Достапни линкови

Вести

Црвенковски не сака експертска комисија за настаните од 24 декември

Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски го одби предлогот на претседателот Ѓорге Иванов за формирање непартиска експертска комисија за утврдување на фактите за настаните од 24 декември во и пред Собранието и за настаните кои претходеа.

„За жал, Вашиот предлог за формирање „експертска комисија“ за утврдување на фактите го оценуваме како уште еден обид да се одложи соочувањето на актуелната власт со сопственаta одговорност, и затоа за нас е неприфатлив. Ниту на домашната, ниту на меѓународната јавност не им се потребни комисии за да се утврдат фактите, бидејќи снимките со вистината за прекршувањето на процедурите, Деловникот, Законот, Уставот и суспендирањето на парламентарната демократија од страна на власта, веќе го обиколија светот“, се вели во писмото што лидерот на СДСМ му го упати на Иванов.

Црвенковски наведува дека кај опозицијата постои искрена политичка волја заеднички да се утврдат и реализираат сите предуслови за одржување слободни и фер предвремени парламентарни избори, како прв неопходен чекор за нормализирање на односите и враќање на демократијата во земјата.

види ги сите денешни вести

Студенти го блокираа Факултетот за драмски уметности во Белград

Зградата на факултетот за драмски уметности, Белград, Србија
Зградата на факултетот за драмски уметности, Белград, Србија

Во тек е блокада на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ). Студентите кои го блокираа факултетот на 25 ноември, во вторник (26 ноември) во 15 часот ќе ги изнесат своите причини зошто го сториле тоа.

Студентите на ФДУ на 22 ноември се вклучија во акцијата „Застани Србијо!“, кога на Булеварот на уметностите во близина на факултетот се случи инцидент.

Неколку возачи, чии автомобили беа запрени со оваа акција, излегоа и се судрија со толпата.

Здружението на драмски уметници на Србија (УДУС) ги осуди нападите врз студенти и напиша дека на 22 ноември еден студент завршил со повреди во Ургентниот центар.

„Бараме од надлежните органи секогаш кога е загрозено правото на безбедност на нашите граѓани, да ги пронајдат и гонат одговорните лица“, се додава во соопштението.

Со акцијата „Застани Србијо“!, граѓаните во повеќе градови низ Србија со петнаесетминутно молчење им оддадоа почит на загинатите при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Петнаесет минути претставува минута молчење за секој од 15-те луѓе кои загинаа при падот на настрешницата. Акцијата беше синхронизирана во 11:52 часот, симболично во моментот кога се урна бетонската конструкција на настрешницата.

Животот на двајца тешко повредени се уште е во животна опасност, а лекарите се борат за нивниот живот.

Претставниците на власта ја осудија акцијата „Застани Србијо!“, со оценка дека таа е „малтретирање на граѓаните“.

Тринаесет лица се уапсени поради основано сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата од зградата на железничката станица во Нови Сад.

Меѓу уапсените се и четворица владини функционери - министерот за градежништво во оставка Горан Весиќ и членката на неговиот кабинет задолжена за железници Анита Димоски.

Покрај нив, уапсени се и Јелена Танасковиќ, поранешната директорка на „Српска железничка инфраструктура“ и нејзиниот претходник на чело на тоа јавно претпријатие Небојша Шурлан.

Британските пратеници гласаат за закон за забрана за продажба на електронски цигари кои таргетираат млади

илустрација
илустрација

Членовите на парламентот на Обединетото Кралство треба да гласаат за законот за пушење тутун и електронски цигари (вејп), кој на децата и младите ќе им ја даде потребната заштита за да „избегнат доживотен затвор поради зависноста“, рече министерот за здравство на Велика Бријатнија, Вес Стритинг. Тој предупреди дека бројот на деца кои пушат електронски цигари со различни вкусови „расте со алармантна брзина“ и дека е „неприфатливо“ вајповите да се таргетираат кон деца нудејќи им вкусови како „гумено мече и виножитото."

Предлог-законот ги спречува сите деца родени по 1 јануари 2009 година да пушат до возраста на која може да се купи тутун.

Законодавството вклучува целосна забрана за рекламирање и спонзорство, вклучувајќи места кои ги гледаат деца и млади луѓе, како што се реклами во автобуси, кина и во продавници усогласувајќи ги со сегашните ограничувања за тутунот.

Вејповите за еднократна употреба ќе бидат забранети од јуни 2025 година според посебно законодавство за заштита на животната средина, додека продажбата на вејпови во автоматите и нивната бесплатна дистрибуција ќе биде стопирана.

