Достапни линкови

По наградата „Виртуози“, Вршкова ќе го свири Теодоракис во Грција


Марија Вршкова, уметницата која се смета дека и даде посебен белег на македонската пијанистичка школа во почетокот на 21 век, е прогласена за „најдобар изведувач“ на првата додела на нововостановената награда „Виртуози“. Се уште видно возбудена од признанието, таа најавува серија на концертни настапи од кои посебно бележит е оној на фестивалот во Волос, соседна Грција, каде ќе свири музика на великанот Микис Теодоракис.

На овој начин на виделина ќе излезат многу нешта врзани за нашата професија бидејќи многу луѓе од јавноста не знаат што правиме и како правиме затоа што не доаѓаат на нашите концерти - вели пијанистката Марија Вршкова, прогласена за „најдобар изведувач“ на саботното доделување на нововостановената награда „Виртуози“ што ја иницираше Сојузот на композитори на Македонија. Таа дополнува дека, како и на сите добитници, и нејзе ова признание и значи многу затоа што доаѓа од еснафот.
Се уште сум возбудена, неможам да кажам не, иако нормално не онака како што бев таа вечер. Наградата навистина ми значи многу затоа што ми е голема подршка од оние колеги кои што последни гласаа, а сите нив бескрајно ги почитувам.
Марија Вршкова, пијанистка.

„Се уште сум возбудена, не можам да кажам не, иако нормално не онака како што бев таа вечер. Наградата навистина ми значи многу затоа што ми е голема поддршка од оние колеги кои што последни гласаа, а сите нив бескрајно ги почитувам.“
Марија Вршкова, пијанистка.
Марија Вршкова, пијанистка.

Вршкова, со години наназад, се смета за една од најдобрите македонски музички уметници што и дале печат на домашната пијанистичка школа во почетокот на 21 век. Родена во Битола, таа дипломирала со највисоката оцена CUM LАUDЕ на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1997, а магистерските студии ги завршува две години подоцна повторно во класата на професор Тодор Светиев.
Како и сите оние кои што беа одбиени од страна на Министерството за култура и јас добив објаснување во кое што е наведено дека премногу мои проекти поминале во рамките на конкурсот за оваа година. Веднаш ќе демантирам затоа што јас имав само еден единствен проект поднесен оваа година, а тоа беше вториот дел на цедето „Македонска музика за пијано“ кое што излезе пред три години и тоа беше одбиено.
Марија Вршкова, пијанистка.

Во текот на образованието добитник е на повеќе награди меѓу кои и третата на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати била единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработувала со врвни диригенти и солисти. Како солист и камерен музичар Марија Вршкова настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија и во САД, а реализирала и преку 50 светски премиерни изведби на дела, не само од македонски туку и од светски автори.

Во контекст на ова македонската уметница, која патем во 2009 година ја доби и наградата за специјално уметничко достигнување од страна на меѓународното жири на манифестацијата „Охридски бисер“, по покана од големиот пијанист Дино Мастројанис, во април годинава патува во соседна Грција каде на Фестивалот во Волос ќе биде дел од интернационален состав кој ќе подготви и ќе ги изведува дела од великанот Микис Теодоракис.

„Навистина мене ми е голема чест што ќе свирам негова музика, дела на авторот кој има пишувано за Олимпијадата во Атина и кој го озвучи филмскиот класик „Гркот Зорба“, а од друга страна со оглед на целата политичка ситуација... Грција - Македонија, па сега македонски музичар оди во Волос и свири грчка музика, ќе се согласите дека тоа не е неинтересно, нели?“

Покрај неколкуте снимени носачи на звук со истакнати македонски уметници како Ана и Олег Контраденко, Блерим Груби и Страшо Темков, Марија Вршкова во 2010 го објави своето прво солистичко издание насловено како „Македонска музика за пијано“. Три години подоцна, продолжението на оваа објава, не се најде на листата на проектите што треба да бидат подржани од Министерството за култура.

„Како и сите оние кои што беа одбиени од страна на Министерството за култура и јас добив објаснување во кое што е наведено дека премногу мои проекти поминале во рамките на конкурсот за оваа година. Веднаш ќе демантирам затоа што јас имав само еден единствен проект поднесен оваа година, а тоа беше вториот дел на цедето „Македонска музика за пијано“ кое што излезе пред три години и тоа беше одбиено. Сите други проекти не се лично мои. За дел од нив сум потпишала согласност за учество, дел од другите колеги кои што ме предложиле во нивните проекти воопшто и не побарале такво нешто од мене, а сепак моето име фигурира таму.“

Кон ова само уште информацијата дека пијанистката и добитничка на наградата „Виртуози“ и годинава ќе биде присутна на манифестацијата Денови на македонска музика, потем со виолинистот Владимир Костов ќе патуваат во Виена каде што ќе одржат концерт на австриско-македонска музика и дека до крајот на 2013 ја очекуваат бројни настапи од кои некој ќе бидат и праизведби на дела.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG