Достапни линкови

Блерим Груби - Помнам многу поарни времиња за уметниците


Со дела на Шуман, Брамс, Вјетан, Пендерецки и Хиндемит, утревечер од 20 часот, во Културно информативниот центар во Скопје, рецитал ќе одржат врвните македонски инструменталисти Блерим Груби на виола и Марија Вршкова на пијано. Овој настап, кој доаѓа по неколкугодишна пауза од нивното заедничко успешно делување, ќе биде искористен за комплетирање на снимките за вториот заеднички носач на звук.

Помнам и поарни времиња за уметниците. Времиња во кои нашиот ангажман како изведувачи беше подобро вреднуван. Од таму сметам дека Министерството за култура треба да направи подобра класификација и пореално да го стимулира она што ние го работиме. Инаку, ако остане вака како што е факт е дека младите уметници, оние што допрва доаѓаат, нема да бидат доволно стимулирани на најдобар начин да го претстават своето творештво.
Имаме ентузијазам што се уште не држи и едноставно си правиме повеќе онака ќеиф на себе си, на она што го свириме, на она што го чувствуваме и тоа што соработуваме.
Блерим Груби, уметник.


Вака ќе го започне своето кажување Блерим Груби, еден од најпознатите наши инструменталисти на виола, во пресрет на рециталот што со долгогодишната соработничка - пијанистката Марија Вршкова, ќе го одржат во Салон 19.19 во Културно-информативниот центар во Скопје. Тој дополнува дека вака останува само да ја следат својата внатрешна потреба за музицирање и некогашниот ентузијазам.

„Имаме ентузијазам што се уште не држи и едноставно си правиме повеќе онака ќеиф на себе си, на она што го свириме, на она што го чувствуваме и тоа што соработуваме.“

Кога нешто работиш и го имаш акумулирано, добро е тоа да се документира. Да остане белег на она што си го создал во тој момент, во тоа време. Ако ништо друго да се преиспиташ себе до каде си бил во одреден период и потем до каде си стигнал. Има уште неколку дела да се доснимат и мислам дека некаде за месец дена би требало конечно да го имаме албумот.
Блерим Груби, уметник.
Роден 1965 година, Груби дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во класата на професор Љубомир Господинов, а специјализирал и повеќе мастер курсеви посетувал во реномираната Академија „Шигиана“ во Сиена, Италија, кај светски познатиот виолист – големиот Јуриј Башмет. Тој цели 13 години бил член на Македонската филхармонија, но паралелно остварува и богата уметничка кариера како солист и камерен музичар настапувајќи во земјите од поранешна Југославија, Албанија, Италија, Германија, Австрија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Јапонија и во САД.

Соработувал со видни диригенти и солисти ( како Крантја, Шурев, Балабурски, Куфојанакис, Хан, Бадивуку, Кастратовиќ...), основач е на Сојузот на албански музички и балетски уметници во Македонија, на ансамблите „Вивенди“ и „Бахус“, трио „Косова“...и работи како редовен професор на Државниот универзитет во Тетово и на Универзитетот во Приштина.

Музичарот вели дека често настапува со различни формации, но дека со време му станало практика барем еднаш во две години да одржи по еден рецитал.

„Ова е нешто посебно. Тука се внимава на деталите. Се работи професионално. Сам себе се водиш во некоја понатамошна перфекција на изведбата.“

За програмата што ќе ја исполнат со Вршкова тој нагласува дека е одбрана врвната литература за виола, дека селектираните дела на Вјетан, Пендерецки и Хиндемит премиерно ќе бидат на овој инструмент изведени кај нас и дека, конечно, концертот ќе го снима Ален Хаџи Стефанов и снимките потем ќе бидат искористени за вториот албум на дуото.

„Кога нешто работиш и го имаш акумулирано, добро е тоа да се документира. Да остане белег на она што си го создал во тој момент, во тоа време. Ако ништо друго да се преиспиташ себе до каде си бил во одреден период и потем до каде си стигнал. Има уште неколку дела да се доснимат и мислам дека некаде за месец дена би требало конечно да го имаме албумот.“

Блерим Груби минатата година, по покана на Универзитетот Коломбо од Париз им одржа мастер класови на тамошните студенти, а за периодот што следува истакнува дека рециталот со Вршкова имаат намера да го свират на уште на неколку сцени во Македонија и во земјите од регионов, за да потем обајцата им се посветат на обврските со студентите и со ансамблите со кои музицираат.
XS
SM
MD
LG