„Бројот на деца што пушат вакви цигари расте со алармантна брзина и, без итна интервенција, ќе имаме генерација на деца со долготрајна зависност. Неприфатливо е овие штетните производи намерно да се насочени кон деца со пакување во светли бои и со вкусови како што се „гуменото мече“ и „распрснување на виножитото. Затоа е неверојатно важно да се гласа“, рече Стритинг.

Како дел од мерките насочени кон продолжување на поддршката на пушачите да се откажат од пушењето, Владата на ОК ќе обезбеди 70 милиони фунти (87,7 милиони американски долари) за услуги за откажување од пушење, соопшти Министерството за здравство.

Трамп најави воведување царини за производи од Кина, Канада и Мексико

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе огромни нови царини за производи од Мексико, Канада и Кина штом ќе ја преземе функцијата, како дел од напорите за сузбивање на илегалната имиграција и трговијата со дрога.

Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека на 20 јануари ќе ги потпише сите потребни документи за воведување царина од 25 отсто за сите производи од Мексико и Канада што се увезуваат во САД и царина од 10 отсто за производите од Кина.

Тој додаде дека новите царини ќе останат во сила „додека не се искорени дрогата, особено фентанилот“, како и илегалните имигранти.

Инаку американскиот претседател Џо Бајден се состана со кинескиот претседател Си Џинпинг на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC) во Перу пред нешто повеќе од една недела. Таму, Си го уверил Бајден дека Пекинг е подготвен да работи со новата американска администрација под Трамп.

За време на неговиот прв мандат на функцијата помеѓу 2017 и 2021 година, Трамп зазеде тврд став кон Кина, наметнувајќи давачки за кинескиот увоз како дел од неговата политика „Америка на прво место“. Кина одговори со некои контрамерки, како што е контролата на извозот на клучните суровини, но набљудувачите велат дека сега е подобро подготвена доколку Трамп го исполни своето предизборно ветување дека ќе воведе далекусежни нови царини за стоки од Кина.

Бајден, кој го наследи Трамп во Белата куќа, исто така, го прифати протекционизмот.

НАТО и Украина ќе разговараат по нападот со новата руска ракета

Знамиња на НАТО и Украина (илустрација)
Знамиња на НАТО и Украина (илустрација)

Амбасадорите на Украина и 32-те членки на НАТО денеска во Брисел ќе имаат состанок по руското истрелување минатата недела на експериментална хиперсонична ракета со среден дострел.

Русија во четвртокот изврши напад врз украинскиот град Днепар за кој претседателот Владимир Путин рече дека е тест на нивната нова ракета „Орешник“.

Путин рече дека ракетниот напад е одговор на тоа што Украина испука оружје доставено од САД и Велика Британија во Русија.

Состанокот „дава можност да се разговара за актуелната безбедносна ситуација во Украина и ќе вклучи брифинзи од украинските власти преку видео врска“, изјави претставник на НАТО.

Ескалацијата на тензиите околу Украина доаѓа кога се поставуваат прашања за иднината на поддршката на Западот по реизборот на Доналд Трамп во главната сила на НАТО, САД. Трамп фрли сомнеж во одржувањето на огромната воена помош на Вашингтон за Киев и вети брз договор за ставање крај на војната.

Русин претепан во притвор од синот на Кадиров доби 13 и пол години затвор

Никита Журавел
Никита Журавел

Никита Журавел, руски политички затвореник кој беше претепан од синот тинејџер на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров додека беше во притвор, е осуден на 13 и пол години затвор за велепредавство.

Регионалниот суд во Волгоград на 25 ноември го осуди 20-годишниот Журавел откако го прогласи за виновен за испраќање видео на претставник на Украинската служба за безбедност (СБУ), во кое наводно имало снимки од воена опрема што се транспортира со воз, слики од воени авиони и детали за движењето на сервисното возило.

Журавел веќе отслужува затворска казна од 3 и пол години, изречена од судот во Чеченија во февруари, откако беше осуден за хулиганство за јавно палење на Куранот во неговиот роден град Волгоград.

Тој е осуден и на 300 часа општествено корисна работа поради навреда на верските верници.

Веднаш не беше јасно дали казните ќе се служат истовремено или последователно.

За време на судењето, Журавел ѝ се извини на муслиманската заедница, признавајќи ги своите постапки, но тврдеше дека немал намера да некого да навреди.

Случајот привлече големо внимание кога беше откриено дека додека Журавел бил во притвор во Чеченија, бил нападнат од Адам Кадиров, тогаш 15-годишниот син на Рамзан Кадиров.

Снимката од нападот во затвор беше споделена на социјалните мрежи од постариот Кадиров, што предизвика гнев во јавноста.

И покрај тоа органите на редот во Чеченија одбија да продолжат со кривична истрага, наведувајќи како причина недостаток на докази.

Кадиров ги бранеше постапките на неговиот син, јавно изјавувајќи дека ќе беше подобро ако неговиот син го убил Журавел.

На Адам Кадиров подоцна му беше доделена титулата „Херој на Република Чеченија“, највисоката чест во регионот и доби дополнителни признанија од неколку руски региони.

Групата за човекови права Меморијал го призна Журавел како политички затвореник.
Организацијата, исто така, го осуди насилството кое Журавел го претрпе во притвор како сериозно законско прекршување.

Закажана седница за разрешување на градоначалникот на Нови Сад

Србија- Акцијата „Булеварот на крвави раце“ во Нови Сад поради уривање на бетонската настрешница на Железничката станица, 24 ноември 2024 година.
Србија- Акцијата „Булеварот на крвави раце“ во Нови Сад поради уривање на бетонската настрешница на Железничката станица, 24 ноември 2024 година.

На трети декември е закажана седница на градското собрание на Нови Сад на која ќе се расправа за разрешувањето на градоначалникот Милан Ѓуриќ, поради падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноемврии при што загинаа 15 лица, а уште две лица се тешко повредени.

Опозицијата, активисти и граѓани на протести бараат оставка од Ѓуриќ.

Опозицијата во градското собрание на Нови Сад смета дека Ѓуриќ има политичка одговорност за трагедијата на Железничката станица.

Во рамки на истрагата за уривањето на настрешницата, тринаесет лица се во притвор. Меѓу нив се министерот за градежништво во оставка, Горан Весиќ, поранешниот директор на српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан и актуелната директорка во оставка, Јелена Танасковиќ.

На 25 ноември се случија и турканици и тепачки меѓу пратениците на власта и опозицијата и во српското Собрание. Пратениците од опозицијата претходно најавија дека ќе ја блокираат работата на Собранието бидејќи претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, го одби нивното барање да се закаже седница на која ќе се расправа за гласање недоверба на Владата, по несреќата на железничката станица во Нови Сад.

Опозицијата бара разрешување на премиерот Милош Вучевиќ, како и утврдување политичка и кривична одговорност за несреќата.

Во меѓувреме, во Нови Сад и во Белград се одржаа неколку протести под паролите „Рацете ви се крвави“ и „Корупцијата убива“, од кои најголемиот беше одржан во Нови Сад на 5 ноември, кога по уривањето пред Градското собрание неколку активисти беа уапсени, од кои некои се уште се во притвор.

Опозициските политичари и активисти бараат ослободување на уапсените, обвинувајќи дека зад демолирањето стоеле „упаднатите елементи“, а бараат и апсење на сите одговорни за несреќата и откривање на сите тајни договори за реконструкција на Железничката станица.

Новинарот на РСЕ Андреј Кузнечик веќе три години е во белоруски затвор

Белорусија- Андреј Кузнечик, новинар на РСЕ, септември 2018 година.
Белорусија- Андреј Кузнечик, новинар на РСЕ, септември 2018 година.

Новинарот на РСЕ, Андреј Кузнечик, на 25 ноември ја одбележа третата година во затвор под обвинение што тој, неговиот работодавач и организациите за човекови права ги нарекуваат политички мотивирани.

Кузнечик, татко на две деца, беше уапсен на 25 ноември 2021 година и првично беше осуден на 10 дена затвор поради обвиненијата за хулиганство, што тој ги отфрли.

По издржувањето на казната, Кузнечик не беше ослободен, туку беше обвинет за создавање екстремистичка група, потег што властите со месеци не им го открија на роднините и колегите на Кузнечик.

На 8 јуни 2022 година, регионалниот суд во Махиљу на истокот на земјата го прогласи Кузнечик за виновен и го осуди на шест години затвор. Судењето траеше само еден ден.

Групите за човекови права во Белорусија го сметаат Кузнечик, кој работи за Белоруската служба на Радио Слободна Европа (РСЕ), локално познато како Радио Свабода, за политички затвореник.

Кузнечик и околу 150 други белоруски политички затвореници, вклучително и друг новинар на РСЕ, Ихар Лосик, и поранешниот потенцијален претседателски кандидат Виктар Бабарика, отслужуваат казни во истиот затвор во северниот град Наваполатск.

Објектот е познат како еден од најрестриктивните казнено-поправни установи во Белорусија.

Белоруските власти почнаа да испраќаат политички затвореници во овој затвор во 2010 година.

Откако спорните претседателски избори во август 2020 година предизвикаа масовни протести поради победата на авторитарниот владетел Александар Лукашенко, десетици илјади Белоруси беа уапсени поради изразување какво било несогласување против режимот.

Многу западни влади одбија да ги признаат резултатите од изборите и не го сметаат Лукашенко за легитимен лидер на земјата.

Шест деца меѓу жртвите во потонат брод со мигранти близу Грција

Грчки хеликоптер бара преживеани во бродоломот на брод со мигранти во близина на островот Самос, 25 ноември 2024 година.
Грчки хеликоптер бара преживеани во бродоломот на брод со мигранти во близина на островот Самос, 25 ноември 2024 година.

Најмалку осум лица, шест деца и двајца возрасни, загинаа кога мал брод со мигранти потона во близина на брегот на грчкиот остров Самос, објавија грчки официјални лица.

На карпестиот брег се пронајдени 36 преживеани, додека претходно биле спасени уште три лица. Националноста на луѓето во бродот не е позната, јави агенцијата АП.

Во спасувачката операција што уште е во тек, учествуваат патролен чамец, чамец за спасување, поморски брод, хеликоптер и копнени екипи.

Грчкиот министер за миграција, Никос Панајотопулос, го осуди инцидентот и вети построги мерки против организираните групи за криумчарење мигранти.

„Бродот во Самос, со загубата на осум невини животи, меѓу кои и шест деца, не исполнува со тага и гнев. Бескрупулозните криминалци кои тргуваат со човечки животи ќе се соочат со нашата решеност да го искорениме она што го прават“, изјави Панајотопулос.

Самос и другите острови во источниот дел на Егејското Море служат како клучни транзитни точки за мигрантите кои илегално влегуваат во Европската унија од блискиот турски брег.

Според Обединетите нации, повеќе од 54.000 луѓе илегално влегле во Грција по море или копно досега оваа година. Повеќето пристигнуваат со мали чамци од Турција, иако е зголемен бројот на медитеранските премини од Либија, кој е подолг и поризичен пат.

Во текот на 2023 година во Грција илегално пристигнале речиси 49.000 луѓе.

Велика Британија санкционира уште 30 бродови на руската „флота во сенка“

Еден од руските танкери за нафта кои се под санкции поради руската инвазија на Украина, 10 јуни 2024 година.
Еден од руските танкери за нафта кои се под санкции поради руската инвазија на Украина, 10 јуни 2024 година.

Велика Британија објави санкции за 30 бродови за кои смета дека се дел од руската „флота во сенка“, со што вкупниот број достигна 73 пловила под санкции на Велика Британија.

Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, рече дека ова е досега најголем пакет санкции на Велика Британија против танкери и товарни бродови што ги користи Москва за да ги заобиколи извозните и нафтените ембарга за финансирање на војната против Украина.

Новите ограничувања од Велика Британија го надминуваат бројот на бродови кои моментално се цел на САД (39) и на Европската унија (19).

Бродовите, кои носат руска нафта и бензин, но пловат под знамето на друга земја, му дозволуваат на Кремљ да продолжи да извезува и покрај санкциите.

Половина од бродовите погодени од најновите санкции превезле повеќе од 4,3 милијарди долари нафта и нафтени деривати во 2023 година, се вели во соопштението на британската канцеларија за надворешни работи, Комонвелт и развој (ФЦДО).

Велика Британија, исто така, воведе санкции за две осигурителни компании кои ги обвини дека ја олеснуваат руската таканаречена „флота на духови“ и нејзините операции под сомнителна сопственост или без соодветно осигурување.

Со цел да се заобиколи најстрогиот пакет нафтени санкции што го воведоа западните земји, во 2022 година, според светските медиуми, Русија купила голем број стари танкери за да продолжи да испорачува нафта, која останува нејзиниот главен извор на приходи и клучно за финансирање на инвазијата врз Украина.

Комплетиран новиот состав на Комисијата за помилување

Вила Водно
Вила Водно

Комплетиран е новиот состав на Комисијата за помилување, а за утре е предвидено да се одржи првата конститутивна седница, брифираа од Кабинетот на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска - Давкова.

Претседателка на Комисијата е д-р Милка Ристова, пензионирана судијка од Врховниот суд.

Членови на Комисијата се и проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.

Претходниот состав на Комисијата која беше конституирана кон крајот на јули си поднесе колективна остаква, откако дел од помилувањата објавени за 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба предизвикаа реакции во јавноста поради некои имиња кои се најдоа на листата. Таков е случајот со затвореникот А.Р. кој по помилувањето беше пуштен од затворот „Идризово“ на условна казна, каде издржуваше казна од една година и три месеци заради нелегално поседување на оружје. Веднаш потоа беше уапсен како осомничен за обид за убиство во скопски Чаир, инцидент што се случил десетина дена пред помилувањето.

Во претходниот состав на Комисијата за помилување беа професорите Гордан Калајџиев, Методија Каневчев, Арлинда Кадри Шахиновиќ, др. Зора Митиќ, М-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG