живее тешко, без минимални услови и средства за егзистенција, а по велигденските празници ќе продолжат со своите активности за да ги потсетат надлежните дека тие постојат.
Еве во Куманово се помага преку сметки за комуналии, но во другите градови за жал не е така. Во времето на изборите и да бевме на улица ќе бевме незабележливи, а и не сакавме да не поврзуваат со која било политичка партија и ќе немаше никаков ефект.
Љиљана Ѓорѓиевска, Здружение на стечајци „УНИТ“ од Куманово.

„Еве во Куманово се помага преку сметки за комуналии, но во другите градови за жал не е така. Во времето на изборите и да бевме на улица ќе бевме незабележливи, а и не сакавме да не поврзуваат со која било политичка партија и ќе немаше никаков ефект.“
Стечајци во Куманово.
Стечајци во Куманово.

Ѓорѓиевска вели дека протестите ќе бидат активирани и тие нема да отстапат сè до исполнување на нивните барања:

„Да се обесштети оваа категорија на граѓани, поранешни работници кои се избркани од работа не по своја вина. Со целосно право, според членот 32, имаме право на обесштетување, предлог-законот останува, нема измени и нема да се откажеме сè до конечно остварување на нашите права. Нема назад. Сега сме и помасовни, во Куманово ни се придружуваат за жал и вработените во поранешниот Тутунски комбинат и Житомел.“
Апелирам и останатите градоначалници без оглед од која политичка опција се, и тие да помогнат во однос на комуналните давачки. За општината тоа е малку, а за стечајците е многу.
Љиљана Ѓорѓиевска, Здружение на стечајци „УНИТ“ од Куманово.

Според Ѓорѓиевска, во изминатиот период бројката на стечајците во Куманово се намалила за три илјади, но сега повторно се враќа на 10 илјади. Така е и во Скопје и во другите градови.

„Апелирам и останатите градоначалници без оглед од која политичка опција се, и тие да помогнат во однос на комуналните давачки. За општината тоа е малку, а за стечајците е многу“, вели Ѓорѓиевска.

Стечајците одамна не празнуваат, ниту му се радуваат на кој било празник, без оглед дали е државен или верски.

„Исто како и секој ден, без пари, јас со 30 години стаж седам дома, жена ми исто така. Немаме пари ниту леб да купиме и живееме во голема срамота.“

„Како секој ден. Сега да појдеме кај мене немам брашно. Се мислам што денеска ќе правам за леб, со илјада денари социјален надоместок. Жена ми е болна, јас со две операции. Работев во „Водостопанство“ 27 години.“

„Ги поддржувам овие луѓе. Нема врска што сум Албанец. Ако има пари, секој ден има и Велигден и Бајрам. Нема леб да се купи, нема брашно, нема млеко.“

РСЕ: Како беше некогаш?

„Со мерак го чекавме тој ден. Имавме и добри плати и помош од фирма“, велат кумановските стечајци кои секојдневно си ги разменуваат маките во просториите на поранешниот Комитет, каде што постојано се зачленуваат нови и нови поранешни работници.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG