Достапни линкови

Коле Манев со изложба и монографија на македонски, англиски и француски јазик


Отворањето на новата ликовна изложба на познатиот македонски сликар Коле Манев.
Отворањето на новата ликовна изложба на познатиот македонски сликар Коле Манев.

Дваесет и девет дела од истакнатиот македонски уметник Коле Манев, до 30 ноември, ќе бидат изложени во Мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ во Скопје.

„Коле Манев остана доследен во одбирот на темите, преку кои го пресликува животот на откорнатиците, на луѓето раштркани низ светот, духовно осакатени, во кои копка немирот по детството и по згаснатото огниште. Оттука и нагласениот неспокој и тага во очите на неговите ликови, оставени на крстопат во осамата на ноќта да водат дијалог честопати и со долгата и траорна тишина“. Ова ќе го забележи писателот Раде Силјан на отворањето на новата ликовна изложба на познатиот македонски сликар Коле Манев, на која во Мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ авторот на публиката и претстави 29 дела настанати во последниве седум месеци во Лазарополе.
Цртежот е полежерен, колоритот подинамичен. Не присуствува атмосферата од поранешните слики со драматика, со сивило. И овде се чувствува драматичност, спокој – неспокој, но во малку поинакво посмирено ликовно издание.
Коле Манев, уметник.

За нив тој истакнува дека тематски остануваат блиски до она што е негова трајна преокупација во творештвото – човекот, но дека овојпат има значителни измени во однос на колоритот и на цртежот.

„Цртежот е полежерен, колоритот подинамичен. Не присуствува атмосферата од поранешните слики со драматика, со сивило. И овде се чувствува драматичност, спокој – неспокој, но во малку поинакво посмирено ликовно издание.“
Коле Манев, уметник.
Коле Манев, уметник.

Роден 1941 година во Бапчор, Костурско, Манев е познат македонски сликар и филмски работник од областа на документаристиката. Училиште за применета уметност завршил во Скопје, потем студирал на Ликовната академија во Белград, извесен период претстојувал во Париз и оттаму заминал за Прага, каде што посетувал предавања за анимиран филм.
Коле Манев остана доследен во одбирот на темите, преку кои го пресликува животот на откорнатиците, на луѓето раштркани низ светот, духовно осакатени, во кои копка немирот по детството и по згаснатото огниште. Оттука и нагласениот неспокој и тага во очите на неговите ликови, оставени на крстопат во осамата на ноќта да водат дијалог честопати и со долгата и траорна тишина.
Раде Силјан, писател.

Тој зад себе има повеќе самостојни и групни изложби во Македонија, во Франција, како и во балканските земји, а за своето творештво добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство.

Неговите портрети на Јован Кукузел, на Григор Прличев, Блаже Коневски, Славко Јаневски, Анте Поповски и Петре М. Андреевски, спаѓаат во редот на антологиските остварувања на нашето национално сликарство, а признати писатели, критичари и естетичари меѓу кои Паскал Гилевски, Георги Старделов, Владимир Величковски и Василис Папас ( поет и ликовен критичар од Воден) за творечкиот опус на Манев ќе забележат дека претставува „автохтоно дело во современите текови на македонската ликовна уметност“.

Од друга страна, уметникот кој има снимено бројни документарни емисии и филмови и чиј „Тулгеш“ спаѓа во редот на најдобрите остварувања во македонската кинематографија, знае да забележи дека иако тој не ја тргнал на страна седмата уметност и во последнава декада има напишано дури шест сценарија, некако се чувствува како да е заборавен од атмосферата која владее во оваа област кај нас.

„Имам напишано шест сценарија за долгометражен игран филм. За жал четири од нив ги дадов во Филмскиот фонд и сите четири се одбиени. Преостанатите две ги преведов и ги дадов на француски продуценти. Од една од продуцентските куќи добив повратен одговор дека нивната програма за наредните години е преполнета...но добро е тоа што сепак се јавија, за разлика од кај нас. Овде кога ќе конкурирате со сценарио, кое бара пет месеци или година дена труд, не се наоѓа за потребно да ве информираат дека не е прифатено. Дури не мора да образлагаат зошто е тоа така, туку нека ви понудат некаков учтив одговор за условна идна соработка.“

Сепак, Коле Манев потенцира дека нималку не помислува да се откаже од филмот, а до реализацијата на некое свое идно сценарио ќе остане со сликарската четка „да трага по асоцијативните форми, колорит и белези кои потсетуваат на нашите фрески и икони...“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG